Регион
Пукање во Загреб: маскирани напаѓачи застрелале маж додека одел во кафуле и побегнале со мотор

Загрепската полиција потврди дека во средата околу 8.35 часот во загрепска Дубрава со огнено оружје бил повреден 57-годишен маж, а неофицијално се работи за бизнисмен, еден од обвинетите на УСКОК за затајување данок при увоз на луксузни автомобили, пренесуваат медиумите во регионот.
„По пријавата дека денеска, 19 март, околу 8.35 часот во Дубрава, маж имал повреда на долните екстремитети, најверојатно како последица од прострелна рана, дојавата е потврдена по пристигнувањето на полициските службеници на местото на настанот“, објави полицијата.
Од таму додаваат дека е утврдено оти станува збор за 57-годишен маж кому му била укажана лекарска помош и дека нема опасност за други лица.
На местото на настанот се утврдуваат сите околности, соопштија кусо од полицијата.
Според „Јутарњи лист“, мажот бил застрелан додека одел на кафе во маалско кафуле. Маскиран маж му пришол одзади и му пукал во нозете по што побегнал. Полицијата се сомнева дека го чекал соучесник на моторот со кој двајцата избегале, пишува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ се огласи од Москва по проблемите со летот

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска пристигна во Москва, каде на аеродромот Внуково го пречека заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.
Доаѓањето на Вучиќ во живо го пренесуваше најгледаната руска телевизија „Русија 24“. На Вучиќ му беше договорен свечен пречек.
„После многу години, повторно во Москва. Горд на антифашистичката борба на мојот српски народ и благодарен за огромната помош што ја имавме од Црвената армија за време на ослободувањето на Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм.
Вучиќ околу 11 часот полета од Белград за Москва, каде што треба да присуствува на прославата на Денот на победата на Црвениот плоштад. Авионот привремено слетал во Баку бидејќи немал дозвола за летање поради борбени операции. Откако доби зелено светло, летот продолжи.
Авионот на Владата на Србија во кој се наоѓаше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, полета од Баку за Москва околу 14:10 часот по српско време.
Во изминатите неколку дена аеродромите во неколку руски градови беа затворени поради напади на украински беспилотни летала.
Помошникот на претседателот на Русија, Јуриј Ушаков, вчера изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на 9 мај ќе има билатерални разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ.
На 9 мај во Москва со Парадата на победата ќе се одбележи 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна, а претседателот Вучиќ претходно најави дека и покрај сите притисоци ќе оди во Москва да го прослави Денот на победата и дека гордо ќе ја претставува Србија на 80-годишнината од победата над фашизмот.
Регион
Македонија да не биде жртва на притисоци и да трпи изнуди за ЕУ, порача Милановиќ

Македонија да не биде жртва на притисоци и да трпи изнуди кога е во пршање членството во Европската Унија, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој беше во посета на земјата.
Тој рече дека има премногу насоки од соседите и меѓународните актери за тоа како Македонија да се движи на европскиот пат, но најголемиот дел треба да се земаат со резерва.
„Правилата се јасни. Треба консензус, односно треба едногласност. Како и да свртите ќе дојде на исто. Се додека е некој против, Македонија за жал не може да напредува на тој пат. Единствено прашање е дали е тоа навистина за вас, односно за вашите граѓани најважната работа на овој свет и единствено вредно за живот и напор или постојат други работи за државата кои ја дефинираат како успешна и реализирана заедница“, изјави Милановиќ.
Хрвaтскиот претседател рече и дека Македонија не треба да се третира како земја со посебни потреби, туку како земја која има проблем.
На заедничката -прес-конференција со претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова беше потенцирано дека Хрватска е искрен македонски пријател и поддржувач на патот кон ЕУ, близок партнер во НАТО и долгогодишен сојузник.
Регион
Авионот на Вучиќ приземјен во Баку, летот прогласен за небезбеден

Авионот на српскиот претседател, Александар Вучиќ, со кој утрово во 11 часот полета за Москва, е приземјен во Баку и во моментот не може да го продолжи своето патување бидејќи нема дозвола да го продолжи летот поради воените операции меѓу Русија и Украина.
Сите земји претходно дадоа дозвола за летот, но сега не може да ја дадат поради воените операции, јавува репортер на „Танјуг“. Се чека одобрение за продолжување на летот.
Аеродромите во Москва исто така моментно се затворени.
Украина ја нападна Москва со беспилотни летала принудувајќи ги повеќето аеродроми во руската престолнина да се затворат токму кога кинескиот претседател Шји Џјинпинг требаше да пристигне за да ја прослави победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Во изминатите неколку дена аеродромите во неколку руски градови беа затворени поради напади од украински беспилотни летала.
За потсетување, претходно беше закажано српскиот претседател да има билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин в петок, што беше објавено и од Кремљ.
Според „Спутник“, не е познато кој воздушен коридор го користел Вучиќ за руската престолнина.
На 9 мај Русија ја одбележува 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна со парада на Црвениот плоштад во Москва и со низа други настани. Се очекува да присуствуваат повеќе од 20 светски лидери.