Македонија
По вчерашното пукање во Прилеп: истрага за обид за убиство и недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 50-годишен прилепчанец, бидејќи како што соопштија од таму, постои основано сoмнение дека тој сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје експлозивни материи од член 396 од Кривичниот законик.
Вчера, во просториите на ЈУ МЦСР Прилеп, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот една оштетена – социјален работник, а во опасност го довел и животот на уште тројца вработени во Центарот за социјални работи.
Со оружје – пиштол марка „Берета“ модел 950 Б со калибар 6,35 мм, кој го поседувал без дозвола, тој започнал да пука кон жртвата, која се обидела да се скрие во една канцеларија.
Со два куршуми ја погодил, при што со едниот проектил и нанесол површна рана во пределот на главата – аркадата, а со другиот и нанел прострелна влезно-излезна рана во пределот на десната страна од слабината.
Директорот на установата успеал да го совлада и да го задржи до пристигнување на полициските службеници, кои покрај пиштолот кај него пронашле и одзеле и еден нож.
Осомничениот, согласно евиденцијата, е претходно осудуван за кривични дела – телесна повреда, загрозување на сигурноста, демнење и други кривични дела, против него во постапка се и други пријави, а во моментот издржувал мерка на безбедност – Задолжително лекување во психијатриска болница од каде избегал.
Поради сите овие и други околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност да го повторува кривичното поведение, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

