Свет
Белгискиот премиер: Конфискацијата на замрзнатите руски средства е чин на војна

Белгискиот премиер Барт де Вевер изјави вчера, по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел, дека заплената на речиси 200 милијарди евра замрзнати руски средства од Европа ќе биде акт на војна. Тој исто така предупреди дека таквиот потег ќе претставува ризик за целиот светски финансиски систем и ќе предизвика одмазда од Москва, пренесува „Политико“.
Предупредувањето на Де Вевер дојде во време кога европските земји, како Франција, Обединетото Кралство и Шпанија, сѐ повеќе размислуваат за запленување на руските средства, кои беа замрзнати кога претседателот Владимир Путин почна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Тие имаат цел да ги искористат средствата за зајакнување на одбраната на Украина и зголемување на преговарачката моќ на Киев во идните мировни преговори со Русија.
Белгија е од особен интерес бидејќи најголем дел од замрзнатите руски средства во Европа ги држи Euroclear, финансиска институција со седиште во Брисел.
Властите стравуваат дека предавањето на тие средства на Украина ќе го изложи Euroclear на дополнителни тужби. Во моментот компанијата е вклучена во неколку судски случаи, при што некои се разгледуваат во судовите на Русија, каде што се обидува да го оспори замрзнувањето на имотот и да бара надомест на штета, пренесува медиумот.
„Не живееме во свет на фантазии. Во реалниот свет, ако некому му земете 200 милијарди евра, тоа ќе има последици“, вели Де Вевер.
Минатата година земјите од Г7 постигнаа договор дека, наместо самиот имот, приходот што го генерира ќе го искористат за издавање заем на Украина во вредност од 50 милијарди евра.
Сепак, некои земји сега се залагаат за порадикален пристап. На почетокот на март француските пратеници поддржаа необврзувачка резолуција, со која се повикува ЕУ да ги заплени руските средства и да ги искористи за помош на Украина. И Шпанија ја поддржа идејата на затворениот состанок на лидерите на ЕУ.
„Не можеме да ги претставиме средствата како касичка на Путин, која, едноставно, можете да ја скршите со чекан и да ги потрошите парите на што сакате бидејќи реалноста не е толку едноставна“, рече Де Вевер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Повеќе од 40 повредени во масовниот руски напад врз Киев, меѓу оние кои починаа има и дете

Украина соопшти дека најмалку четири лица се убиени, а 13 други се ранети во главниот град Киев за време на голем руски напад врз земјата во текот на ноќта.
„Според ажурираните податоци, досега 13 лица се повредени (вклучувајќи едно дете) и четворица починаа (вклучувајќи едно дете) како резултат на нападот врз Киев“, изјави Тимур Ткаченко, началник на Воената администрација на градот Киев, на Телеграм.
Ткаченко додаде дека е предизвикана штета на неколку станбени и нестанбени згради во областите Дарницки, Свјатошински, Соломијански, Холосиевски и Днепровски, вклучувајќи го и кардиолошкиот институт. Гувернерот на регионот Киев, Микола Калашник, изјави дека најмалку 28 лица, меѓу кои и три деца, се повредени во регионот околу главниот град.
„Четири лица се хоспитализирани во регионалните болници, тројца возрасни и едно дете. Сите се хоспитализирани во умерено сериозна состојба“, додаде Калашник.
Украинските воздухопловни сили тврдат дека воздушната одбрана соборила 568 од 595 дронови, како и 43 од 48 различни видови ракети лансирани од Русија преку ноќ, а главна цел бил Киев.
Свет
Земјотрес со јачина од 5,4 степени ја погоди западна Турција

Земјотрес со јачина од 5,4 степени ја погоди денеска западна Турција, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Земјотресот се случил во 12:59 часот по локално време и бил на длабочина од девет километри, според податоците објавени на веб-страницата на ЕМСЦ.
Според податоците од Турската дирекција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), епицентарот на земјотресот бил во областа на градот Симав во округот Ќутахија.
Земјотресот, кој бил почувствуван и во соседните области, бил на длабочина од 8,4 километри, соопшти AФАД.
Свет
Цистерни со нафта излетаа од шини на железничката пруга Ваљево – Косјериќ

Две цистерни полни со нафта синоќа излетаа од шините на железничката пруга Ваљево – Косјериќ, во близина на местото Ражана, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, цистерните биле при крајот на товарниот воз што се движел кон Косјериќ. Засега не е познато што ја предизвикало несреќата, ниту дали имало истекување нафта од композицијата.
Локалните портали јавуваат дека екипи се на терен и се очекува официјално соопштение од надлежните органи за причините и можните последици од инцидентот.