Спорт
Јапонија обезбеди пласман на Светското првенство

Фудбалската репрезентација на Јапонија официјално се пласираше на Светското првенство следната година, откако ја оправда улогата на фаворит на домашен терен со победата над Бахреин со 2:0.
Уште пред денешната пресметка во Саитама се знаеше дека „Самурајите“ се блиску до седмото последователно учество на планетарниот шампионат, а сите дилеми беа решени со очекуваната победа.
Јунак на јапонскиот триумф беше првотимецот на Реал Сосиедад, Такефуса Кубо, кој најпрвин му асистираше на Даичи Камада во 66. минута за водство од 1:0, а потоа ја удвои предноста за конечен резултат на три минути до крајот на натпреварот.
На три кола пред крајот на третата фаза од азиските квалификации, Јапонија ги реши сите дилеми околу квалификациите за Светското првенство, бидејќи нема теоретски шанси да падне под второто место.
Да потсетиме дека Јапонците својот најголем успех го постигнаа со пласманот во осминафиналето на Светското првенство во четири наврати – во 2002, 2010, 2018 и 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Лазаров: Со голема желба за победа ќе влеземе во дуелот со Баја Маре

Извор/ rkalkaloid.mk
Алкалоид в недела против Баја Маре ќе го одигра четвртфиналниот рњванш во Европската лига. Првиот меч, одигран во Романија заврши без победник 31:31.
„Овој меч е од големо значење како за клубот, така и за македонскиот ракомет и спорт и внимателно ќе влеземе во реваншот со Баја Маре. Сакам да ја искористам можноста, затоа што немаше во опција во живо да се следи натпреварот, да им честитам на моите играчи за се што доживеаја и поминаа пред, за време и по мечот, против незгодна романска екипа и начинот на кој се функционира кога се игра на гостински терен.
Горд сум што одигравме квалитетно и дојдовме до позитивен резултат. Можеби за време на натпреварите не изгледа така, но треба да се има разбирање, затоа што знаејќи од моето искуство, знам што може да се случи на такви гостувања и затоа сакам да ја држам екипата свесна и мотивирана затоа што се работи за екипа 99% македонски играчи, од нив 90% млади и перспективни играчи“, рече тренерот на Алкалоид и селектор на Македонија, Кирил Лазаров и дополни.
„Многу сум внимателен за тоа што ни следи во недела. Снимката од мечот што ја добивме како клуб е половична, второто полувреме не е снимано и немаме снимка. Ќе се обидеме да се соземеме, да одиграме еден квалитетен натпревар. Секој нивни старт беше на раб на исклучување, а само двапати добија исклучување. Се работи за екипа од репрезентативци, десетина странци.
Мора да вложиме додатен напор за да се пласираме во полуфинале. Очекувам поддршка од симпатизерите. Баја Маре доаѓа два дена порано, им одложија меч во првенството, за да може да се консолидираат“.
Спорт
Дино Бегановиќ ќе вози за Ферари во Бахреин

Шведскиот возач со потекло од Босна и Херцеговина, Дино Бегановиќ ќе го вози првиот слободен тренинг за Ферари во Бахреин, соопштија од италијанскиот тиm. Викеондот во Бахреин започнува на 11. април, главната трка на програмата е на 13.април.
Талентираното момче родено 2004 година во Линкопинг, Шведска, ќе добие одлична можност да се докаже на тимот. Дипломецот од академијата на Ферари, кој се натпреварува во шампионатот во Формула 2, ќе го има своето деби во Формула 1 бидејќи ќе го вози првиот слободен тренинг заедно со Шарл Леклер.
Ова е во согласност со правилата на Светската автомобилска федерација (ФИА), кои велат дека секој возач мора да го отстапи своето место на млад возач најмалку два тркачки викенди.
Дино е во академијата на Ферари од 2020 година и ова е прилично голема вест за регионалниот мотоспорт, иако тој е официјално регистриран како шведски возач.
Сезоната во Формула 1, продолжува на 6.април со трката за големата награда на Јапонија.
Спорт
Анчелоти обвинет за затајување данок

Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид, се соочува со сериозни обвинувања во Шпанија.
Италијанскиот стручњак следната недела ќе се појави пред суд за затајување данок, а јавниот обвинител тврди дека станува збор за сума поголема од еден милион евра. Анчелоти го негираше обвинението и ќе се брани на суд.
Се очекува Анчелоти да оди на судење на 2 април, каде што ќе треба да ја објасни сумата од 1.062.079 евра, која наводно настанала поради неправилности во даночните пријави за 2014 година (386.361 евра) и 2015 година (675.718 евра). Веќе е запленет неговиот имот во износ од 1.217.958,24 евра, со што долгот е подмирен.
Тренерот на Реал призна дека платил недоволен износ на даноци во 2014 година поради грешка на неговите сметководители, додека во 2015 година негираше какво било кривично дело бидејќи не поминал минимум 183 дена во земјата.
„Тоа е стара приказна. Тие веруваат дека сум бил жител во 2015 година, а не сум бил. Казната е платена и сè е сега во рацете на моите адвокати. Верувам во мојата невиност, ќе видиме што ќе одлучат судиите”, изјави претходно Анчелоти.
Шпанското обвинителство бара затворска казна од четири години и девет месеци доколку биде прогласен за виновен.
Само еден ден по судењето, Анчелоти има реванш полуфинален натпревар од Копа дел Реј против Реал Сосиедад.