Свет
Принцот Вилијам на тенк во близина на границата со Русија

Ако посетите на членовите на британското кралско семејство служат за испраќање политички пораки, тогаш фотографијата на принцот од Велс во тенк во близина на руската граница е една од најдиректните, пренесува Би-би-си.
Имено, принцот Вилијам пристигна во Естонија за да ги поддржи британските војници во најголемото странско оперативно распоредување на британската армија, која ја брани оваа балтичка држава од потенцијална руска закана. Во петокот, на ледениот и каллив воен полигон, принцот набљудуваше војници и воена опрема кои го чуваа источното крило на НАТО, пренесува медиумот.
Би-Би-Си известува дека принцот Вилијам, во маскирна униформа, гледајќи од тенк Челинџер 2, а потоа од оклопно борбено возило, „јасно ја изрази решеноста на Британија да спречи каква било руска агресија“.
За време на дводневната посета на Естонија, принцот Вилијам направи обиколка на некои од 900 британски војници кои ја сочинуваат оваа мултинационална група, вклучително и членови на полкот Мерсиан, чиј почесен полковник е.
Тој го обиколи воениот полигон во кампот, каде што се спроведува операцијата Кабрит, придонес на Британија за „колективната безбедност и одбрана“ на НАТО на овој ранлив балтички регион. Принцот, носејќи ги ознаките на НАТО на својата униформа, ја набљудувал теренската обука на борбената група и разговарал со естонските и француските војници.
Тој ги праша војниците за нивното распоредување во контекст на „блискост со Русија“ и ги праша дали оваа ситуација им изгледа пореална од претходните вежби.
Посетата беше фокусирана и на добросостојбата на војниците стационирани таму. Принцот Вилијам праша дали сè уште постои стигма околу разговорите за менталното здравје во војската. „Тоа оди во вистинската насока“, му рече службеничката за социјална помош Ејми-Џејн Хејл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Цистерни со нафта излетаа од шини на железничката пруга Ваљево – Косјериќ

Две цистерни полни со нафта синоќа излетаа од шините на железничката пруга Ваљево – Косјериќ, во близина на местото Ражана, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, цистерните биле при крајот на товарниот воз што се движел кон Косјериќ. Засега не е познато што ја предизвикало несреќата, ниту дали имало истекување нафта од композицијата.
Локалните портали јавуваат дека екипи се на терен и се очекува официјално соопштение од надлежните органи за причините и можните последици од инцидентот.
Свет
Израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека изминатиот ден израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа, вклучувајќи згради што ги користат терористичките групи.
Нападите се случуваат во време кога копнените трупи од три дивизии на ИДФ продолжуваат да напредуваат во градот Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Армијата соопшти дека трупите на Голанската бригада на ИДФ во еден инцидент во Газа забележале ќелија од пет борци на палестинското милитантно движење Хамас, кои испукале ракета RPG кон зградата каде што биле стационирани израелските сили, и дека тие возвратиле на нападот.
Свет
Поради тајфунот Буалој илјадници луѓе се евакуирани во Виетнам и на југот на Кина

Виетнам денеска ги затвори аеродромите и евакуираше илјадници луѓе во областите што потенцијално би можеле да бидат погодени од сè посилниот тајфун Буалој, кој се движи кон земјата од Филипините, каде што предизвика најмалку десет смртни случаи и разорни поплави.
Се очекува тајфунот со брзина на ветер од 133 километри на час да стигне до централниот дел од Виетнам во текот на денот, соопшти Виетнамската национална метеоролошка агенција.
„Ова е брзо движечка бура, речиси двојно поголема од просечната брзина, со висок интензитет и широка област на влијание. Способна е истовремено да предизвика повеќе природни катастрофи, вклучувајќи силни ветрови, обилни дождови, поплави, лизгање на земјиштето и крајбрежни поплави“, се вели во соопштението на метеоролошката агенција.
Властите во централната покраина Ха Тин започнаа со евакуација на повеќе од 15.000 луѓе, соопшти виетнамската Влада, додавајќи дека илјадници војници се во состојба на готовност за да му пружат помош на населението. Виетнам ги прекина операциите на четири крајбрежни аеродроми, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Дананг, и ги прилагоди времињата на полетување на неколку авиони, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Виетнам. Обилните дождови веќе предизвикаа поплави во Хуе и Куанг Три, соопшти виетнамската Влада.
Кинескиот град Сања во јужната островска покраина Хајнан е исто така ставен во состојба на зголемена готовност, бидејќи тајфунот Буалој, 20-тиот тајфун оваа година, се приближува кон јужниот дел од островот, соопшти кинеската покраинска метеоролошка опсерваторија.