Македонија
Подготвителната седница за Законот за јазиците ќе се емитува во живо: „Секој граѓанин ќе гледа и слуша како ја водиме постапката“
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на брифинг со новинарите информираше за одржување на претстојната Подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците.
Костадиновски соопшти дека присуство на седницата која ќе се пренесува во живо, потврдиле 13 домашни експерти од областа на уставното право и судовите, како и двајца надворешни експерти. Тие ќе одговараат на шест правни прашања на судиите.
Најавено е пристуство на Мартин Кауер, потпретседател на Венецијанската комисија, судијата Артурс Кучс, судија на Европскиот суд за човекови права со експертиза за малцинските права и употребата на малцинските јазици, кој ќе ја образложи праксата на ЕСЧП во слични случаи и ќе ги презентира европските стандарди за употребата на јазиците. Од домашните експерти присуство потврдија Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија на ЕСЧП, Рената Дескоска, професор по уставно право и член на Венецијанската комисија, професoрите од правниот факултет „Јустинијан I”, Борче Давитковски, професор по административно право и јавна администрација, Гордана Лажетиќ, професор по казнено процесно право, Денис Прешова, професор по уставно право, Јетон Шасивари, професор по уставно право на Универзитетот за Jугоисточна Европа, Мерсељ Билали, професор по меѓународно право, професор Мерсим Максути од Државниот универзитет во Тетово, Абдул Меџит Нуредин професор од Меѓународниот универзитет Визион од Гостивар, доц. д-р Азам Кор Бајрам од Универзитетот Визион Гостивар, Жаклина Доведен, претседател на Апелационен суд Битола, Иван Џолев, претседател на Кривичен суд Скопје, Бурим Сејдини, претседател на Управен суд.
Костадиновски даде појаснување за значењето на подготвителната седница, фазите на постапката потенцирајќи дека одржување на таква седница значи собирање на експертски мислења, но не и дека Судот ќе донесе конечна одлука на 20 март, со што ги демантираше изјавите на одредени политички субјекти дека Судот ќе укинува права уредени со Уставот.
„На седницата ќе се дискутира за материјалниот аспект, бидејќи за формалната страна веќе е исцрпена дискусијата со одржување на подготвителна седница на 18 март 2021 година за Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците. Да појаснам, материјалниот аспект се однесува на содржината на одредбите, додека формалниот е начинот на донесување на законот. Согласно членот 40 од Актот на Судот, подготвителна седница се организира заради разјаснување на фактичката и правната состојба по одделни предмети, на седницата судиите поставуваат прашања во врска со спорните правни и фактички прашања кои се битни за одлучувањето на Судот. ”, кажа Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд најави дека за прв пат подготвителната седница не само што ќе се овозможи снимање во живо, туку и ќе се емитува на неколку платформи паралелно со симултан превод и на англиски и на албански јазик, за што Судот ќе објави дополнително упатство следната недела, според кое секој граѓанин со едноставен пристап до интернет ќе може во реално време да ги слушне сите аргументи и стојалишта на експертите.
„Со оглед на сензитивноста на овој предмет, Судот ќе обезбеди транспарентно и отворено водење на постапката, за секој граѓанин во државата да може да види и слушне како се водат седниците. Целта е да допреме до јавноста и да се сузбијат сите дезинформации и манипулации кои се врзани со овој предмет, бидејќи сме свесни дека се користи за лични политички и други цели на начин што се злоупотребуваат чувствата на граѓаните”, рече Костадиновски.
Одговарајќи на прашања од новинарите околу политичкиот фокус за предметот, Костадиновски изјави дека политичарите предметот го злоупотребуваат за дневни политички теми.
„Не е мојата цел да ги разубедувам политичарите, нема да престанат, нивните манипулации ќе продолжат. Ако успееме ние како суд да ги убедиме граѓаните да не бидат манипулирани, тоа е успех“, изјави претседателот Костадиновски.
Претседателот апелираше да се внимава на терминологијата и информациите кои се пласираат во јавноста поврзани со овој предмет и ги отфрли сите обвинувања упатени кон Уставниот суд кои се во насока на одлучувањето по овој предмет.
