Македонија
Склучен Меморандум за соработка со Фондацијата СИЗИГИЈА за реализација на обуки за лица во ризик
Во Министерството за социјална политика демографија и млади се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Министерство и СИЗИГИЈА Скопје – Фондација за создавање екосистеми, иновации и трансфер на знаење за личен и деловен развој.
Со Меморандумот потпишан од министерот Фатмир Лимани и г-ѓа Сузана Трајковска Кочанковска од СИЗИГИЈА, Министерството изразува поддршка во активностите на фондацијата преку проектот „Црн лебед“ – кој има за цел поддршка на лица во ризик преку обезбедување на обуки за нивно вклучување во социјални претпријатија и креирање на инклузивни работни места контекст на социо-економски претпријатија.
Проектот „Црн лебед“ е финансиран од Министерството за социјална политика, здравје и заштита на потрошувачите на Република Австрија започнат на 25.01.2025 година со период на имплементација од 12 месеци.
Истиот се реализира во соработка со Impact Hub Aвстрија и Фондацијата СИЗИГИЈА со цел охрабрување на младите жени (15-24 години) кои не се вработени, ниту во образование или обука (NEET), како и лица со попречености, преку обуки, практична работа во фирми и социјални претријатија да ги подобрат своите вештини и можностите за вработување.
Спроведувањето на активностите од проектот „Црн Лебед“ ќе се реализира во Центарот за социјални претпријатија, кој е даден на трајно користење на Министерството за социјална политика, демографија и млади со одлука на Владата на Република Северна Македонија. Реализацијата на активностите е без плаќање на надомест од страна на фондацијата за користење на Центарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.

