Македонија
Бројот на критични пациенти од пожарот во Кочани се намалува, но им претстои долга борба на опоравување

Неколку дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се намалува бројот на критичните пациенти кои се лекуваат во земјава и надвор од државата. Но, како што посочија вчера надлежните, борбата не е завршена, таа допрва претстои, почнува ризикот од инфекции и претстои можно влошување на состојбата. Сепак, утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата.
Од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.
Mинистерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, вчера соопшти дека од пациентите кои се лекуваат надвор од државата, се очекува идната недела пет да бидат вратени во земјава.
По тријажата која ќе им биде направена, потенцира, ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување. Министерот за здравство нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба.
Според Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), утре се очекуваат протоколи за враќање во земјата на првите пациенти од странство кои се во добра здравствена состојба што ќе се случи, најверојатно, во втората половина на неделата. Тимови од Израел и Велика Британија, како што рече вчера на прес-конференција, помагаат да се направи планот за враќање, рехабилитација и натамошен третман во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Центар, Аеродром, Сарај и Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 – 11:00 часот, објектите во околината на Транспотниот Центар, односно делови од улиците: Мирче Ацев и Никола Карев. (Општина Центар)
· од 09:00 – 12:00 часот, дел од ул. Ѓорѓи Капчев. (Општина Аеродром)
· од 09:30 – 12:00 часот, дел од с. Никиштани. (Општина Сарај)
· од 11:00 – 14:00 часот, објектите во околината на БОРА ПЕТРОЛ во Индустриската зона – Качанички Пат, Визбегово. (Општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со умерена облачност. Попладне облачноста ќе се зголеми, а во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд (над 30л/м2), а на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60км/ч), особено вдолж Повардарието. Дневните температури значително ќе опаднат. Во деновите од викендот и во понеделник ќе има услови за слаб локален дожд, а дневните температури повторно ќе бидат во пораст.
Македонија
Без вода денеска дел од Карпош

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради дефект на приклучна цевка ф 1“ на улицата Ванчо Мицков бр.40, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Ванчо Мицков, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до санирање на дефектот.