Македонија
Мицкоски го посети семејството на починатиот возач од Брзата помош кој цела ноќ спасуваше деца

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денес ја посети сопругата и семејството на Иле Гоцевски, возачот на Брзата помош кој трагично почина по помошта што ја пружи на повредените во трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Мицкоски изрази почит и благодарност за храброста и пожртвуваноста на Иле, кој цела ноќ се посветил на помагање на повредените, оставувајќи траен пример за хуманост.
Во својот Фејсбук статус, премиерот нагласи дека во време на национална тага, храброста и човечноста на луѓето како Иле Гоцевски служат како инспирација и потсетник дека вистинските херои не носат оклопи, туку имаат срце исполнето со љубов и пожртвуваност.
„Иле замина тивко, но зад себе остави пример кој нема да го заборавиме. Мојата почит и поклон за него. Почит и до сите што несебично им служат на граѓаните. Вечна ти слава, Иле,“ напиша Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес ми е роденден, не ми се пие и пее, не ми се бројат години, децата изгореа во песната, музичарите паднаа на бината: Пере од Нокаут по трагедијата во Кочани

Пејачот од групата Нокаут Никола Перевски – Пере, кој полни 47 години со емотивна порака по трагедијата во Кочани на денот на неговиот роденден.
„Не ми се пие и пее, не ми се брои години. Децата изгореа во песната, музичарите паднаа на бината. Како ноти што никогаш не добиваат рефрен“, напиша тој на социјалните мрежи.
„Денес ми е роденден.
Се сеќавам.
Не те славам.
Ова не е објава,
туку белег со неколку реда
што ме болат.
Не ми се пие и пее,
не ми се брои
години.
Децата изгореа во песната,
музичарите паднаа на бината.
Како ноти што никогаш
не добиваат рефрен.
Некои си отидоа
пеејки.
Други со рацете на жиците.
Сцената ги прегрна
мајка како што не пушта и
кога знае дека губи.
Денес ми е роденден.
но нема што да посакувам.
Освен да го вратат времето
или барем
да престане да пече“.
Македонија
Муцунски во Будимпешта: се информираше за состојбата на повредените пациенти од трагедијата во Кочани

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојуваше во еднодневна работна посета на Будимпешта, Унгарија, каде оствари билатерална средба со неговиот унгарски колега, министерот за надворешни работи Петер Сијарто, и, на негова покана, се обрати пред членовите на Дипломатскиот совет на Унгарија.
На средбата со Сијарто, Муцунски упати искрена благодарност за поддршката и прифаќањето на македонските пациенти повредени во несреќата во Кочани, нагласувајќи дека оваа конкретна помош е дел од продлабоченото пријателство и соработка помеѓу двете земји, градено интензивно во изминатите девет месеци.
Во рамки на посетата, Муцунски ја посети и болницата во Будимпешта каде што се згрижени шест македонски пациенти. Се сретна со нивните семејства и со медицинскиот персонал, од кои доби информации за состојбата на пациентите и упати благодарност за грижата, професионалноста и човечноста со која унгарските лекари се вложуваат во нивното лекување. Притоа истакна дека поддршката се однесува не само на пациентите, туку и на нивните најблиски, кои добиваат логистичка поддршка преку дипломатско-конзуларната мрежа.
Министерот и неговиот домаќин разговараа и за унапредување на економската соработка, со акцент на инвестициите, енергетиката и трговската размена, како и за актуелната регионална динамика, стабилноста, безбедносните предизвици и континуираната поддршка од Унгарија за македонските евроинтеграции.
Македонија
„Секој еден може да е следен, сакаме да живееме во безбедна држава“: порачаа учесниците на протестниот марш

На Плоштадот Македонија во Скопје започна протестот на граѓанското движење „Кој е следен“.
Учесниците бараат одговорност за трагедијата која минатата недела се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Со транспаренти „Системот е следен“ и извикувајќи “Доста беше смрт”, “Секој еден, може да е следен”, на протестниот марш граѓаните со триминутен аплауз ги поздравија и поддржаа лекарите кои се грижат за повредените од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Протестот започна на плоштадот Македонија во Скопје и продолжи пред зградата на Собранието и Градската болница, каде што граѓаните ги поздравија лекарите и им изразија поддршка.
Од движењето во најавата за маршот напоменаа дека се исклучиво против секаков вид насилство и провокации, а воедно се оградуваат и од каков било повик, скандирање (говор на омраза) или однесување кое има за цел да го наруши јавниот ред и мир.
„Ние сме граѓанска иницијатива, не сме поврзани со ниту една политичка партија. Многу е битно да се разграничи партизирање од политизирање. Ние сме активни граѓани, сакаме да останеме тука, да живееме во Македонија, но да е безбедно, бараме одговорност, безбедност и транспарентност и затоа протестираме“, изјави Милена Јаневска од граѓанското движење.
Како што најави очекуваат транспарентност од истражните органи и поддршка од медиумите, очекуваат одговорност од сите поврзани со кочанската и сите претходни трагедии. Изразуваат целосна поддршка до медицинскиот персонал и сите вклучени во истрагата.
„На улица сме зашто треба да се слушне гласот на народот, секој револт на граѓаните е оправдан“ нагласи Јаневска.
Поради протестниот марш, од 19.00 часот е воведен посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје. СВР Скопје апелира да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.