Македонија
Жртвите на сексуално насилство ќе може да побараат помош и без да пријават во полиција силување или обид за силување
Сервисите за помош и поддршка на жртвите на сексуално насилство, кои сега се достапни само за жртвите откога ќе го пријават силувањето или обидот за силување, помош и поддршка ќе може да добијат и без да го сторат тоа. Работна група од Министерството за здравство во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство ќе ја унапредува стандардната оперативна процедура за центрите за жртви на сексуално насилство, формирани 2018 година во Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје и во општите болници во Куманово и во Тетово.
„За воопшто жртвата да добие каква било услуга, насилникот мора да биде пријавен во полиција. Тоа го бара нашето законодавство. Постојната легислатива бара секоја форма на насилство, особено оние што се гонат по службена должност, да бидат пријавени. Тоа е нешто што мора да се смени затоа што ние ја ставаме жртвата во позиција, во моментот откако таа го проживеала насилството, ете се охрабрила, дошла да побара помош, т.е. ја ставаме во ситуација или ќе пријавиш во полиција за да ти бидат земени докази или доказите ќе бидат изгубени и потоа нема да има можност за пријава“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Новата постапка, која ќе треба да ја следат центрите за помош на жртвите на семејно насилство, ќе ѝ дозволи на жртвата сама да одлучи дали, кога и кои постапки да бидат поведени против насилникот, а помошта да ѝ биде на располагање.
„Самата постапка дека жртвата е принудена веднаш да пријави во органите на прогонот е спротивна од сите стандарди и тука комитетот ‘Гревио’, кој ја следи имплементацијата на Истанбулската конвенција, изрази загриженост и затоа сме денеска тука. Да ја приспособиме оваа стандардна оперативна процедура за сите сервиси што ги нудат центрите да ѝ бидат овозможени на жртвата и да ѝ се остави простор, вклучително и собирањето на доказите, таа самата да донесе одлука дали и кога ќе пријави во полиција, обвинителство и така натаму. Праксата од другите земји покажува дека доказите се собираат и до две години ѝ се остава простор на жртвата таа да одлучи дали ќе поведе постапка против сторителот. Тоа е нешто што ние во моментот го немаме како стандард“, рече Неда Чаловска-Димовска, консултантка за анализата на стандардната оперативна процедура што ја користат центрите за жртви на сексуално насилство.
Ставот на Националната мрежа против насилството е дека сексуалното насилство е едно од најмалку пријавуваните форми на насилство во нашата држава. Досегашното искуство покажало дека годишно по 50-60 жени во секој од трите центри се охрабриле да пријават сексуално насилство, што, според анализата на ОБСЕ, е само 2 отсто од реалната бројка на жртви на сексуално насилство во земјата.
„Ако земеме дека овие 50-60 жртви во секој центар се само 2 процента од реалната бројка, тогаш веќе станува збор за една многу голема бројка на жени, девојки и малолетни жртви, кои имаат потреба од овој тип на помош, а немаат каде да ја побараат. Идејата е центарот да обезбеди психолошка поддршка, правна помош, да ги собере доказите што се потребни понатаму за кривично гоење на сторителот и да ја обезбеди онаа првична, кризна интервенција и кризна помош, која ѝ е потребна на жртвата откога ќе го доживее насилството“, рече Димушевска.
Таа нагласи дека сексуалното насилство кај нас сѐ уште е табу-тема, а воопшто неискористена е формата силување во брак, кое со измените на Кривичниот законик пред две години е препознаено како сексуално насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

