Македонија
Митева: Владата во целост ги покрива трошоците, финансиска поддршка за сите семејства

„Како Влада будно ја следиме состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во определени моменти мораме како Влада да апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата. Во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна. Се разбира, сакам и лично, но и од името на Владата на секој граѓанин, на секој поединец, особено на волонтерите од Црвен крст и сите останати да се заблагодарам за несебичната помош и поддршка која ја даваат во овие најтешки денови“, вели Марија Митева портпарол на Владата на денешната прес-конференција.
Митева посочи дека во делот на транспорт и сместување на семејствата на повредените кои се лекуваат во други земји се информирани од страна на Црвениот крст дека за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци, но како што рече таа ова е еднократна парична помош, и во иднина екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата се во контакт со семејствата и ќе се обезбеди целосно покривање на трошоците за сместување.
„Исто така, во делот на транспортот и сместувањето сакам да информирам дека и тоа е обврска и грижа која како Влада ја реализираме. Денешниот пресек е следен: згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство. Воедно, во овој момент бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме се што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња. Уште еднаш апелирам и замолувам да бидеме солидарни без шпекулации коишто ќе наштетат на семејствата“, децидна е Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Koстадиновски од Букурешт: Силата на аргументите ја прават одлуката на Судот авторитетна

Претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски учествува на 10. Конгрес на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата во Букурешт Романија, каде што попладнево имаше свое обраќање.
Костадиновски се обрати на Првата работната сесија со фокус на темата: Конституционална рамка на толкување на Уставот. Во неговиот говор го стави акцентот на „живиот конституционализам” и интерпретацијата на Уставот во современите општества.
Претседателот на Уставниот суд во обраќањето ги истакна дилемите за толкувањето на Уставот низ призмата на две гледишта, т.н. „жив конституционализам” и оригинализмот, притоа нагласувајќи дека неговите сфаќања се поблиску до интерпретарција на Уставот преку еден од помодерните начини за толкување на уставот, односно „жив констутиционализам”.
„Дефиницијата за „жив Устав” е Устав што се менува како што се менуваат времињата. Имено, промените во општеството бараат адаптација, прилагодување на уставните вредности, принципи и норми на настанатите промени, без формална измена на уставниот текст. Оваа теорија е во допир со реалноста, и ваквиот пристап кон уставно судското толкување сам по себе се наметнува како нужен, неопходен и општествено оправдан. Силата на аргументите е таа која ја прави одлуката на Судот авторитетна, додека отсуството на аргументирана и образложена одлука донесена низ призмата на живиот конституционализам, само може да ги потврди стравувањата на оригиналистите, за „уставотворење од клупата”. Овие суштествени елементи, доведуваат до совршен правен ефект наречен „умерен жив конституционализам”, кој својот практичен ефект го има во општествените разбирања кои ги надминуваат уставните, изјави претседателот на Уставниот суд.
Според претседателот Костадиновски, овој начин на толкување на уставните норми, во модерните општества им пркоси на предизвиците со кои се соочуваат уставните судии и е во насока на афирмирање на улогата уставни судии како чувари на Уставот, но и најповикани толкувачи на правната норма.
„Креативната и иновативната интерпретација ја стимулира амбицијата и чувството на совест и одговорност кај судиите, ја спречува летаргијата и стагнацијата во квалитетот на расправите и одлуките, овозможува прогрес, и ја развива пристојната умесна критика на одлуките. Со толкување на Уставот низ призмата на живиот конституционализам, со силата на правните сфаќања и аргументи со кои тоа се прави, може само да се зголеми кредибилноста и авторитетот на Судот, прво да ги антиципира и прифати, но истовремено и да влијае и да ги трасира промените или уште попрецизно да ги хармонизира и усогласи пишаните уставни вредности и норми со духот на времето”.
На Когресот ќе се обратат претседателот на Уставниот суд на Романија, претседателите на Европскиот суд на правдата и на Европскиот суд за човекови права, претставници на Врховниот суд за касација и правда, претседателката на ACCF и други истакнати правници од европските судови и меѓународни организации.
Во работниот дел предвидено е членките на АCCF да дискутираат и да донесат одлуки за: тригодишниот извештај за етичките принципи, презентација на тригодишниот финансиски извештај, предлог за измени на Статутот и Деловникот за работа на ACCF, презентација на водичот „Етички принципи на уставниот судија“, предложен од ACCF- Гласање од страна на Генералното собрание, презентација на кандидатурите за членови на Бирото на ACCF за периодот 2025–2028, презентација на барањето за членство на Уставниот суд на Косово, презентација на тригодишната програма на ACCF за периодот 2025–2028 година.
Покрај претседателот д-р Костадиновски, дел од Делегацијата на Уставниот суд во Букурешт е и советникот на Судот Татјана Јањиќ- Тодорова.
Македонија
(Видео) „Филипче да се огради од наркодилерот Андон Стојков“, бара Манасиевски

„24 часа Венко Филипче и СДС молчат за нивниот пријател и функционер Андон Стојков, кој беше фатен со дрога. Филипче и СДС молчат затоа што Андон Стојков е нивен близок пријател, а тоа се гледа од овие фотографии со Венко Филипче и Зоран Заев“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Срамота е на кое дереџе се спушти СДС последните неколку години, да молчи и да се срами од наркодилери и криминалци.
Венко Филипче да се огради од наркодилерот Андон Стојков, а доколку не го направи тоа, се поставува логичното прашање, дали можеби лично тој стои позади него?
Ако Венко Филипче не се огради, се поставува и прашањето, дали и тој можеби има профит од наркотрговијата на Андон Стојков“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Формирана Интерпартиска парламентарна група за поддршка на правата на Ромите

Симболично, на големиот празник за Ромите – Ѓурѓовден, денеска беше формирана Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија.
Во оваа Група ќе бидат застапени членови од сите политички партии во Собранието, а за претседател на Групата е избран пратеникот Игор Здравковски, додека за негови заменици – пратениците Амар Мециновиќ и Арбана Пашоли.
Иако во актуелниот парламентарен состав нема Роми, сепак оваа Група ќе продолжи да ги застапува граѓаните од оваа припадност.
Здравковски информира за статистичките бројки во однос на образованието, невработеноста и институционалната вклученост на Ромите, кои се поразителни. Токму затоа, потребни се дополнителни напори за издигање на состојбата на ромската заедница во државата.
На конституирањето на Групата во овој мандат, присуствуваше и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој го поздрави истото и покажа интерес за активно вклучување во подобрување на правата на Ромите.
„Оваа седница нека биде повик кон нашата совест системски да ги решаваме проблемите на Ромите“, рече Гаши. Сето ова, додаде тој, во насока на почитување на Уставот, кој ги третира сите граѓани подеднакво и пратениците како најповикани, треба да дадат максимални заложби за никој во државата да не се почувствува дискриминиран.