Европа
Кремљ: Американските преговарачи се на пат, одредени информации ѝ се доставени на Русија

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека американските преговарачи се на пат за Москва.
„Точно е дека американските преговарачи се на пат и точно е дека се планираат контакти. Да не брзаме, ќе ви кажеме подоцна“, рече Песков.
„Веќе е остварен контакт – имаше телефонски разговор меѓу американскиот советник за национална безбедност, Мајк Валц, и советникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков. Одредени информации ѝ се доставени на Русија“, додаде тој.
Песков не потврди дека Русија им дала на САД список со барања за договор со Украина. Ова претходно го објави новинската агенција „Ројтерс“ цитирајќи две лица запознаени со ова прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Корупциски скандал во Брисел, „Хуавеј“ осомничен за поткуп на европратеници

Кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ е во центарот на новиот случај на корупција во Брисел. Денеска, белгиската полиција изврши претрес во домовите на неговите лобисти, откриваат Follow the Money и нивните медиумски партнери Le Soir и Knack.
Властите се сомневаат дека лобистите на „Хуавеј“ им дале мито на членовите на Европскиот парламент во замена за поддршка на нивната кауза во Европската Унија. Речиси 15 поранешни и сегашни пратеници се на радарот на истражителите, се дознава.
Во раните утрински часови белгиската федерална полиција изврши претрес во канцеларијата на „Хуавеј“ во ЕУ и во домовите на лобистите за кинеската технолошка компанија под сомнение за поткуп, фалсификување, перење пари и злосторничко здружување, изјавија луѓе блиски до истрагата за Follow the Money и белгиските медиуми Le Soir и Knack.
Вкупно 21 локација во Брисел, Фландрија, Валонија и во Португалија беа претресени како дел од широката истрага за корупција. Запленети се повеќе документи и предмети, но не се извршени претреси во Европскиот парламент.
Полицијата бара докази дека претставници на кинеска компанија го прекршиле законот при лобирање кај членовите на Европскиот парламент (ЕП), велат извори. Рациите во зората беа дел од истрагата на тајната полиција, која почна пред речиси две години по дојава од белгиската тајна служба.
Според еден извор близок до случајот, „петнаесетина (поранешни) пратеници се на радарот“ на истражителите. За сегашните европратеници, белгиските обвинители ќе мора да побараат од Европскиот парламент да им го укине имунитетот за да може да истражат понатаму. Такво барање сѐ уште не е поднесено, велат изворите.
Канцеларијата на белгиското федерално обвинителство потврди дека неколку лица биле испрашани. Тие ќе бидат сослушани за нивната наводна вмешаност во практики на поткуп во Европскиот парламент и за фалсификување и употреба на фалсификувани документи. Се претпоставува дека делата ги извршила криминална организација.
Европа
Русија: Ја ослободивме Суџа

Руските војници во изминатите 24 часа го ослободија градот Суџа и уште две населени места во пограничниот регион Курск, соопшти утринава руското Министерство за одбрана.
„Единиците на борбената група Север ги ослободија Меловои, Подол и Суџа во офанзивни операции“, се вели во соопштението на Министерството.
Европа
„Укринформ“: Студентите на Крим принудени да донираат крв за руската војска

Во окупираниот Крим, Русите ги принудуваат студентите по медицина да даруваат крв за руската армија, објави на Телеграм движењето на отпорот Жолта лента, а пренесува Укринформ.
„Активистите од движењето Жолта лента известуваат дека, иако официјално станува збор за ‘доброволна акција’, студентите и професорите се принудени да се регистрираат како донатори“, се вели во соопштението.
Забележано е дека на студентите им се ветуваат дополнителни поени за редовно дарување крв на руските вооружени сили во текот на целата година.
Како што објави Укринформ во февруари, на Државниот поморски технички универзитет Керч на привремено окупираниот Крим, студентите се принудени да се пријават за воена служба за да добијат стипендија, дознава Центарот за национален отпор.
„На Државниот поморски технички универзитет Керч, окупационите власти воведоа нова процедура за исплата на стипендии. Затоа, студентите ќе добијат финансиска поддршка само доколку се регистрирани за таканаречената воена служба“, се вели во извештајот.
Се нагласува дека овој потег е уште еден обид за насилна милитаризација на младите на привремено окупираните територии и грубо ги крши меѓународните норми за човекови права.
Централната воена комисија потсети дека присилното регрутирање на цивили во воена служба на окупираните територии е во спротивност со Женевската конвенција, која забранува државата окупатор да принудува поединци да служат во нејзините вооружени сили. „Ваквите постапки на окупаторските власти не само што се незаконски, туку и неморални, бидејќи ги загрозуваат животите и иднината на младата популација“, додаваат од центарот.