Македонија
Мицкоски: Владата е целосно мобилизирана, ги повикувам сите надлежни институции да преземат итни мерки за помош на повредените

Премиерот Мицкоски се огласи на социјалните мрежи по големата трагедија во Кочани.
„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна.
Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. На повредените им посакувам брзо закрепнување, а на семејствата на загинатите – сила да ја издржат оваа незамислива загуба. Народот и Владата ќе направат сè што е во нивна можност барем малку да ја ублажат нивната болка и да им помогнат во овие најтешки мигови.
Ги повикувам сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на погодените семејства. Владата е целосно мобилизирана и ќе направи сè што е потребно за справување со последиците и утврдување на причините за оваа трагедија.
Во текот на денот, по согледување на околностите од надлежните институции ќе и’ се обратам на јавноста со повеќе информации за преземените чекори.
Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност.
Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија!“, напиша премиерот на ФБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Специјалисти за изгореници и интензивна нега од Израел, Србија и Чешка доаѓаат утре на помош на македонските лекари

Од вкупно 115 пациенти кои денес беа примени на лекување во болниците во Кочани, Штип и Скопје по смртоносниот пожар во дискотека во Кочани, 47 ќе заминат на лекување во странство, а за останатите повредени утре во земјава ќе пристигнат лекари од странство кои ќе помагаат во лекувањето. Министерот за здравство Арбен Таравари вечерва рече дека сите пациенти кои остануваат на лекување во домашните болници засега се во стабилна состојба, но таа секој момент може да се смени.
„Утре на помош ни доаѓаат и колеги кои што се специјалисти за изгореници и интензивна нега и тоа од Израел, од Белград и од Прага. Ќе помагаат на нашите колеги кои неуморно работат, тука се од утрово и не само во Клиничкиот центар туку и во Градската болница и во ’8 Септември’ и во Штип и во други установи во кои се наоѓаат нашите доктори“, рече министерот Таравари.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, рече дека освен веќе договорените 47 пациенти, други нема да бидат праќани на лекување во странство. За лекување на засега 68 повредни во пожарот во Кочани ќе помагаат експертите од Израел Србија и Чешка кои имаат поголемо искуство во лекување изгореници отколку нашите лекари.
Македонија
(Видео) Мицкоски не дава оставка: Прво ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, а потоа ќе излеземе на избори

