Македонија
Костовски: Селектитвност не смее да има, да се истражат сите пропусти на МВР во Кочани
„Пред точно една недела Македонија ја погоди најтешката трагедија во поновата историја. Изгубивме 59 млади животи. Во тие најтешки моменти како партија одлучивме да молчиме и да не политизираме. Решивме да не додаваме сол на раната на семејствата на починатите. Тоа беше одговорно и човечки. Оставивме седум дена органите на правосудството да покажат дека спроведуваат независна, темелна и, пред сè, неселективна истрага за овој стравотен настан. Од првиот ден СДСМ бара сите одговорни, поранешни и сегашни функционери, службеници и политичари, да одговараат во согласност со законот. СДСМ дава поддршка на независна, темелна и неселективна истрага и ги поддржуваме институциите во тоа. Ова гласно го бараат и граѓаните“, вели Мартин Костовски од СДСМ.
„Но денес, седум дена подоцна, должни сме да ги поставиме вистинските прашања што се наметнуваат за кои, за жал, нема одговор од надлежните институции. СДСМ и понатаму нема да политизира и да печали поени од овој настан. Но, СДСМ е должен како опозиција да ги постави сите прашања на кои и Обвинителството и МВР не даваат одговор. Од денес натаму ќе поставуваме многубројни прашања и ќе изнесуваме низа информации исклучиво засновани на факти и закони. Од досегашниот правец на истрагата и информациите што се соопштени во јавноста СДСМ стравува дека оваа истрага ќе биде селективна. Министерот Тошковски извести дека првата фаза од истрагата е завршена и се сомничат 32 лица, па затоа денес тој и обвинителот Коцевски мора да одговорат на следните легитимни прашања што се наметнуваат“, посочува Костовски и додава:
„Дали е точно дека ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не се во притвор? Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица што вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат, но не го сториле тоа? Дали е точно дека сите седум вработени во МВР, кои се моментно во притвор, не биле на функции во денот на пожарот во дискотеката? Законот за јавните собири јасно упатува на тоа за кои јавни собири е одговорна полицијата. Според информациите, на овој настан имало 650 луѓе. Во согласност со законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан, дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направило. Ако МВР постапело во согласност со законот, ќе имало обезбедено противпожарна бригада, брза помош, соодветен број полициски службеници и сите придружни безбедносни мерки за ваков тип настани, со што несреќата можела дури и да се превенира. Од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот. Ова значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно.
Со ова се поставува прашањето дали сите надлежни од МВР таа вечер сториле кривично дело со несторување, односно непостапување? Дали се изземени од одговорност службеници, началници и командири, кои вечерта биле на должност? Доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави“, истакнува Костовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.
Македонија
Детален список: каде целосно ќе се забранат сите видови цигари со новиот закон за заштита од пушење
Државата подготвува целосно нов и значително построг Закон за заштита од пушење, со кој драстично се заоструваат правилата за употреба, продажба, рекламирање и промоција на тутунските и никотинските производи. Предлог-законот, изготвен од Министерството за здравство, попладнево беше прикачен на ЕНЕР и има за цел системска заштита на јавното здравје и намалување на една од водечките причини за смртност и хронични заболувања во земјава – пушењето.
Целосна забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори
Со предлог-законот се воведува целосна забрана за пушење на тутун, електронски цигари, загреан тутун и други никотински производи во:
1. Во објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни, културни и рекреативни установи и организации за физичка култура и спорт;
2. Пред влезови на објекти на здравствени установи, установи за социјална заштита, воспитно – образовни институции;
3. Во и пред објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
4. Во објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа;
5. Во објекти и возила што претставуваат работни места;
6. Во сите видови јавен превоз, вклучувајќи патен, железнички, воздушен и воден превоз, жичари и ски-лифтови;
7. Во објекти на аеродроми, железнички и автобуски станици, езерски пристаништа;
8. На станици на градски и приградски јавен превоз;
9. Во приватно возило во присуство на дете;
10. Во објекти каде се вршат трговски дејности, пазари и саеми;
11. Во објекти на угостителски објекти за сместување дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ги основните угостителски објекти за сместување и комплементарните сместувачки објекти ;
12. Во објекти на угостителските објекти за исхрана, дефинирани согласно одредбите од Законот за угостителската дејност, вклучувајќи ресторани, барови, национален ресторан – меана, кантини и други угостителски објекти за исхрана;
13. Во заеднички простории на станбени згради и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон;
14. Во објекти на полициски станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
15. Во објекти на приредувачи на игри на среќа, дефинирани согласно одредбите од Законот за игри на среќа
16. Во и пред објекти кадешто се приредуваат забавни и рекреативни дејности за деца (како игротеки за деца и приватни установи за грижа на деца).
„Во објектите и просториите, одговорното лице на правното лице е должно да постави ознака за забрана на пушење и да обезбеди контрола на спроведувањето на забраната за пушење“, пишува во предлог-законот.
Дозвола за пушење ќе има исклучиво на строго дефинирани отворени простори, кои мора да бидат физички одделени, отворени од најмалку три страни и без стаклени, пластични или најлонски прегради.
Драстични ограничувања за рекламирање и промоција
Предлог-законот предвидува целосна забрана за директно и индиректно рекламирање и промоција на продажбата на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин.
Посебно внимание се посветува на медиумската и уметничката содржина. Прикажувањето на пушење во филмови, серии, телевизиски програми, видеоигри и интернет содржини ќе биде строго ограничено, а дозволено само во случаи кога е неопходен дел од уметничката концепција за возрасна публика, и тоа со задолжителна здравствена порака дека пушењето е штетно.
Забрана за ароми и вкусови – крај за ментол и овошни никотински производи
Една од најстрогите одредби се однесува на целосна забрана за производство, увоз и продажба на тутунски и никотински производи со ароми и вкусови. Ова ги опфаќа и електронските цигари, течностите со и без никотин, загреаниот тутун и бездимните производи.
Според предлогот, ваквите вкусови директно ги таргетираат младите и ја зголемуваат веројатноста за рано создавање зависност од никотин.
Строги правила за продажба и изложување
Со новиот закон се забранува продажба на тутунски производи на парче, преку автомати, самопослужување и онлајн. Тутун и никотин нема да смеат да се продаваат во угостителски објекти, на плажи, пазари, саеми и за време на јавни настани.
Изложувањето на цигари и други производи на видливо место во продавниците ќе биде забрането. Тие ќе мора да се чуваат во затворени шкафови.
„Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на тутунските производи кон потрошувачите кога шкафовите се отворени. Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се вели во предлог-законот.
Високи казни и затворање објекти
Надзорот над спроведувањето на одредбите од овој закон го вршат Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот просветен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Министерството за внатрешни работи и Управата за извршување на санкции, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во согласност со надлежностите утврдени со закон.
Предлог-законот предвидува високи парични казни – од 2.000 до 5.000 евра за правни лица, до 2.000 евра за одговорни лица и до 300 евра за физички лица. Инспекторите ќе имаат овластување да изречат и привремена забрана за вршење дејност – до три месеци за правни лица кои не ја почитуваат забраната за пушење.

