Македонија
Осомничен за пожарот во Кочани: „Ние сме херои, спасивме 200 луѓе останавме до последен момент во огнот“

– Не се чувствуваме виновни, ние сме херои, спасивме 200 луѓе. Јас до последен момент останав во огнот за да ги извадам сите деца, да ги спасувам како мои. Имам две малолетни деца, кажа еден од осомничените за пожарот во Кочани на новинарско прашањето дали се чувствува виновен”.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска одржа прес конференција и рече од извршен разговор со член на групата на ДНК, утврдено е дека пиротехничките средства ги донел бендот.
„За жал, лицето кое било задолжено за нивна употреба е починато. Во врска со пиротехничките средства, ќе биде доставен извештај до ЈО, и потоа ќе достави барање до МВР, при што дополнително ќе се утврди дали истите можеле да се користат без сертификат. Констатирани се низа неправилности во рамки на објектот, кој ги напомена јавниот обвинител“, додаде Тошковски.
По трагичниот настан во дискотеката во Кочани, во кој животот го загубија над 59 лица, а над 100 се хоспитализирани, на социјалните мрежи се шири повик за протест. Тој е закажан во 13 часот во Градскиот парк во Кочани
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес стигнува тим од Британија, ќе подготвува рехабилитација за пациентите кога ќе почнат да се враќаат од странство, вели Клековски

Лекувањето на повредните во пожарот во Кочани не е битка од 72 часа туку процес кој ќе трае со недели или месеци, рече денес директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Здравствените власти почнуваат подготовки за следните фази неопходни за лекување на сите повредени.
„Денеска ќе пристигне тим од Британија кој ќе треба да ни помогне да се подготвиме за следната фаза, рехабилитација на пациентите. Веќе мора да размислуваме еден – два чекори понатаму, кога ќе почнат пациентите да се враќаат во Македонија“, рече директорот Клековски.
Според последните информации кои popladnevo ги сподели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во болниците во земјава се лекуваат 93 повредени, а 80 пациенти се транспортирани на лекување во странство односно во Србија, Бугарија, Турција, Грција, Австрија, Литванија, Словенија, Унгарија и Хрватска.
Директорот Клековски вели дека некои од пациентите ќе треба да бидат згрижувани на многу долг период бидејќи има пациенти со значителни оштетувања.
Ниту еден пациент, нагласува Клековски, не треба да почувствува дека му е скратено правото на лекување во странство оти конзилиум од лекари од скопските клиники секојдневно ги следи пациентите кои се во нашите болници и носи одлуки за пренесување во други болници во зависност од состојбата.
За пациентите сместени во нашите болници, покрај нашите лекари се грижи и тим од лекари од српската ВМА, кој денес мора да се повлече оти во нивните болници се зголеми бројот на пациенти од кај нас, но остануваат тимовите од Чешка и Израел кои оцениле дека Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ ги исполнуваат сите услови за соодветен третман на пациентите.
Македонија
Белгиските тимови се веќе во Скопје за да понудат поддршка по трагедијата во Кочани: Фетаи разговараше со Прево

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Арбен Фетаи, денеска оствари комуникација со министерот за надворешни работи на Белгија, Максим Прево, во врска со трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица.
Министерот Прево изрази искрено сочувство и ја истакна посветеноста на Белгија да помогне во надминувањето на ситуацијата нагласувајќи дека тимовите за брза интервенција B-FAST, вклучувајќи и медицински персонал, веќе пристигнале во Скопје за да понудат поддршка.
Заменик-претседателот на Владата, Фетаи, во својот одговор искажа благодарност до Белгија и до Европската Унија за солидарноста и за итната помош нагласувајќи дека во вакви моменти е важно да можеме да се потпреме на пријателите.
Тој исто така посочи дека оваа трагедија открила сериозни проблеми во системот, кои бараат итни и храбри мерки, како и сериозна дискусија, која веќе е ставена на дневен ред на денешната владина седница.
Македонија
Здравјето на повредените во пожарот во Кочани да биде врвен приоритет, препорака од Лекарската комора

Лекарската комора ја поздравува навремената реакција на надлежните институции во нашата земја, како и срдечната помош и поддршка што ја даваат другите држави со згрижување на најтешко болните пациенти повредени во пожарот во Кочани.
Овој начин на организација, според нив, е клучeн зa пациентите да добијат вистинска шанса со соодветна и високостручна медицинска помош за да ја надминат тешката здравствена состојба во која се наоѓаат.
Оценуваат дека поддршката што ја добиваме од другите држави како со згрижување на пациентите така и со лекарска експертиза, заедно со посветената работа на нашите доктори, е најважна во овие моменти за да се спречи да расте бројката на трагично загинати.
Лекарската комора исто така апелира да се почитуваат медицинските протоколи за лекување и заштита на ваков тип пациенти, кои предвидуваат изолација и забрана за посети.
„Мора да се има предвид дека овие болни имаат мултисистемско засегање на организмот и зголемен ризик од инфекции. Секој дополнителен контакт со надворешни лица, директно и сериозно, може да го загрози нивното здравје. Присуството на цивилни лица кај овие болни исто така може да предизвика и непотребен стрес и вознемиреност, како и да го попречи работењето на медицинскиот персонал“.
Ги повикуваат сите институции, политичари, медиуми, граѓани и здравствени работници да ги почитуваат медицинските протоколи, а здравјето на повредените да го сметаат за највисок приоритет.
„Веруваме дека со таков однос ќе се постигне поголема доверба кај јавноста отколку со непотребни директни посети на болните“, истакнуваат од Лекарската комора.