Македонија
Барал мито од 13 илјади евра: истрага и предлог за притвор за едно лице
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство загонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице.
Лицето како раководно службено лице од почетокот на годинава во повеќе наврати директно побарал и примил поголема имотна корист за себе и за трети лица за да извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Осомничениот во два наврати директно побарал од подносителот на барањето паричен износ од 16.000 евра, а потоа износот во понатамошните средби со оштетениот го намалил на 13.000 евра, за да тој и комисијата што одлучувала во управна постапка по барањето за издавање на урбанистички проект постапат по барањето на оштетениот.
Дел од парите наводно биле за другите службеници вклучени во управната постапка за да одлучат во побрз рок. Со оглед дека било договорено парите етапно да бидат исплаќани како што ќе се одвива управната постапка, осомничениот за првото дејствие побарал износ од 4.400 евра.
Вчеравечер на договорената средба оштетениот му дал 2000 евра, кои осомничениот ги примил и in flagranti бил фатен од страна на полициските службеници.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје предложи истата да му биде определена на осомничениот во траење од 30 дена, сооптија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проектот ЕКО Авантура на Изворска Јуниор продолжува!
Детскиот театарски проект на Компанијата Кожувчанка и Изворска Јуниор – „ЕКО авантура“ продолжува низ целата држава. Уште 60 претстави и вкупно 14.000 деца како дел од едукативниот караван!
По извонредниот успех на проектот во Скопје, компанијата Кожувчанка со гордост го најавува караванот кој продолжува низ училиштата и предучилишните установи низ целата земја со нови изведби.
А, „ЕКО авантура“ и натаму ја исполнува својата мисија. Преку театар, интеракција и игра таа ги едуцира најмладите за заштита на животната средина, рециклирање, создава здрави навики и учи на редовна консумација на вода. Претставата е во продукција на Триангл, а во режија на Десанка Глигоријевиќ, која на разбирлив и забавен начин ги поврзува едукацијата и креативноста.
Новата фаза предвидува можност и за двојазична изведба (македонски и албански), со што проектот станува уште подостапен и претставува редок пример на инклузивна, современа и образовна културна практика во земјата.
Како компанија, Кожувчанка со години вложува во општествено одговорни проекти што ги поддржуваат децата, најважните членови на нашето општество и нашата иднина.
„Веруваме дека грижата за идните генерации започнува од најмала возраст, преку знаење, навики и вредности што ќе ја градат нашата заедничка иднина. Затоа се стремиме да ги поттикнуваме најмладите да учат, да истражуваат и да се развиваат со љубов кон природата, здравјето и средината во која живеат“, изјавија од компанијата.
А со „ЕКО авантура“, Кожувчанка уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон образованието, инклузијата и одржливоста, поддржувајќи ја најважната задача – да ги подготви децата за подобра и посвесна иднина!
ПР
Македонија
Затоа за граѓаните на Македонија нема покачување на платите, не работат „приватно“ како Мицкоски, велат од СДСМ
„ВМРО го вработилo, па така во „приватниот бизнис“ Христијан Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ, па советник на Груевски, па еве сега конечно се самовработи во приватниот бизнис – како премиер“, велат од СДСМ.
„Од таа позиција си купува луксузни авионски карти па дури сака и авион, со пари на граѓаните. Приватно гради хидроцентрали, приватно продава струја, туристички патува во Давос.
Луксузот го учел од најлуксузниот, Груевски, кој со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра. Приватно.
Убаво си вели ВМРО – сè е приватно. Приватни пријателства, ортаци за тендери. Сè е приватно. Позната одлика на десничарите – заштита на крупниот капитал. Приватен бизнис и часовници од 150 минимлани плати.
Затоа за граѓаните на Македонија нема покачување на платите, не работат „приватно“ како него. Увезуваат и „економски работници“. Сè е тоа бизнис. Приватно. За пари“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Обвинителството да не молчи, Заев и Филипче ги злоупотребиле државните институции за насилно преземање на болницата Жан Митрев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Сведоштвото на Жан Митрев јасно покажува дека Заев и Филипче брутално ги злоупотребиле институциите. Заев и Филипче смислиле план и со помош на злоупотреба на државните институции, закани и притисоци се обиделе да ја преземат болницата Жан Митрев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев како премиер и Филипче како министер за здравство ја користеле државата за да остварат лични и бизнис интереси. Преку Фондот за здравствено осигурување, тие систематски ја зголемувале сумата која болницата „Жан Митрев“ ја добивала од државата, за во периодот од 2017 до 2020 година таа да порасне за над 320 милиони денари, односно околу 5 милиони евра народни пари.
Од 360 милиони денари вредноста достигнува 682 милиони денари. Ова е доказ дека Филипче и Заев сакале да ја преземат болницата по багателна цена и на тој начин државните пари на крај да завршат во џебовите на Филипче и Заев.
На Заев и Филипче во целокупното владеење единствена цел им биле сопствените интереси и енормно богатење на грбот на народот.
Во намерата за остварување на сопствените лукративни цели и бизнис интереси не се штеделе ниту тие ниту пак државата. Ги злоупотребиле институциите, ургирале во судството и обвинителството, го искористиле ФЗО, и ги злоупотребиле народните пари за приватни интереси.
ЈО да не молчи. ЈО да го истражи случајот. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

