Регион
Српскиот парламент затворен за прaтениците и вработените: „Ова е државен удар“

В сабота во Белград ќе се одржи голем протест, на кој граѓаните се поканети од студенти, што српската влада го смета за обид за насилно соборување на власта.
Српскиот парламент ги извести пратениците и вработените дека од денеска до 16 март на полноќ ќе бидат затворени зградите на Собранието од безбедносни причини.
Во известувањето е наведено дека генералниот секретар на Собранието врз основа на безбедносната процена на Министерството за внатрешни работи, а со цел да се избегне каков било, макар и минимален простор за потенцијални провокации и конфликти, донел одлука за затворање на зградите на Собранието, поточно домот на Народното собрание и зградата на Народното собрание, пренесува „Фонет“.
Одлуката е донесена „само од безбедносни причини, со цел да направиме сѐ што е во наша моќ најавениот митинг на 15 март во Белград, пред Народното собрание, да се одвива без никакви инциденти“, се наведува во соопштението, во кое се повикуваат сите да направат сѐ за протестот в сабота да помине мирно и без никакви инциденти.
Адвокатот Стефан Јањиќ, пратеник и генерален секретар на Србија центар, изјави дека Српската напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ преку „незаконската одлука на генералниот секретар на Народното собрание, Срѓан Смиљаниќ“ да им забрани на пратениците да влезат во зградата на парламентот штотуку извршила еден вид државен удар во Србија.
„Никој не може да им забрани на пратениците да влезат во Собранието, особено не на назначеното лице што е одговорно за организирање на работата на стручните служби и за набавка на тоалетна хартија. Јасно е дека наредбата за прекршување на Законот за Народното собрание ја издаде Ана Брнабиќ, која ги спроведува налудничавите идеи на Александар Вучиќ. Овој чин го означи завршувањето на таканаречениот државен удар „одозгора“, специфичен облик во кој највисокиот носител на државната власт ја узурпира власта на незаконски и неуставен начин. Диктатурата ќе биде нејзина последица“, нагласи Јањиќ, пренесува „Ал џезира“.
В сабота во Белград ќе се одржи голем протестен митинг, на кој граѓаните се поканети од студенти, што српската влада го гледа како желба за насилно рушење на државните институции.
Србија веќе четири месеци е блокирана од студентските протести поради смртта на 15 лица на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Студентите бараат казна за одговорните, како и поголемо владеење на правото во државата.
Студенти од градовите во Србија пеш одат кон Белград на големиот протест в сабота. Тие не се сами во својата потрага. По нив, следуваат и средношколци, просветни работници и работници од разни сектори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Конечна судска одлука: Додик повеќе не е претседател на Република Српска

Апелациониот совет на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот на претседател на Република Српска.
Како резултат на тоа, според сараевските медиуми, Додик официјално повеќе не е на таа позиција, а ЦИК е должна да распише предвремени избори за претседател на ентитетот.
Да потсетиме дека ЦИК претходно донесе одлука за прекин на неговиот мандат, но таа можеше да стапи на сила дури откако ќе стане конечна, или потврдена од Апелациониот совет на Судот на БиХ. Денешната одлука конечно утврди дека Додик повеќе не е претседател на Република Српска.
Во образложението на пресудата, Судот наведе дека мандатот на избраниот функционер завршува на денот на правосилност на пресудата со која е осуден на затворска казна од најмалку шест месеци, што во случајот на Додик беше 12 јуни 2025 година, кога беше донесена второстепената пресуда. Судот ги отфрли и тврдењата за ретроактивна примена на законот, нагласувајќи дека пресудата станува правосилна на денот на нејзиното донесување, додека нејзината извршност е поврзана со доставување до странките, што не ги менува правните последици за мандатот.
Фото: ЕПА
Регион
Маж фрли молотов коктел врз Куќата на цвеќето, го фати обезбедувањето

Белградската полиција го уапси 55-гпдишниот Г.М. под сомнение дека фрлил молотов коктел врз Куќата на цвеќето, објави српски Телеграф. По наредба на обвинителството, му е одреден притвор до 48 часа.
Тој е осомничен дека се обидел да го запали Музејот „25 Мај“, местото каде што е погребан поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, околу 6 часот утрово.
Човекот е уапсен по интервенцијата на полицијата. Нема повредени.
Пожарот ја оштетил влезната врата од Куќата на цвеќето. Според Телеграф, полицијата била повикана од обезбедувач. Тој пријавил дека еден човек дошол пред Музејот, најверојатно држејќи молотов коктел, и се заканувал дека ќе ја запали зградата.
„Се приближил до зградата и фрлил запалива течност. За среќа, обезбедувачот го фатил и ја повикал полицијата“, пишува Телеграф.
Неофицијално, се дознава дека човекот при апсењето рекол дека сакал да го запали „усташкото гнездо“.
фото: принтскрин
Регион
(Видео) Изгоре луксузна јахта во Будва: сопственикот бил на бродот кога избувнал пожарот

Црногорските противпожарни екипи го изгасија пожарот што избувна на јахта во марината во Будва.
Ова за црногорски „Вијести“ го потврди и раководителот на Службата за заштита и спасување на Будва.
Полициската управа соопшти дека околу 20:15 часот во неделата, полицијата во Будва била известена од сопственикот на јахта закотвена во пристаништето во Будва дека избувнал пожар додека сопственикот бил на бродот.
Јахтата е во сопственост на бизнисменот Б. М., а полицијата објави дека сопственикот на јахтата рекол дека пожарот најверојатно се случил поради дефект.
Пловилото било извлечено од пристаништето откако избувна пожарот кратко по 20 часот, заради безбедност на другите бродови. Седум екипи беа ангажирани за гаснење на пожарот.
фото: принтскрин