„Со индигнација ги отфрлам сите лаги, тешки манипулации кои веќе преминуваат во сферата на опасни манипулации. Што треба ние да направиме со таа иницијатива? Да ја земеме да ја искинеме, да ја чуваме во фиока до 2030 година, до 2040, 2050 година? Што треба да направиме кога имаме јасно определени надлежности и должности. Ние сме должни да одговориме на прашањето. Но, сега да се употребуваат такви тешки зборови, да се игра на чувствата на граѓаните, да се манипулира е навистина брутално, ова е политички примитивизам, политичко дивјаштво. Ова се лаги, невистини. Од каде знаат каква ќе биде одлуката на Судот? Кој може да ја предвиди одлуката? Уште отсега знаат каква е одлуката? Што ако Судот рече дека нема никаков проблем со Законот, ќе се извинат ли тогаш за ваквите тешки лаги? Дали е нормално целото општество да се чува во заложништво заради политички амбиции на некого, кој било и да е,”кажа претседателот Костадиновски.
На прашањето за најавена интерпелација на уставни судии токму поради овој предмет, Костадиновски го повтори ставот кој Судот го објави во текот на вчерашниот ден, односно дека Собранието нема овластување или можност за разрешување на уставните судии.
„Овластувањето на Законодавецот завршува со моментот на избор на уставните судии. Од тој момент Уставниот суд е тој што прави контрола на уставноста на актите, постапките и дејствијата на Собранието.Секој, вклучително и Законодавецот е должен да ги почитува и унапредува императивните одредби за самостојност и независност на Уставниот суд. Оттука, институтот „интерпелација” предвиден со членот 72 во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно се губи смислата на постоењето на орган на Републиката како што е Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот, односно упад во четврата т.н. уставно-судска власт, самостојноста и независноста на Уставниот суд, изјави претседателот Дарко Костадиновски на брифингот со новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пазарот на недвижности пораснал за 15 отсто – Аеродром со најмногу продажби, Кисела Вода со најголем скок на цените
Пазарот на недвижности во земјава во првите шест месеци од оваа година бележи зголемена динамика, а гледано на територијата низ целата држава, најголемиот дел од активностите се концентрирани во неколку скопски општини.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, Аеродром е општината со најмногу купопродажби – 562 трансакции, веднаш зад неа е Гази Баба со 555, а Карпош со 527 трансакции го заокружува водечкиот трио. Значително помал обем на продажби е регистриран во Бутел (176). Центар ја бележи највисоката вкупна остварена цена од реализирани купопродажби во првото полугодие: 65,8 милиони евра. Следуваат Карпош со 56,7 милиони евра и Аеродром со 47,9 милиони евра, додека најниска вредност има во Штип – 10 милиони евра.
Анализата на пазарот на станови покажува дека најмногу продадени станови во првото полугодие има во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179), што уште еднаш ги потврдува скопските општини како најактивни во овој сегмент од пазарот. Катастарот во анализата дополнително појаснува дека при утврдување на просечната цена на становите на државно ниво, не се земаат предвид атипични трансакции со екстремно ниски или високи вредности по метар квадратен. Во извештајот се наведуваат неколку такви случаи: продажба на стан од 58 м² во Свети Николе по цена од 862 денари за метар квадратен, продажба на стан од 13 м² во Центар по 804.231 денар за м², продажба на стан од 51 м² во Центар по 542.647 денари за м².
Податоците откриваат и интересни трендови во споредба со истиот период минатата година. Центар има најголем раст на обемот на купопродажби – 32 отсто, додека Гази Баба и Штип растат за 28.
Кај пазарната цена најголем пораст во однос на лани бележи Кисела Вода со дури 59 проценти, следена од Центар со 54 отсто. Висок раст се регистрира и во Чаир (44%), Тетово и Охрид (по 37%), Струга (38%) и Карпош (34%), додека Струмица бележи поскромно зголемување од 17 проценти.
Овие бројки доаѓаат во контекст на општ раст на пазарот. Катастарот регистрира вкупно 15.779 трансакции во првото полугодие, што претставува зголемување во однос на 2024 година. Најактивен месец е мај, со 2.918 продажби и закупи, додека најтивок е јуни со 2.173 трансакции. Во оваа структура доминира земјоделското земјиште (33%), веднаш потоа следуваат становите (32%), градежното земјиште (19%) и куќите (12%), а деловните простори и гаражите учествуваат со 4, односно 3 проценти.
Пазарот на недвижности во целина бележи раст од 15 проценти во споредба со истиот период лани, а умерениот пораст на цените во речиси сите категории укажува на стабилна побарувачка и зголемена активност кај купувачите и инвеститорите. Дополнително, податоците укажуваат на пораст на вкупната финансиска вредност кај речиси сите типови недвижности.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.

