Спорт
Омерагиќ едногласно избран за претседател на ФФМ
Извор ffm.mk
Масар Омерагиќ беше единствен кандидат и едногласно и со акламација беше избран од највисокото тело на ФФМ за претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Во продолжение, говорот на првиот човек на македонскиот фудбал откако ја доби довербата од делегатите на Изборното Собрание на ФФМ.
Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ:
„Не сме овде само да зборуваме за проблемите од минатото – туку да погледнеме напред, кон новата визија и стратегија за македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија има обврска да постави јасен правец, да создаде систем кој ќе гарантира долгорочен развој и да ја врати довербата кај сите што се дел од овој спорт.
Нашата визија е јасна: Силен, организиран и конкурентен македонски фудбал на сите нивоа.
Младински категории кои ќе бидат столбот на идните успеси;
Современа инфраструктура која ќе им овозможи на фудбалерите да напредуваат;
Федерација која работи транспарентно, професионално и во интерес на фудбалот;
Работиме на нова генерална стратегија: План за иднината!
Без силни млади категории, нема иднина. Ќе вложуваме во подобри услови за тренинг, селекција на таленти и едукација на тренери. Нашата цел е да создадеме млади фудбалери кои повторно ќе бидат конкурентни во европските квалификации.
Во таа насока, една од битните работи е создавањето на скаутинг систем во рамки на нашата федерација кои ќе има единствена цел – македонските таленти од странство да имаат еден избор – дресот на Македонија.
Подобрување на инфраструктурата
Фудбалот не може да напредува без квалитетни терени. Ќе инвестирамево изградба и модернизација на терените ширум Македонија и тренинг-центри, со реални проекти и јасна финансиска стратегија.
Финансиска стабилност и транспарентност
Секој денар во федерацијата ќе биде инвестиран во вистински проекти. Заврши времето на непродуктивно трошење – парите ќе одат таму каде што се најпотребни. На оваа позиција доаѓам како поранешен фудбалер и успешен бизнисмен, фудбалот доволно ми има дадено, време е да му вратиме за добро на сите.
Поддршка за клубовите
Клубовите се крвотокот на фудбалот. Новата стратегија предвидува конкретни програми за финансиска и стручна помош, за да им помогнеме да растат и напредуваат. Да бидат конкурентни во Европските натпреварувања или барем на повисоко ниво од тоа што денеска го имаме.
Унапредување на меѓучовечките односи и професионализација
Федерацијата мора да биде модел на професионалност, транспарентност и ефикасност. Ќе градиме култура на соработка, почит и јасни одговорности.
Фудбалската федерација ќе обезбеди целосна логистичка, стручна и финансиска поддршка за двете најважни селекции – А репрезентацијата и репрезентацијата до 21 година. Впрочем, за нас ќе бидат важни селекциите од најмала возраст до најдобрата репрезентација.
А репрезентацијата е лицето на македонскиот фудбал, нашиот најголем амбасадор на меѓународната сцена. Ќе направиме сè за да имаат најдобри услови за подготовкии поддршка за големи натпреварувања.
Селекцијата до 21 година е нашата иднина – тие се играчите што ќе ја предводат А репрезентацијата во годините што доаѓаат.
Затоа, ќе вложуваме во нивниот развој, ќе им обезбедиме врвни услови за тренинг, подобра координација со клубовите и можности за меѓународни искуства.
Многу важен дел од новата Стратегија ќе биде целосната реформа во структурата на Општинските фудбалски Сојузи и реформа на организациската структура на Фудбалската федерација на Македонија.
Оваа исклучително битна реформа во Општинските фудбалски Сојузи ќе ја работиме во соработка и целосен мониторинг на УЕФА. Со проверка на легитимитет на клубовите кои настапуваат во Општинските фудбалски Сојузи ќе го утврдиме и легитимитетот на самите Општински Сојузи. Мораме да имаме јасна слика за тоа кои клубови учествуваат во организираниот систем на Општинските Сојузи, а потоа и во натпреварување на ФФМ.
Ова не е само моја визија – ова е наша заедничка мисија. Само со чесна работа и со јасен план, можеме да го издигнеме македонскиот фудбал на ниво кое сите го посакуваме.
Време е за нов почеток. Време е за резултати.
Одиме напред – за македонскиот фудбал“!
На собранието беше избран и Управниот одборна фудбалската федерација на Македонија кој ќе брои четиринаесет лица.
