Регион
Мајка и очув во Србија малтретирале 7-годишно девојче, гаселе цигари од неа

Маж и жена се уапсени во белградското предградие Палилула под сомнение дека извршиле насилство врз седумгодишно девојче.
„Нова.рс“ јавува дека надлежното обвинителство наредило С. Д. (24) и К. А. (36) да се задржат во притвор поради сомнение дека заедно извршиле семејно насилство. Набргу ќе бидат слушнати, а српските медиуми утринава објавија дека тие се мајка и очув на малтретираното девојче.
Насилството го пријавила мајката, а кога полицијата пристигнала во нивната куќа, го затекнала девојчето во многу лоша психичка и физичка состојба. Таа имала повреди на целото тело, од кои некои наводно биле предизвикани од гасење цигари на кожата.
Родителите се уапсени на самото место, а детето е пренесено на Ургентниот центар во Белград, каде што му биле констатирани тешки физички повреди, по што е пренесено во Заводот за мајка и дете. Истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Почина Вукашин по четири месеци и 20 дена борба за животот, тој е 16-та жртва од уривањето на натстрешникот во Нови Сад

Матурантот, кој беше тешко повреден при уривањето на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад, почина по четири месеци и 20 дена борба за животот станувајќи 16-та жртва на оваа трагедија, која со месеци предизвикува протести на студентите и граѓаните во Србија.
Станува збор за Вукашин Црнчевиќ, 18-годишно лице, кое на 27 јануари беше префрлено на ВМА од Универзитетскиот клинички центар во Војводина, каде што неговата состојба беше критична, но стабилна.
Од младиот човек денеска се простија студенти и професори на економското училиште „Светозар Милетиќ“, како и многубројни граѓани на Нови Сад.
На училишната зграда беше истакнато црно знаме, а социјалните мрежи беа преполни со пораки на сочувство.
Во знак на сеќавање, денеска на повеќе локации во градот се одржа 16 минути молчење – по една минута за секоја изгубена жртва во трагичната несреќа.
Регион
Два земјотреса утрово во Србија

Два земјотреса со јачина од 2,7 и 2,9 степена според Рихтеровата скала утрово ја погодија Србија, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотрес со јачина од 2,7 степена според Рихтеровата скала ја погоди населбата Гоч во општина Врњачка Бања во 7.18 часот, на длабочина од шест километри.
Вториот земјотрес, во 7.20 часот, со јачина од 2,9 степена, ја погоди истата локација на длабочина од 10 километри.
Регион
Пленковиќ до Вучиќ: Бараj проблеми на друго место

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во четвртокот во Брисел изјави дека разбира оти во Србија се обидуваат да ги бараат проблемите на друго место, но дека не се во меморандумот за соработка во областа на одбраната, кој го потпишаа Хрватска, Косово и Албанија.
„Тоа е меморандум за заедничка соработка, нема непријателски карактер, затоа разбирам дека сега треба да ги бараме проблемите на друго место, но во овој текст ги нема“, рече Пленковиќ запрашан да ја коментира изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ во средата изјави дека ова е кршење на т.н субрегионалниот договор за контрола на оружјето од 1996 година и дека е речиси сигурно дека НАТО не бил информиран за тоа. Пленковиќ додаде дека овој меморандум ги помага напорите на Косово и Албанија во нивните реформи и размена на искуства.
Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за зајакнување на одбранбената соработка, по што Србија најави дека ќе побара итно објаснување од министерствата за надворешни работи на Хрватска и Албанија во врска со потпишаниот документ.
„Тие отворија трка во вооружување во нашиот регион, тоа е тешка ситуација за нас, но ја разбравме нивната порака. Ќе ја спасиме нашата земја, ќе ги одвраќаме и секогаш успешно ќе ја браниме од секој потенцијален агресор, дури и од ваков моќен“, им рече Вучиќ на српските новинари по разговорите во НАТО со генералниот секретар Марко Руте.