Црна хроника
Дисциплинска постапка за полицaeцот чија службена легитимација беше злоупотребена од неговиот син, кривична пријава за синот
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи презеде мерки и активности, постапувајќи по претходна пријава дека Ф.Х. ја злоупотребил службената легитимација на неговиот татко И.А.Х., полициски службеник во Полициското одделение Сарај.
Имено, по преземени мерки било констатирано дека Ф.Х. на 21.03.2025, управувајќи приватно моторно возило, следел друго лице и во близина на село Смилковци и клучка Стајковци се претставил како полициски службеник и ја покажал службената легитимација на неговиот татко.
Притоа, Ф.Х. физички го нападнал лицето, кое потоа настанот го пријавило во полициска станица. Во врска со настанот, СВР Скопје во соработка со јавен обвинител, против Ф.Х. ќе поднесе кривична пријава по член 386 – „насилство“ од Кривичниот законик.
Додека, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди констатира дека полицискиот службеник И.А.Х., дозволувајќи неговата службена легитимација да биде употребена за лични цели од неговиот син, постапил спротивно на законските и подзаконските акти на Министерството за внатрешни работи и против него ќе поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за нарушување на работниот ред и дисциплина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Едно лице загина во сообраќајна несреќа кај Кучевиште
Едно лице загина, а друго е повредено во сообраќајна несреќа што се случила вчера на локалниот пат с.Кучевиште- с.Кучевишка Бара.
Во несреќата учествувале патничко возило „форд фиеста“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(65) од Скопје и патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ж.С.(57) од с.Кучевиште, скопско.
На местото на несреќата починал возачот на патничкото возило „форд“ В.П., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Со телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „фолксваген голф“ Ж.С., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција, а извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Пијан 36-годишник од Кичево се однесувал агресивно во казино, двајца охриѓани се истепале во друго казино
Рано утрово, во 04:55 часот во СВР Охрид е пријавено дека во казино на улицата „Абас Емин“ во Охрид бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Л.У.(35) и М.„Н“, двајцата од Охрид. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок, извести СВР Охрид.
Исто така ноќеска во 03:10 часот на улицата „Тане Цалески“ во Кичево, полициски службеници го приведоа 36-годишниот Р.С. од Кичево, постапувајќи по претходна пријава дека во казино во Кичево агресивно се однесувал кон вработените. По преземени мерки е констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,06 промили алкохол во крвта. Тој е спроведен во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа: кривична пријава за охриѓанка
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Р.(40) од охридското село Велгошти.
Таа се сомничи за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“.
Имено на катастарска парцела во државна сопственост во атар на истото село, таа без одобрение изградила пристапен пат и поставила армирана бетонска пристапна рампа. Врз основа на констатираната состојба, овластен градежен инспектор изготвил решение за нивно отстранување.

