Спорт
Стефан Ристовски ќе го напушти Динамо Загреб

Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски, веројатно ќе го напушти Динамо Загреб по завршувањето на сезоната. Ристовски, еден од капитените на најтрофејниот хрватски клуб со доаѓањето на тренерот Фабио Канаваро остана без местото во стартната посатав.
Договорот на Ристовски истекува на 30 јуни 2025 година, а потоа ќе стане слободен играч доколку, се разбира, во меѓувреме не потпише нов договор со актуелниот хрватски шампион. Платата на Ристовски според сегашниот договор е околу 700.000 евра годишно.
„Индекс“ пишува дека на подготовките му бил понуден нов договор, но со значително намалување. Новиот договор би бил за најмалку една третина помал од стариот, што значи дека Ристовски би можел да заработува околу 450 илјади евра годишно.
Во овој момент одлуката на Ристовски не е потврдена, но тој најверојатно нема да потпише нов договор. Проблемот не е во парите, туку во тоа што не е задоволен од статусот што би можел да го има следната сезона на „Максимир“.
Тој има 33 години и се уште може да најде сериозна минутажа во европскиот фудбал, а источните лиги и земјите кои нудат профитабилни договори се секогаш опција за играчите кои се пред крајот на кариерата.
Ристовски одигра 177 натпревари за Динамо и одигра важна улога во освојувањето на многу трофеи, но се чини дека и клубот и тој се повеќе се свесни дека влегуваат во нова ера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
ВИДЕО: Романците во последниот напад ја скршија Австрија, победи за Данска, Полска и за Хрватска

Романија го одржа чекорот во трката за баражот за второто место откако на домашен терен ја совлада Австрија со 1-0. Херој на мечот беше Вирџил Гита, кој постигна гол во 95-тата минута, само дваесетина минути откако влезе како замена, донесувајќи вистински триумф за својот тим.
Данска ја реши Грција уште во првото полувреме, славејќи со 3-1. Расмус Хојлунд отвори резултат во 21-та минута, а потоа погодоците ги постигнаа Андерсен и Дамсгард. Грците успеаја да постигнат само почесен гол преку Христос Цолис во второто полувреме.
Полска запиша гостинска победа над Литванија со 0-2. Шимански ги отвори сметките уште во 15-тата минута, а Роберт Левандовски ја потврди победата со погодок во 64-та минута.
Хрватска очекувано го победи Гибралтар со 3-0. Деби голот на Фрук донесе предност, а иако Ловро Мајер промаши пенал, Сучиќ и Ерлиќ се погрижија за убедлив триумф на „коцкестите“.
Спорт
Данев: После Ерменија, да jа победиме и Црна Гора

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година е во ек на подготовките за новиот квалификациски предизвик, наречен гостински дуел против Црна Гора. По стартните порази од Полска и Италија, Македонија во Битола ја победи Ерменија со 2-1 и ги освои првите бодови во овој квалификациски циклус.
Тоа секако дека е добар знак со оглед на лошиот старт на квалификациите, но ништо не е загубено има уште многу бодови на располагање кои треба да се освојат.
„Триумфот против Ерменија пред домашната публика ни даде „ветар во грб“ што се вели. Победата е во вистински момент, на најдобар начин пред наша публика. Атмосферата сега ни е на највисоко ниво. Нема потреба од еуфорија во нашиот табор, туку сосема спротивно. Концентрирано и одговорно одиме во Црна Гора да одиграме уште еден дуел и да освоиме нови бодови. Што се однесува до противникот, се работи за добар состав, кој како и секој друг ривал има позитивни но и негативни страни. Наше е да ги поправиме техничките грешки во нашата игра, да го подигнеме нивото на уште едно скалило и нормално да ги освоиме бодовите кои ќе ни дадат уште поголем стимул и подобра позиција во овие квалификации“, изјави Димитар Данев за сајтот на ФФМ.
Спорт
Левандовски заминува од Барселона по завршувањето на сезоната

Роберт Левандовски ќе ја напушти Барселона по крајот на оваа сезона, открива каталонски „Спорт“. 37-годишниот полски напаѓач оваа сезона во Ла Лига има седум настапи и четири голови, но сѐ почесто се наоѓа на клупата поради фаворизирањето на Феран Торес.
Во Барселона веќе се разгледуваат потенцијални наследници, а најчесто споменуван е 21-годишниот Карл Ета Ејонг од Леванте.
Левандовски пристигна во Барселона во 2022 година, по одличните настапи во Борусија Дортмунд и Баерн Минхен, со кој во 2020 година освои тројна круна под водство на сегашниот тренер на Барса, Ханси Флик.