Македонија
Николоски: Даваме силна подршка за Студеничани, преку Министерството за транспoрт ги подобруваме патиштата во општината

Министерството за транспорт дава силна подршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Во општина Студеничани со средства од Министерството за транспорт веќе работиме на подобрување на локалните патишта во населените места и овие средства се надвор од оние 100 милиони евра што Владата ги обезбеди за сите општините за реализација на капитални проекти, истaкна вицепремиерот Александар Николоски кој заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и други членови на Владата денеска означија почеток на реконструкција на локалниот пат од Драчево до мотел Китка.
Инвестицијата за реконструкција на овој локален пат е вредна 63,5 милиони денари од кои 59,2 милиони денари се обезбедени преку Mинистерството за транспорт, а 4,3 милиони денари со кофинансирање на општината.
„Од тука споделуваме две добри вести. Едната е дека привршуваме со реконструкција на локален пат во село Студеничани, 840 метри е вкупната должина и второ во тек е тендерска постапка во село Моране за реконструкција и целосна изградба на нов пат во должина од 1,3 км. Двата одат преку средствата што Министерството за транспорт ги обезбеди преку кредитот на Светска банка и ова е дополнително на подршката што Владата ја даде минатата година, а и оваа година исто така и ќе дава силна подршка за општините во годините што доаѓаат”, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЕСМ: Пустошот што го остави СДСМ во РЕК Битола не е можно да се надмине преку ноќ

Наместо да преземе одговорност за затекнатите лоши состојби во РЕК Битола и да се огради од нивните кадри кои во моментов се или во притвор или во бегство, СДСМ се дрзнува да критикува за состојби директно создадени од нив. Предизвиците во производството на електрична енергија, особено во РЕК „Битола“, се токму благодарение на погрешните и нечесни политики што ги водеше СДСМ во ЕСМ и во најголемиот рударско-енергетски комбинат, реагира ЕСМ на обвинувањата на СДСМ.
Од таму велат дека актуелното раководство затекнало состојба на хаос, празни депонии на јаглен, уништени рудници во кои се работело надвор од рударските проекти, запоставена рударска механизација, несоодветно одржувани капацитети и нереализирани редовни ремонти.
„Таму, вработените, за време на грејната сезона, па и во моментов, деноноќно функционираат во состојба на готовност за да се справат со сите предизвици и несоодветно одржуваната техничко-технолошка опрема“, се вели во реакцијата.
Од ЕСМ велат дека СДСМ функционира врз основа на шпекулации и фабрикувани полувистини.
„Да потсетиме, и пред пет месеци, среде грејна сезона, тврдеа дека РЕК Битола само што не колабирал. Сепак, фактите ја демантираат опозицијата. И покрај сите затекнати проблеми, во првиот квартал годинава ТЕ Битола произведе 11,6% повеќе електрична енергија во споредба со истиот период лани кога кадрите на СДСМ управувале со комбинатот. За истиот компаративен период, трошоците за ископ на јаглен се намалени за 60 проценти, додека производната цена на РЕК Битола е намалена за 33 евра за произведен мегаватчас. Да потсетиме, според „успешното“ менаџирање на СДСМ, во првото тромесечие лани цената на производството од РЕК Битола изнесуваше 126,66 евра, додека за истиот период изнесува 96 евра. Во однос на ремонтните активности, тие почнаа минатиот месец и се одвиваат во согласност со планот“, пишува во реакцијата.
Во енергетиката, додаваат од ЕСМ, особено во капацитети како РЕК Битола, не постојат инстант решенија и санација на состојбите преку ноќ. „Она што СДСМ го уништи за седум години, е невозможно да се санира во краток рок. Напротив, со посветен пристап и макотрпна работа, се преземаат системски мерки за целосна стабилизација на работните процеси. Впрочем, и резултатите го потврдуваат тоа“, велат од ЕСМ.
Македонија
Се воведува „One Stop“ систем на преминот Табановце – Прешево

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска во Белград потпишаа договор за воспоставување на заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце – Прешево кој треба да овозможи имплементација на „One Stop“ систем со цел побрз транспорт на луѓе, повеќе трговија, туризам и пријателство меѓу двете држави.
„На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница. Со имплементација на системот очекуваме за двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека продолжува и понатаму одличната соработка со српската полиција во борба против сите видови криминал и во текот на оваа летна сезона ќе продолжи проектот за размена на полициски службеници на Србија во Охрид и македонски полициски службеници на настани коишто ќе се одржуваат во Србија.
Дачиќ потенцираше дека целта на овој договор е можност уште повеќе да им се помогне на граѓаните полесно да ги преминуваат граничните премини и со тоа да се олесни протокот на луѓе и материјални добра.
„Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја. Така го воспоставуваме „One Stop“ системот со едно место на контрола.“, нагласи министерот Дачиќ.
„One Stop“ системот неодамна беше имплементиран со Косово на граничниот премин Блаце-Елез Хан, ќе следува имплементација и со Република Албанија, така што Македонија ќе го има имплементирано овој систем со сите земји-соседи кои не се дел од Европската Унија.
Македонија
Директорот на БЈБ, Јанев на работна средба во касарната „Ѓорче Петров“ и СВР Куманово

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев денеска во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје оствари работна средба со челните луѓе на Единицата за интервентна полиција, ОСПО односно САЕ Тигар и ЕБР како и со раководството на Секторот за внатрешни работи Штип и на СВР Скопје.
„На средбата директорот Јанев беше информиран за сите детали околу вчерашните и синоќешни заеднички активности на овие организациони единици при БЈБ околу расчистувањето на кривично-правниот настан што вчера се случи во Штип, во кој што едно лице беше убиено, а сторителот на кривичното дело како и останатите инволвирани во настанот набргу беа лоцирани и приведени од страна на полициските службеници од ЕИП, СВР Штип и СВР Скопје“, се наведува во соопштението.
Притоа, директорот Јанев изразувајќи благодарност на полициските службеници истакна дека целокупната акција е извонреден практичен пример на крајно професионално, координирано и ефикасно заедничко постапување на полициските служби.
Инаку, директорот Јанев искористувајќи ја посетата на касарната „Ѓорче Петров“ положи цвеќе и оддаде должна почит пред споменикот на загинатите припадници на Единицата за брзо распоредување при БЈБ на МВР.
Воедно директорот Јанев одбележувајќи го датумот од трагичните настани во кумановско „Диво Насеље“ денеска на споменикот на трагично загинатите припадници на МВР во кругот на СВР Куманово положи цвеќе.