Македонија
Владата: Усвоени се низа на мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност

Владата денес ја одржа редовната 63-та седница, на која беа усвоени низа важни мерки насочени кон зајакнување на економската стабилност, подобрување на јавните услуги и зголемување на транспарентноста во владеењето. Овие одлуки, како што велат од Владата, ја одразуваат нивната заложба за постигнување конкретни резултати.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за утврдување на минималната плата за 2025 применувајќи ги законски утврдените критериуми, каде минималната плата за 2025 година ќе бележи пораст од 2,685 денари во бруто износ, односно 1,812 денари во нето износ. Владата континуирано продолжува да го подобрува животниот стандард на граѓаните преку стабилен раст на економијата.
Воедно, на денешната седница на Владата, се усвоија предлозите за измени и дополнувања на седум закони кои се во надлежност на Министерството за транспорт.
„Имајќи ги предвид последните трагични случувања, сѐ има за цел вршење на почести контроли на сите иматели на лиценци, дозволи и одобренија односно овластувања. Имајќи предвид дека се издаваат многу лиценци, одобренија, дозволи или овластувања од страна на Министерството за транспорт овие законски измени имаат за цел да предвидат законска обврска двапати годишно да се врши таа проверка на сите иматели на лиценци издадени согласно Закон. Тоа секако не ја исклучува можноста да се вршат повеќе контроли односно почести од предвидените со закон, се со цел обезбедување на квалитетни услуги и сигурност на граѓаните кои се корисници на тие услуги од лицата иматели на лиценци“, велат од Владата.
Дополнително, законските измени предвидуваат за следните контроли жалбата да не го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш.
Се додава дека овие активности ја потврдуваат нивната посветеност за вистински, конкретен напредок кој има за цел да го подобрува секојдневниот живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала локална облачност, максималната температура до 21 степен

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 14 до 21 степен.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица ќе преовладува стабилно, сончево и релативно топло време со локална појава на облачност во текот на денот. Ќе дува слаб до умерен, а во сабота долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
Делови од Гази Баба и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од улица Благоја, улица Маџари, Пекара КИС МИ Стефковски и улица Ордан Поп Јорданов (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 10:00 часот, локалите во трговскиот центар до пазарот (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со претставници на „Habitat for Humanity International“ и на „Хабитат Македонија“

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска разговараше со претставници од САД на глобалната мрежа „Habitat for Humanity International“, како и со националниот директор на „Хабитат Македонија“, Зоран Костов и со претседателот на Управниот одбор, Драган Малиновски.
Таа, најпрво им ја честиташе дваесетгодишнината од основањето, посакувајќи им понатамошен успех во реализацијата на благородната идеја за градење свет во којшто секој ќе може да го оствари правото на пристојно живеење.
За неа, импресивна и инспиративна е нивната несебична заложба и неуморна работа насочена кон подигање на квалитетот на домувањето на сиромашните луѓе, неможна без волонтирање, застапување и подигање на јавната свест за поголема солидарност во развојот на заедницата.
„Ние, како и многу други држави мора да вложиме особен напор во унапредувањето на квалитетот на живеењето, секаде и за сите, ставајќи крај на супстандардните услови во некои средини, недостојни за живот“, смета претседателката.
„Претставниците на „Habitat for Humanity International“, со љубов и страст зборуваа за своите ангажмани во справувањето со енергетската сиромаштија и гарантирањето стандарди во нејзиното користење ширум светот, потенцирајќи дека се трогнати од добрината, благодарноста и активноста на македонските граѓани. Тие ја истакнаа незаменливата улога на невладините организации, како кредибилни партнери на овој план и укажаа на неопходноста од постојана и интензивна владино-невладина соработка во функција на остварување подобри резултати“, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонските претставници ја презентираа својата досегашна работа, насочена кон овозможување инклузивен и одржлив развој на сиромашните средини, како ромските, но и други, со финансиска помош на ЕУ.
Тие ги посочија активните проекти во повеќе од 30 општини, како и пионерските партнерства со институциите за микрофинанисирање.
Соговорниците се согласија за нужноста од стратешки пристап кон домувањето за да се намали, па и спречи егзодусот на најквалификуваниот кадар, како неспорен и докажан промотор на иновации и главен носител на развојот во сите средини.