Македонија
Корумпираните судии и обвинители ги штитат тендер-партнерите на СДС, ДУИ и на мазут-мафијата, која го труела народот, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Обвинителите и судиите избрани во Мала Речица и Бихаќка го штитат криминалот на функционерите од СДС и ДУИ и мазут мафијата која користела канцероген мазут и го труела народот поради екстра профит. Трансакциони судии и обвинители избрани во Струмица и Зајас ги штитат политичките елити и моќниците од бизнис фелата, кои преку набавка на мазут за електрани и ТЕЦ Неготино сториле криминал тежок 167 милиони.
Тендер партнерите на СДС и ДУИ го труеле народот со канцероген мазут, а мазут мафијата изминатите пет години склучила вкупно 1776 договори за јавни набавки во вкупен износ од 137 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, мазут мафијата, додека го труела народот со канцероген мазут, екстра профитирала од криминално злоупотребените државни пари.
„Судскиот систем ги заштитува функционерите од СДС и ДУИ и не дозволува законите да функционираат еднакво за сите, а поради таквите одлуки довербата во правосудството е два проценти. Спрегата правосудство- СДС- ДУИ и мазут мафијата, мора да се прекине. Неопходни се суштински реформи во судскиот систем, владеење на правото и правдата мора да функционира. Неопходно е да се врати довербата на граѓаните во институциите“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Бискупот Стојанов упати честитки до папата Лав XIV: Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата

Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов упати писмо со честитки до новиот папа Лав XIV.
„Со голема радост и синовска љубов ја примив веста за Вашиот избор за Петров наследник и Пастир на Универзалната Црква. Од името на верниот Божји народ на Католичката Црква во Македонија, свештенството и монаштвото, како и од мое лично име, Ви го честитам изборот и воедно благодарам што ја прифативте оваа одговорна и света служба, свесни за сите предизвици со кои се соочува Христовата Црква.
Сигурен сум дека со мудроста што Ви е дарувана преку Вашето мисионерско искуство, пасторалната грижа и верноста кон Евангелието, водени од Светиот Дух ќе управувате со коработ Петров – Црквата, низ немирното море, за доброто на целиот Божји народ.
Од Македонија, портата од каде што Свети Павле го пренесе христијанството низ цела Европа, од просторите од каде што потекнуваат светите браќа Кирил и Методиј и од родниот град на света Мајка Тереза, Ви ја ветувам мојата лична молитва, како и молитвите на целиот Божји народ во Македонија, со желби Вашата служба да донесе обнова и зацврстување на верата, единство меѓу христијаните и мир во целиот свет“, напиша бискупот Стојанов.