Во следните четири години членови на Управниот одбор на фудбалската федерација на Македонија ќе бидат: Златко Талевски, Светозар Станковски, Берат Исмаили, Сашко Тасев, Игор Франговски, Станко Манчевски, Добре Иванов, Борче Лазаревски, Абдула Сакипи, Марјанчо Стојковски, Горан Гаврилов, Ѓорѓи Угриновски, Џевад Ибрани и Димитар Џонов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тухел ќе ја предводи Англија до 2028 година
Тренерот на фудбалската репрезентација на Англија, Томас Тухел, ќе остане на клупата на националниот тим барем до крајот на Европското првенство во 2028 година.
Тоа е епилогот од новата соработка што Фудбалската асоцијација на Англија ја договори со германскиот стручњак. По совршената квалификациска кампања за Светското првенство, самодовербата е на исклучително високо ниво.
Поранешниот стратег на Челзи, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен стави крај на шпекулациите за можен трансфер во Манчестер Јунајтед, Тотенхем или Реал Мадрид со парафирање на договорот. Сите три клуба неодамна ги сменија тренерите, но ќе мора да бараат нов на друга адреса.
„Многу сум среќен и горд. Едвај го чекам Светското првенство, одлична можност да ја направам нацијата горда. Имам огромна поддршка од извршниот директор Марк Булингам, колегите од Федерацијата и навивачите каде и да одам, без двоумење решив да ја продолжам оваа работа од соништата. Европското првенство 2028 ќе биде многу посебен турнир, можност да се натпреварувам со најдобрите на најголемата можна сцена“, рече Тухел.
Англичаните повторно влегуваат во големото натпреварување со епитетот еден од главните фаворити за трофејот.
Во групата Л ќе се натпреваруваат против Хрватска, Гана и Панама, па се очекува релативно лесен пласман во нокаут фазата. Пред четири години во Катар беа елиминирани во четвртфиналето, каде што беа запрени од Франција.
Foto/ depositphotos
Спорт
Словенец исфрлен од ЗОИ поради алкохол
Главниот тренер на финската репрезентација за скијачки скокови, Игор Медвед, е дисквалификуван од Зимските олимписки игри поради скандал поврзан со алкохол, објави „Афтонбладет“.
Финските спортисти ќе бидат без својот словенечки тренер до крајот на Игрите, кој беше испратен дома поради кршење на тимските вредности.
„Медвед се врати дома денес. Проблемот е поврзан со алкохолот. Прекршувањето на правилата го сфаќаме многу сериозно и ќе реагираме брзо“, изјави Јане Ханинен, раководител на елитни спортови во Финскиот олимписки комитет.
Селекторот се извини за своите постапки.
„Направив грешка и длабоко жалам за тоа. Сакам да им се извинам на целата финска репрезентација, спортистите и навивачите. Им посакувам на екипата мир и спокојство за да можат да се фокусираат на Олимписките игри“, рече 44-годишниот Медвед, кој е главен тренер на репрезентацијата во скијачки скокови од летото 2024 година, а претходно работеше во словенечката репрезентација.
Медвед е поранешен член на словенечката репрезентација во скијачки скокови.
Спорт
Ко-сопственикот на Манчестер Јунајтед: Велика Британија е колонизирана од имигранти
Британскиот премиер Сер Кир Стармер побара од милијардерот и ко-сопственик на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ратклиф, да се извини за тоа што изјавил дека Велика Британија е „колонизирана од имигранти“.
Во интервју за „Скај њуз“, Ратклиф рече: „Не можете да имате економија со девет милиони луѓе кои примаат социјална помош и огромен прилив на имигранти. Мислам, Велика Британија е колонизирана. Тоа чини премногу“.
Тој додаде: „Велика Британија е всушност колонизирана од имигранти, нели?“
Ретклиф, исто така, наведе неточни податоци за растот на населението, тврдејќи дека бројот на жители се зголемил од 58 милиони во 2020 година на 70 милиони денес, додека официјалните проценки покажуваат многу помало зголемување – од околу 66 на 69 милиони.
Стармер ги нарече неговите коментари „навредливи и погрешни“, велејќи дека Велика Британија е „горда, толерантна и разновидна земја“ и дека таквата реторика „им оди во прилог на оние кои сакаат да ја поделат нашата земја“.
Ратклиф, исто така, рече дека политичарите мора да бидат „подготвени да бидат непопуларни некое време за да решат големи проблеми“, сугерирајќи дека премиерот бил „премногу фин“ за да спроведе „строги мерки“ за имиграцијата и економијата.
Неговите забелешки беа осудени од навивачките групи на Манчестер Јунајтед и антирасистичките организации, велејќи дека тоа е реторика што потсетува на крајно десничарски наративи и може да ги продлабочи поделбите во општеството.
Foto/ depositphotos

