Македонија
Земјотрес во Струмица

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес во 15 часот и 34 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Струмица, на 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML2.4.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Струмица и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
200 илјади евра казна за БУЛМАК поради прекршок од трета категорија, извести МЖСПП

По извршен вонреден инспекциски надзор на ден 24.03.2025 година, од страна на Државниот инспекторат за животна средина, утврдено е дека од страна на БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка согласно член 212-ж став (1) точка 16 и став (2) од Законот за животна средина е сторен прекршок од трета категорија при што гореименуваниот сторител е согласен за поведување на постапка за спогодување согласно Законот за животна средина пред Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Имено, според известување од страна на БУЛМАК, на 14.03.2025 година, во период од 06:30 до 07:00 часот се случи инцидент поради пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена, соопшти Министерството за животна средина.
Булмак извести дека во меѓу време дефектот се санира и е сопрено истекувањето на водата.
Со потпишување на записник сторителот се согласува за поведување на постапка за спогодување согласно член 212-г од Законот за животната средина.
Предвидената прекршочна глоба за големи трговци согласно регистрацијата во Централен Регистар на РСМ во овој случај за правниот субјект е максимална и изнесува 180-000 до 200.000 евра во денарска противвредност, односно максимални 10.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице.
Министерот Изет Меџити испрати јасна порака дека нема толеранција за загадувачите:
„Законот мора да се почитува. Секој што ќе ја загрози животната средина ќе се соочи со санкции, без исклучок. Инспекциските контроли ќе продолжат со засилено темпо, а Министерството ќе инсистира на целосна транспарентност и одговорност. Ова е само еден од многуте чекори што ги преземаме за да обезбедиме чиста и безбедна околина за сите граѓани“.
Македонија
Собранието да се консолидира и да почне да ја врши својата функција, бара Хелсиншкиот комитет за човекови права

„Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања. Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од таму потсетуваат дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа.
„Собранието има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции.
Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции.
Оттука несфатливо е што Собранието имајќи ги овие механизми на располагање наместо да ги искористи, одлучи да не одржува седници. Логично е да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни.
Ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања исто така, можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулиураше насоките по кои што треба да се движат работите понатаму. Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија.
Граѓаните очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.
Очекуваме Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации.
Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво“, соопштува Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утринава, во 05 часот и 04 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Република Грција, на 125 км јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.4.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од
III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.