Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Субвенционираме обука за полагање за возачка дозвола

Општина Кисела Вода за првпат воведува субвенции за младите, со цел да им помогне во стекнувањето на возачка дозвола од Б категорија. Оваа финансиска поддршка, во висина од 10.000 денари, е наменета за сите матуранти од генерацијата 2025 година кои ќе се запишат или веќе се запишале на обука за теоретски и практичен дел во некоја од лиценцираните автошколи, почнувајќи од 1 јануари 2025 година, извести општината.
Обезбедувањето возачка дозвола претставува значаен чекор кон поголема самостојност, мобилност и конкурентност на младите на пазарот на трудот. Преку оваа мерка, општина Кисела Вода не само што ја олеснува финансиската тежина врз нивните семејства, туку и поттикнува безбедно и законско учество во сообраќајот, велат од општината.
За да ја искористат оваа можност, младите треба да бидат жители на општина Кисела Вода и да приложат потврда дека следат последна година од своето средно образование. Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на предвидените средства во општинскиот буџет, кои изнесуваат 4 милиони денари.
– Како локална самоуправа, постојано работиме на мерки што директно им помагаат на младите, а оваа субвенција е еден од начините да го олесниме нивниот пат кон возачката дозвола. Сакаме да ги мотивираме да се стекнат со потребните знаења и вештини, но истовремено да ја подигнеме свеста за сообраќајната култура и безбедност. Возењето без соодветна обука и дозвола носи огромни ризици, како за самите возачи, така и за сите учесници во сообраќајот. Со оваа финансиска поддршка од 10.000 денари, испраќаме јасна порака – младите треба да се вклучат во сообраќајот на безбеден, одговорен и законски начин. Веруваме дека оваа мерка ќе им помогне, но и ќе придонесе за поголема безбедност на нашите улици – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Критериумите и сите дополнителни информации се достапни на веб страницатаа на Општина Кисела Вода кеде што е поставен јавниот повик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.