Свет
Шефицата за надворешна политика на ЕУ: На Украина и се потребни 20-40 милијарди евра помош

Министрите за надворешни работи на ЕУ треба да разговараат за нова иницијатива која би можела да обезбеди милијарди евра дополнителна воена помош за Украина на денешниот состанок. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас предложи на Украина да и се обезбеди помош вредна меѓу 20 и 40 милијарди евра, јави ДПА.
Земјите-членки на ЕУ би придонеле за оваа сума врз основа на нивната економска сила. Со цел да се спречи можното вето од страна на поединечни влади, учеството во иницијативата би било доброволно, се наведува во текстот до кој пристап имала германската новинска агенција dpa.
Унгарија во минатото одбиваше да ја поддржи воената помош на ЕУ за Украина, нарекувајќи ја бесмислена и велејќи дека ја продолжува војната. Министрите за надворешни работи не се очекува да постигнат договор за иницијативата, велат дипломатите, сугерирајќи дека ќе бидат потребни дополнителни разговори меѓу водачите на земјите. Тие треба да се сретнат за три дена на самит.
За некои земји, како Германија, поддршката предложена од Калас не би била проблем. Берлин веќе одобри помош од вкупно 4 милијарди евра за оваа година, а наскоро ќе бидат додадени уште 3 милијарди евра. Меѓутоа, другите големи земји како Франција, Италија и Шпанија би морале значително да ја зголемат поддршката за Украина доколку сакаат да дадат придонес пропорционален на нивната економска сила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Франциско: Болеста ми помогна појасно да ја видам апсурдноста на војната

Папата Франциско кој беше хоспитализиран поради пневмонија, во писмо повика на прекин на војните и дипломатски решенија за конфликтите.
Во писмото до весникот „Кориере дела сера“, папата рече дека неговата долга болест му помогнала да стане уште појасна „апсурдноста на војната“ и го обновил својот повик до дипломатијата и меѓународните организации да најдат нова виталност и кредибилитет.
Папата укажа и на важноста на зборовите, велејќи дека „мора да ги разоружаме зборовите, да ги разоружаме умовите и да ја разоружаме Земјата“. Претходно денеска Бакингемската палата потврди дека кралот Чарлс ќе се сретне со папата Франциско меѓу 7 и 10 април, и покрај болеста на католичкиот водач.
Папата (88) беше примен во римската болница Гемели на 14 февруари со тешка респираторна инфекција и оттогаш не е виден во јавноста, пренесува Танјуг.
Регион
Во хрватскиот Сабор едноминутно молчење за загинатите во Македонија

Хрватскиот Сабор, денеска, со едноминутно молчење им оддаде почит на 59-те лица што завчера загинаа во пожарот во Кочани, Македонија.
„Загубени се многу млади животи и во име на хрватскиот Сабор сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите и да им посакам брзо закрепнување на повредените“, изјави претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ.
Во пожарот што завчера избувна во „Пулс“ во Кочани загинаа 59 млади лица, а повеќе од 150 се повредени.
Свет
Кремљ го објави времето за почеток на разговорите Трамп – Путин

Кремљ потврди дека телефонскиот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп ќе се одржи денеска, со почеток во 14 часот по македонско време (16 часот по московско време).
Американскиот претседател пред телефонскиот разговор со Путин изјави дека многу елементи од мировниот договор во Украина се веќе договорени со неговиот руски колега.
Во своето ноќно обраќање во понеделникот украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Путин за продолжување на војната. „Овој предлог можеше одамна да се спроведе“, рече тој додавајќи дека „секој ден во време на војна значи човечки животи“.