Македонија
За разлика од порано кога виновен беше кабелот, сега има истрага и приведувања, рече Петрушевски и повика да не се злоупотребува трагедијата
Сериозноста бара одговорност, но не и манипулации со трагедијата, изјави на прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски додавајќи дека Социјалдемократскиот сојуз се служи со подмолни политички калкулации кога зборува за трагедијата во Кочани.
Според владејачката партија, прашањата што ги поставува опозициската партија се дел од активна истрага предводена од институции што работат со целиот капацитет и со огромна свесност за големиот интерес на јавноста и општеството за брзи, но праведни резултати.
Сепак, како што рече, ценејќи ја јавноста и настојувајќи по секоја цена да го оттргнат и најмалиот сомнеж, јасно истакнуват дека Владата и органите за истрага од првиот момент реагираа – има веќе голем број приведени лица, а истрагата продолжува со несмален интензитет. И тоа, за разлика од минатото, со обиди за откривање на целосната вистината, а не со алиби-објаснувања за кабли и шасии како главни виновници за трагедиите што во минатото ни се случуваа“.
„СДС прашува: ‘Зошто не се притворени началници, командири, инспектори?’. Ова не е судење со толпа. Правдата не е циркус, туку процес. Притвор се одредува со докази и правни основи, а не со притисоци од партиски штабови. Главната дилема е зошто истото судство, истото обвинителство, создадено во времето на СДС и ДУИ, денес работи со поголема посветеност? Одговорот е јасен: Затоа што Владата денес не се обидува да скрие, туку да расчисти. Не се издаваат наредби на телефон, не се читаат имиња од тефтерчиња и не се прикриваат трагедии со смешни извештаи“, рече Петрушевски.
Додаде дека за време на трагедиите на „Беса транс“, Ласкарци, модуларната болница – немаше ниеден притворен функционер, ниедно поднесено обвинение. Виновни беа каблите, возачите, времето – и никогаш системот. Затоа што системот беше под заштита на Заев и Ахмети. Вели дека опозицијата сега говори за селективна правда, но токму тие се симболот на таа селективност.
Не може да го извадат народот на улица со лаги затоа што народот добро памети.
Петрушевски апелира до јавноста дека ова не е битка помеѓу партии, туку е битка за правда и институциите ќе ја истераат до крај со одговорност, и индивидуална и институционална. Но, нема да има дозвола за манипулација, за злоупотреба на жртвите и за ново сценарио за дестабилизација во момент кога државата се обидува да застане на нозе.
ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство со сериозност да ги земе предвид сите укажувања на јавноста и медиумите и секаде каде што постојат реални аргументи и докази за инкриминираност и евентуална одговорност, без разлика на личноста, функцијата или партиската припадност, да постапи соодветно, брзо и во согласност со законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

