Македонија
Toшковски: Благодарност до граѓаните за достоинственото искажување на почит, а правдата и одговорноста ќе ги стигне сите виновници
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изрази голема благодарност до граѓаните низ целата држава за достоинствено оддавање почит на жртвите, на протестите кои се одржаа во голем број градови во државата.
„Ова покажа дека како општество знаеме да ја споделиме болката со почит и солидарност. Во вакви трагични моменти, гневот и болката се оправдани, но морам да напоменам да внимаваме тие да не бидат инструментализирани. Одговорноста за оваа трагедија ќе ја бараме преку институционални процеси, а не преку сценарија кои можат да ја продлабочат кризата и да не оддалечат од вистината“, истакна министерот Тошковски.
Министерот Тошковски потенцираше дека е јасно дека сите граѓаните се за правдата да излезе конечно еднаш на виделина и да има целосна одговорност за случајот.
„Клучно е таа да дојде преку институционални и правни механизми, а не преку емоции кои определени структури можеби би сакале да ги искористат во насока која не и служи ниту на вистината, ниту на најблиските на жртвите“, рече Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски ја претстави Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска го претстави предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“, како петгодишен план за развој на соработката со претставниците од дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.
„Денес не претставуваме само документ. Денес ја претставуваме нашата обврска, нашата зрелост и нашата одлучност како држава – конечно, вистински, системски и долгорочно да им се посветиме на нашите луѓе надвор од границите. Македонската дијаспора е најголемата, најсилната и најраспространетата мрежа што ја има нашата земја“, истакна Муцунски во своето обраќање.
„Ова не е Стратегија напишана зад затворени врати, туку во партнерство: институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, дијаспората. Таа значи дека Владата ги слуша вашите потреби, предлози и критики. Оваа Стратегија значи дека државата се менува кон модерна, дигитална, достапна и доверлива администрација. Значи дека државата создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“, додаде тој.
Министерот Муцунски нагласи дека културата претставува најсилниот дипломат на државата, бидејќи ја пренесува нејзината душа и идентитет, кој продолжува да живее и преку дијаспората. Тој посочи дека институционалната поддршка за културата, образованието и јазикот е клучна, бидејќи токму јазикот и знаењето се корените што ја чуваат нашата посебност во глобализираниот свет.
Дополнително, истакна дека Стратегијата ја зајакнува националната самобитност и преку развојот на спортот и спортската дипломатија, чии успеси допираат до милиони. Притоа, подвлече дека со инклузивниот пристап при изработката на документот, државата ја гради заедно со сите граѓани, без разлика дали живеат во земјата или во странство, гледајќи на дијаспората не како на „заминати“, туку како мостови на соработка, амбасадори и партнери.
Покрај министерот за надворешни работи и надворешна трговија, на јавната дебата се обратија и неколку министри од клучни ресори важни за подобрување на односите на матичната земја со дијаспората.
На крај, претставниците од дијаспората, граѓанскиот сектор и академската заедница имаа можност да дебатираат на темите опфатени во Стратегијата, која во следните неколку дена ќе биде отворена за јавноста, а секоја заинтересирана страна ќе може да даде дополнителен придонес за нејзино понатамошно подобрување.
Македонија
Словенија ги призна возачките дозволи oд Македонија
Словенија усвои измени на Законот за возачи, со кои им се овозможува на носителите на возачки дозволи издадени во Македонија, кои живеат во Словенија, да ја заменат својата возачка дозвола без да го полагаат практичниот дел од возачкиот испит.
Истите бенефиции важат и за лицата чии дозволи се издадени во БиХ, Србија, Црна Гора и Косово.
Според новите правила, секој што има регистрирано живеалиште во Словенија ќе може да ја замени својата возачка дозвола во рок од една година од аплицирањето. Практичниот дел од испитот нема да биде потребен, но ќе биде задолжително да се обезбеди доказ за ментална и физичка способност за возење.
Во име на предлагачот, Сандра Газинковски (Свобода) објасни дека овие измени не воведуваат никакви привилегии, туку ја отстрануваат непотребната нееднаквост.
„Тоа е административна пречка што ги забавува процедурите за вработување и им предизвикува на луѓето непотребни трошоци, чекање и дополнителни тестови“, изјави таа.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Кејот на Вардар ќе се чисти секојдневно, скопјани заслужуваат убава, уредена и чиста метропола
Во рамки на тековните активности за уредување на јавните површини и подобрување на хигиената во градот, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја информира јавноста за интензивното чистење и одржување на кејот на реката Вардар.
„Континуирано се врши темелно чистење на кејот на реката Вардар, заедно со нејзиното корито. Екипите на јавните претпријатија во координирана и организирана акција, ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки – сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно станува дел од минатото.

Ова одржување ќе биде трајна практика. Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи скопјани и сите гости на нашиот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува“, напиша Ѓорѓиевски.

