Македонија
Презентирани можностите за инвестирање во Македонија на бизнис форум во Будимпешта

Македонскиот премиер Никола Груевски, во петокот се обрати на бизнис форум во Будимпешта, каде беа презентирани поволностите и бизнис можностите кои ги нуди Република Македонија.
На бизнис форумот, кој се одржа во соработка со Американската стопанска комора во Унгарија присуствуваа поголем број на глобални компании чии што регионални центри се лоцирани во Будимпешта, како и поголем број на унгарски компании од областа на енергетиката, здравството, инфраструктурата, туризмот и останатите стопански гранки.
Премиерот Груевски информираше за погодностите кои што ги овозможува нашата земја за инвестирање, потенцирајќи дека Македонија е земја која што обезбедува најниски трошоци за водење на бизнис во Европа што е потврдено со поголем број на релевантни извештаи на меѓународни економски финансиски организации.
Груевски ја истакна посветеноста на Владата на континуирано унапредување на бизнис климата во нашата земја кое што се одвива преку постојани реформи и низ дијалог со бизнис заедницата. Тој посебно се осврна на најнискиот даночен пакет кој што го овозможува нашата земја и кој што претставува една од нашите главни позитивни карактеристики која што придонесува за привлекување на странските инвеститори.
Персоналниот данок на доход изнесува 10%, исто како и данокот на добивка, а во случај на реинвестирање на добивката данокот е 0%. Ги намаливме и останатите трошоци вклучително и царинските давачки, данокот на додадена вредност за многу сектори беше намален од 18 на 5%, така што станавме земја со најниски даноци во Европа, изјави Груевски.
Тој се осврна и на погодностите кои што се нудат во технолошко-индустриските развојни зони каде инвеститорите се ослободени во првите 10 години од плаќањето на данокот на добивка и персоналниот данок на доход, а се ослободуваат и увозите на компаниите во зоните од плаќање на царина и на плаќање на ДДВ.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски во своето излагање ги потенцираше макроекономските индикатори кои што се позитивни и кои што гарантираат предвидливо опкружување за водење на бизнис. Тој се осврна за можностите кои ги обезбедува нашата земја од областа на производството и трговијата.
Во соработка со Американската бизнис комора чии што членки се некои од најголемите светски корпорации, а чии седишта се тука во Будимпешта, организиравме презентирање на бизнис можностите кои се нудат во Македонија, а со еден дел од компаниите имавме и директни одвоени средби бидејќи тие се заинтересирани за барање на дополнителни дестинации каде што ќе го стационираат своето производство, некаде се работи и за компании од високата технологија, а исто така, имавме и директни средби со компании кои што се од Унгарија, кои што исто така како овие големи мултинационални компании ја препознаваат Македонија по поволната бизнис клима и бараат место каде што својата нова инвестиција би ја пласирале. Нашата цел е да им ја објасниме нашата економска политика и тие да дојдат во Македонија да ја направат својата инвестиција што за нас пак ќе го зголеми бројот на нови работни места и би значело зголемување на извозот, изјави вицепремиерот Пешевски.
Претставниците на Американската стопанска комора на компаниите кои што беа присутни вклучително и на претставниците на унгарските компании дадоа позитивни оценки за бизнис климата во Македонија и економските политики кои што се спроведуваат. Позитивно беше оценет даночниот пакет, како и квалитетната и едуцирана работна сила која што ја има државата.
Ференц Понграч директор во IBM посочи дека имал можност да слушне многу од настапот на премиерот Груевски и владината делегација.
Многу е корисно да се има вакви презентации бидејќи после тоа се располага со повеќе информации за Македонија. Она што го дознавме се ниските даноци, но освен тоа постојат и други посебни можности за инвеститорите. Беше импресивно да се види како Македонија инвестира во образованието и јас бев лично импресиониран од посветеноста на Владата во развојот на образованието поврзано со информатичките науки, изјави Понграч./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска – Кочоска во Брисел: Реформите остануваат клучни за конкурентноста на европската економија

Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за РС Македонија од заедничките заклучоци од овогодинешниот 11-ти по ред Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии“, рече министерката за финансии.
Таа додаде дека во услови на глобална економска нестабилност, фискалната политика е насочена да одговори на неизвесностите присутни во глобалната и домашната економија. Притоа, додаде, имајќи предвид дека фискалниот простор е ограничен како резултат на последователните кризи, фискалната политика е исправена пред предизвикот за постигнување фискална консолидација, но истовремено и финансирање иницијативи коишто го поддржуваат растот.
„Во услови на геополитички турбуленции и трговска војна, ние треба да им овозможиме на нашите компании да се развиваат преку креирање динамична деловна средина која ќе го ослободи нивниот потенцијал за раст. Значајно за приватниот сектор е подготвеноста на нашите влади да обезбедат квалитетна даночна политика, квалитетна инфраструктура, расположива и квалитетна работна сила, пристапна енергија, помал административен товар и правна рамка којашто ќе овозможи креирање на регионални ланци на снабдување. Она што ние како креатори на политики и носители на одлуки треба да размислиме и одлучиме е како да се креира динамично деловно окружување кое ќе им помогне на нашите компании брзо да се прилагодат на сегашната остра конкуренција на глобалниот пазар“, рече министерката за финансии.
Во таа насока, таа потенцира дека Владата е посветена на трансформативни реформи во земјата фокусирани на дигитална трансформација, одржлива енергетска транзиција, јакнење на човечкиот капитал, јакнење на владеењето на правото и подобро управување со јавните финансии, коишто области се во фокусот на реформската агенда на земјата.
Според учесниците, Економскиот и финансиски дијалог, и понатаму ќе игра значајна улога во постигнување на пошироките цели на добро управување и економски просперитет, и се сoгласија дека дијалогот треба да продолжи да игра централна улога во утврдување на заедничките насоки за политики за поддршка на одржлив среднорочен економски раст и постепено усогласување со економските критериуми за пристапување во ЕУ. Учесниците нагласија дека клучна улога за остварување на напредок е спроведување на заедничките заклучоци, како и програмите на економски реформи и реформските агенди .
Дискусијата на годинешниот Економски и финансиски дијалог беше фокусирана на конкурентноста на Европа во контекст на сегашните геополитички случувања и потребата за поедноставување на правната рамка со цел намалување на административниот товар врз компаниите. За да може економијата да креира раст и работни места, во услови на трговска војна, на компаниите треба да им се овозможи да ја зајакнат конкурентноста преку инвестиции и иновации.
На годинашниот Економски и финансиски дијалог во Брисел учествуваат министрите на тековното и двете последователни претседателства со Советот на ЕУ, претставници на земјите членки на ЕУ, претставници на Европската комисија, Европската централна банка, Европска инвестициска банка, како и министрите за финансии и гувернерите на централните банки од земјите на Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина.
Економија
„Ако веќе имате паметен телефон, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?“ – Андоновски најави владина суперапликација

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусијата „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“, во рамки на Самитот 2025 кој е во организација на Македонија 2025.
Министерот во својот говор се осврна на владината суперапликација, која како што рече, треба да биде клучен проект кој ќе ги донесе услугите до граѓанитe.
„Едно од највозбудливите нешта што ги градиме е Super App – нашата национална мобилна апликација за дигитален идентитет и услуги. Сакаме да ја завршиме и лансираме до крајот на оваа година”, изјави министерот.
Тој во продолжение од својот говор објасни дека ваквата апликација е иснпирирана од украинската апликација ДИА, која целосно го променила начинот на комуникација помеѓу граѓаните и институциите во Украина.
„Нашата верзија ќе започне со она што им е најпотребно на луѓето – дигитална лична карта, возачка дозвола и пристап до клучни услуги. Идејата е едноставна: Ако веќе имате паметен телефон во рака, зошто да не ја имате и вашата Влада таму?” – додаде Андоновски.
„Не брзаме. Тестираме, подобруваме, ги слушаме корисниците и ја поставуваме правната основа правилно – бидејќи ако не функционира лесно и безбедно од првиот ден, луѓето нема да се вратат. Но, визијата е јасна: да им го вратиме времето, енергијата и довербата на луѓето. Но, исто така, да изградиме нешто ново тука – во Македонија“, заклучи министерот.
Економија
Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски дел од 28-миот Евроазиски Економски Самит во Истанбул

Директорот Гоце Димовски како дел од владината делегација предводена од министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, денес присуствуваше на 28-миот Евроазиски Економски Самит, во Истанбул, Турција, организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – Мармара Груп.
Димовски во своето обраќање на панелот со тема „Екологија, Економија, Енергија и Вештачка Интелигенција“ посочи дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.
„Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници.“ – изјави Димовски.
Тој ги истакна фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.
„Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион.“ – кажа Димовски.
Воедно, директорот Димовски во рамки на самитот оствари успешни средби со бројни високи претставници и потенцијални инвеститори, при што беа разгледани можностите за потенцијални инвестиции и зајакнување на економските односи.
Целта на овој самит е да ги зближи бизнисмените, политичарите и академиците од различни земји, што ќе влијае на зајакнување на соработката во областите на економијата, демократијата и безбедноста.
Учеството на Македонија и Дирекцијата за ТИРЗ како институција на овој самит е потврда за успешната соработка со Турција, со напори за континуриано унапредување на економските и инвестициски релации меѓу двете земји.