Македонија
Бугарски пратеник собра 27.000 евра за настраданите во Кочани

Бугарскиот пратеник Манол Пејков од 16 до 19 март преку хуманитарна кампања собрал 27.000 евра, објавијаод „Пловдив24.бг“.
В петок, заедно со својот соработник Чило, планира да отпатува во Кочани, каде што ќе се сретне со локалното население и ќе ги координира следните чекори за распределба на собраните средства.
Дополнително, во текот на неделата ќе се обиде да оствари средба со амбасадорот на Македонија во Софија за да изрази сочувство и да понуди поддршка од фондацијата.
Бугарските медиуми првично објавија дека се собрани 54.000 лева, а сега таа сума е и поголема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Митева: ДПИ досега има записник од 82 контроли, голем број на издадени решенија за забрана за вршење на дејноста

Владината портпаролка Марија Митева денеска информираше за работата на ДПИ и кои се преземените активности заклучно со вчерашниот ден.
„Вкупно 82 контроли со записник, инаку се многу повеќе за кои сѐ уште трае анализа и контролата, по Законот за угостителска дејност, тука се вклучени сите од кабаре, дискотека, надзори по угостителска дејност на цела територија.
Од 23 со лиценца, констатирано е до сега 13 не исполнуваат минимум технички услови, при што се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана на вршење на дејност“.
Според неа, кај 5 правни субјекти коишто биле регистрирани како кабаре/дискотека и коишто се со истечена лиценца, а е утврдено дека работеле изминатиов период биле издадени решенија за забрана на дејност.
„Кај останатите 41 кафич-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по Законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и 2 затварања за пречекорување на работно време, што подразбира и платен налог“, прецизираше Митева.
Македонија
Митева: Владата во целост ги покрива трошоците, финансиска поддршка за сите семејства

„Како Влада будно ја следиме состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во определени моменти мораме како Влада да апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата. Во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна. Се разбира, сакам и лично, но и од името на Владата на секој граѓанин, на секој поединец, особено на волонтерите од Црвен крст и сите останати да се заблагодарам за несебичната помош и поддршка која ја даваат во овие најтешки денови“, вели Марија Митева портпарол на Владата на денешната прес-конференција.
Митева посочи дека во делот на транспорт и сместување на семејствата на повредените кои се лекуваат во други земји се информирани од страна на Црвениот крст дека за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци, но како што рече таа ова е еднократна парична помош, и во иднина екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата се во контакт со семејствата и ќе се обезбеди целосно покривање на трошоците за сместување.
„Исто така, во делот на транспортот и сместувањето сакам да информирам дека и тоа е обврска и грижа која како Влада ја реализираме. Денешниот пресек е следен: згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство. Воедно, во овој момент бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме се што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња. Уште еднаш апелирам и замолувам да бидеме солидарни без шпекулации коишто ќе наштетат на семејствата“, децидна е Митева.
Македонија
Кривични пријави за 34 физички и три правни лица, доколку постојат докази, истрагата ќе се шири, рече Тошковски

МВР во соработка со ОЈО Кочани ја завршила првата фаза од постапувањето во кривично-правниот настан, истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по трагедијата во Кочани.
Поднесени се, нагласи тој, две кривични пријави против вкупно 34 лица и три правни лица.
„Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички лица и три правни лица за кривично дело тешки дела против општата сигурност по член 292 во врска со предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ, при што едно лице е пријавено и за примање поткуп по член 357 од КЗ“, рече Тошковски.
Оваа трагедија повика на целосна мобилизација на сите институции, оцени Тошковски.
„МВР веднаш ги активира сите капацитети. Од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулација на сообраќајот, сѐ до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување како во земјата така и во странство. Над 250 лица бргу и безбедно беа транспортирани до болниците во државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи како за повредените така и за нивните најблиски што патуваа со нив. Во исто време полициските структури останаа посветени на истражните дејства и на расветлување на случајот дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност“, нагласи министерот.
Во врска со тоа дали истрагата може да се шири на повеќе лица, Тошковски одговори дека апсолутно ќе се шири бројката доколку има докази и за други инволвирани лица.
„Македонија мора да победи во битката со системската корупција, која одзеде 59 млади животи.
Знам дека досегашните искуства на нашиот народ за вакви предмети беа болни и разочарувачки и оттука ги оправдувам загриженоста и сомнежот дека и сега е можно тоа да биде така. Но, нагласувам дека таа загриженост сега е непотребна и докажуваме преку нашите постапки дека има разлика. Работиме со обемен материјал, под огромен притисок, но не смееме да брзаме затоа што половична правда е, всушност, неправда“.
Тој не се согласува со информацијата дека актуелни вработени во МВР на одредени позиции или во другите институции не се дел од истрагата или дека нема осомничени.
„Нема овде наши или ваши. Има луѓе што се одговорни и луѓе што не се одговорни, но мораме да почитуваме процес на правда и мораме темелно да ја работиме истрагата како што ѝ прилега на една држава која треба да одговори соодветно“.