Премиерот Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција кажа дека дискотеката имала фалсификувана лиценца издадена на 13 март 2024 година, потпишана од тогашниот државен секретар.
„Се работи за лиценца за кабаре“, рече Мицкоски и додаде дека без разлика што е фалсификувана лиценцата архивскиот број е од 13.03 2024, односно на 14.03 2025 таа била истечена.
На прашањето дали ќе биде разрешен директорот на Државниот пазарен испекторат, Мицкоски возврати со прашање по која логика и кој член на Законот да биде разрешен.
„Овој документ е фалсификат, лиценца нема, правен документ објектот нема од пред повеќе од една година. Овој документ е фалсификат. Дали Пазарниот инспекторат требало да излезе вчера токму во оваа дискотека, тоа не го пишува никаде во законот ниту во надлежностите на Државниот пазарен испекторат. Последен пат таму државен пазарен инспектор се појавил во 2022 година. Зошто не констатирал тогаш пропусти и недостатоци за кои што денеска јавноста виде дека постојат во самата градба и архитектура на објектот ќе следи дополнителна одговорност и истрага. Државниот пазарен испекторат не е надлежен секој ден во годината, тој не мора 365 дена во годината да ги контролира објектите“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека не е точно дека полицијата ги затворила вратите вчера.
„Полицијата не била таму да контролира дали има важечка лиценца, туку се вршела проверка бидејќи постоело сомневање дека се тргува со недозволени супстанци и дека во местото има малолетници. Полицијата доаѓа пет минути пред да се случи овој настан. Во тој момент група полицајци е со лице за кое се сомнева дека тргува со недозволени супстанци, а додека полицаецот кој загина врши легитимирање на гостите и констатира дали се или не малолетници.
Објектот е кабаре и според Законот за угостителство, кабарето не е надлежност на градоначалникот туку на Министерството за економија и има работно време од 22 до 04 часот. За се останато министерот Тошковски кажа“, одговори Мицкоски и замоли да не се шират шпекулации.
„Да не правиме естрада, покажете почитување кон жртвите“, додаде премиерот.
Во однос на тоа дали ќе поднесе оставка премиерот одговори:
„Прво ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, а потоа ќе излеземе на избори пред граѓаните и тие се најголемата морална потврда за кредибилитетот за еден политичар“.
Тој додаде дека бил цел ден во Кочани, од шест часот утрово.
„Моралната димензија кај мене како човек секогаш постои. Немам никаква дилема. Осум месеци работам за да го поразам овој корумпиран систем. Сите ние треба да чувствуваме морална одговорност“, додаде Мицкоски.
Премиерот кажа дека не планираат вонредна состојба или вклучување меѓународни експерти во делот на истрагата.
„Повеќе од 20 луѓе се приведени или изведени пред обвинител на распит. Ќе излезат уште многу други работи кои што се катастрофални. Тоа што некој за пари фалсификувал лиценци е најмал проблем, како воопшто добиле лиценца од 2014 па наваму, па таа се пренесувала од едно, на друго на трето име, а потоа зошто е фалсификувана, па е препокривана со друга, а и двете се лажни. Тоа ќе го покаже истрагата“, рече премиерот и додаде дека ова не е единствен случај.
„Ова е само потврда дека вакви случаи има стотици, илјадници, кои на ваков начин уживаат од овој корумпиран систем“.
Тој кажа дека таа фалсификувана лиценца ја издало Министерството за економија, а потпишан е тогашниот државен секретар.
Премиерот најави дека од утре започнува голема акција во насока на проверка на сите документи, лиценци, дозволи за градба, дозволи за употреба, дозволи за работа на овие објекти.
„Јас сум убеден дека ќе најдеме стотици. Милиметар да недостасува ќе бидат затворени. Нема да има милост кон никого. Не сезона, свети сезона нека е. Овој објект е прошируван и легализирани се дополнителни квадрати“.
Македонија
(Видео) СДСМ побара темелна истрага за трагедијата во Кочани: Министре Тошковски, нели е срамно да не понесете одговорност

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, денеска на вонредна прес конференција побара темелна и независна истрага за целиот случај. Апелираше до Обвинителството и сите истражни органи оваа трагедија да ја истражат до крај и граѓаните да ја добијат вистината а одговорните да одговараат.
Постави и неколку прашања до министерот за внатрешни, Панче Тошковски.
„Министре Тошковски, нели е срамно да не поднесете одговорност и оставка вие и сите во институциите во услови кога цела година дискотеката работела без лиценца? Чија, ако не ваша била одговорноста тоа да го провери тоа? Чија ако не ваша и на сите инспекторати кои ги водите била одговорноста да провери цела година дали има неправилности во работењето?
Понатаму одговорете, како тоа полицијата била таму, како што самиот го кажавте, и не ја затворила дискотеката која очигледно работела надвор од сите пропишани стандарди? Како дискотека која никогаш порано, па дури и со старите лиценци, не смееле да работи после 1 часот работела до 3 по полноќ?
Таму се организираат настани секој викенд, дали вие воопшто не мислите дека некој досега требал да провери?
Понатаму, Дирекцијата за заштита и спасување треба еднаш годишно да ги прави проверките за безбедносни стандарди на сите објекти? Дали било направено и како се дозволило да оваа дискотека работи?
Понатаму, како што се гледа од снимките, пожарот е настанат од пиротехнички материјали. Зошто молчите дека токму МВР ги издава и контролира овие компании и поединци кои управуваат со овие средства? Дали и кој е приведен и против кој ќе има постапка во МВР што во дискотека без активна дозвола се палеле пиротехнички материјали. Тука одговорноста е целосно во МВР, зошто молчите за ова?
Дали е точно, дека ова лето оваа дискотека била реновирана и пуштена во употреба? Кој дал согласност за тоа, вие бевте на власт и на централно и на локално ниво?! Кој дозволил да се реновира објект без дозвола и да се пушти во употреба? Дали тука и за што е тука одговорна општината за која велите дека нема никаква одговорност?“, рече Чупеска.
Прес конференцијата започна со минута молк.