Македонија
ДУИ: Секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија

„Денес ја одбележуваме четвртата годишнина од потпишувањето на Законот за употреба на јазиците – моментот кога беше заокружен легислативниот дел од Охридскиот рамковен договор, со што албанскиот јазик го доби заслуженото место во нашиот мултиетнички државен систем“, велат од ДУИ.
„Овој закон не беше само правна регулатива, туку историски чин што ја запечати еднаквоста и институционалната стабилност на земјата.
Но, четири години подоцна, анти-Охридските духови повторно се разбудија за да го нападнат најчувствителното прашање, токму таму каде што синџирот е најслаб – во прашањето на јазикот, најсилниот симбол на еднаквоста и меѓуетничката хармонија.
Обидите за доведување во прашање на уставноста на овој закон не се ништо друго освен напад врз самите темели на соживотот и евроатлантската ориентација на земјата.
ДУИ ја смета оваа политички мотивирана интервенција за регресивен чин кој не е насочен кон правда и институционален поредок, туку кон создавање тензии и отворање на старите рани од минатото.
Секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на Северна Македонија.
Им упатуваме апел на сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици.
ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад. Јазичната еднаквост е неприкосновено право и ќе остане такво“, соопштуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Димитриевски: Комплексот К4 ќе добие повеќе паркинг места, зелени површини и ќе се спречи градба на нови згради!

Кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, најави целосна реконструкција и уредување на просторот кај комплексот згради К4, во близина на Економското училиште.
– По примерот на дворот на Економско училиште планираме реконструкција на целиов простор и сите зелени површини во овој комплекс на згради. Дополнително проширување на паркиралиште, места за паркирање, воведување на втора паркинг зона со одбележување на сите места за паркирање коишто ќе бидат бесплатни за сите резиденти жители коишто живеат на оваа локација, изјави Димитриевски.
Тој истакна дека шпекулациите за изградба на нови објекти на овој простор се неточни и дека нема да дозволи дополнително пренатрупување со станбени згради во централното градско подрачје.
– Сакам да ве информирам дека сите шпекулации поврзани со наводни градби на нови објекти и нови станбени згради на овој простор се веќе запрени и ќе бидат запрени. Токму јас, Максим Димитриевски, се борам против урбаниот градежен хаос којшто со децении трае во Куманово и никогаш во рамките на мојот мандат нема да дозволам пренатрупување на станбени згради, особено во централно градско подрачје, порача Димитриевски.
Тој додаде дека градот ќе отвора нови градежни зони каде инвеститорите ќе можат да вложуваат во изградба на станбено-деловни комплекси, со цел рамномерен и уреден урбан развој.
Од граѓаните, за таа цел, побара поддршка во вториот круг од изборите на 2ри ноември.
– Ве повикувам во недела да искочите масовно и да ми дадете поддршка на престојните избори, бидејќи токму јас сум тој којшто заедно со вас се грижи Куманово да продолжи да се развива и да се менува, како и во сите досегашни осумстотини проекти реализирани во градот,“ изјави тој.
Македонија
Митески: Заедно со Владата и идниот градоначалник на Скопје, Ѓорѓиевски, ќе го направиме Аеродром уште поубаво место за живеење

Дејан Митески, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот настан одржан во Аеродром. Тој истакна дека во наредните 4 години со поддршка од Владата и Град Скопје ќе се реализираат важни проекти, ќе се вложува во безбедни училишта и градинки, паркови со зеленило, спортски сали и културни центри кои ќе го подобрат животот на граѓаните во Аеродром.
„Во наредните 4 години, со поддршка на Владата, со поддршка на идниот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ќе направиме уште повеќе, уште подобро и уште поубаво место за живеење. Ќе продолжиме со започнатите активности, а во план се и многу други“, вели Митески.
Митески им се заблагодари на граѓаните за постигнатиот резултат во првиот круг и ги повика во вториот круг масовно да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9, за историска победа и развој на Аеродром.
„Ве повикувам сите масовно да се вклучиме и на 2 ноември, ВМРО-ДПМНЕ да слави уште поголема и поубедлива победа во Аеродром“, кажа Митески.
Македонија
Резултатот не ме воздигнува, туку ме охрабрува да работам уште посилно, вели кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ, Владко Грозданов, изјави дека постигнувањето на цензусот е доказ за достоинството и чесноста на кочанчани.
„Ова е една од најтешките изборни трки во историјата на Кочани. Една трка со најголем товар, како за мене така и за моите противкандидати. Но, сепак моите кочанчани, моите сограѓани, се одважија и пред се со постигнувањето на цензусот за легитимност на изборите покажаа дека се достојни и чесни и секако со самиот резултат кој го доделија во моментот ја покажаа својата визија за иднината“, рече Грозданов во разговор за „Сител“.
Тој им се заблагодари на граѓаните за поддршката и порача дека таа не го воздигнува, туку го охрабрува да работи уште посилно и почесно.
Претстои иднина за нашите деца, претстои иднина за Кочани. Кочани мора да се исправи, додаде.
Грозданов го заврши првиот круг од локалните избори со водство од повеќе од 2.000 гласа пред неговиот противкандидат, актуелниот в.д. градоначалник, Венко Крстевски, кој настапува независен. Вториот изборен круг ќе се одржи на 2 ноември.