Македонија
МОН: Компанијата „Пуцко петрол“ е ангажирана како единствен пријавен оператор, не трошиме на лични хирови како што беше во минатото
Веќе осум месеци Министерството за образование и наука не троши пари на лични хирови како што тоа се случувало во минатото, туку фокусот се навистина учениците, наставниците, студентите и професорите и градењето на поквалитетен образовен систем, реагира Министерството за образование и наука, по информацијата од СДСМ дека Министерството за образование и наука склучил на крајот на минатата година договор со Пуцко Петрол, во вредност од 2.500.000 денари или 40.000 илјади евра.
Од тука реагираат дека јавните набавки се спроведуваат транспарентно, економично и ефикасно и без нарушување на начелата на конкурентноста меѓу економските оператори.
„Компанијата Пуцко Петрол е ангажирана при постапка за јавна набавка во која е единствен пријавен економски оператор. Склучен е договор за сукцесивна испорака на гориво согласно потребите на МОН. Договорот е со важност од една година и досега, во овие 2,5 месеци искористено е гориво во износ од 57 илјади денари, за 8 возила со кои, вработените во министерството и просветни инспектори ја извршуваат својата теренска работа. Ете, толку се реалните потреби од гориво на институцијата, споредбено со изминатите години. Нема користење возила и картички за лични и партиски потреби. Така што, неспоредливи се овие 57 илјади денари со 10те милијарди кои пратеници – бизнисмени од сега опозициските партии нашле шема да ги испумпаат од државниот буџет во време на нивното владеење. Тие треба да се срамат од своите постапки и секако да одговараат заради труењето на целата македонска јавност“, се додава во реакцијата на МОН.
СДСМ претходно денеска искоментира дека институции и општини раководени од владејачката партија имаат склучено над 170 договори за тендери со истата комапнија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

