Свет
„Политико“: Каја Калас се соочува со критики дека сѐ уште се однесува како премиер
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас се соочува со бројни критики во првите месеци на функцијата, а бриселските власти се најкритични кон неа затоа што сè уште „се однесува како премиер“, велат извори за „Политико“.
За време на нејзината посета на Киев, веднаш по преземањето на функцијата во декември, Калас на мрежата Х објави дека „Европската унија сака Украина да победи во оваа војна“, а некои официјални претставници на ЕУ рекоа дека се чувствуваат непријатно што шефот на Европската служба за надворешни работи, на првиот ден на работа, си дава слобода да „го надмине она што тие го сметаа за воспоставена реторика за време на повеќе од две години војна во Украина“.
„Калас сè уште се однесува како премиер“, рече еден дипломат на ЕУ, под услов неговиот идентитет да не биде откриен, алудирајќи на нејзината претходна позиција како премиер на Естонија.
Овој извор и девет други дипломати и функционери на ЕУ според „Политико“ укажаа на она што го гледаат како „низа погрешни чекори“ во текот на првите неколку месеци од работата на Каја Калас, почнувајќи од претставување важни предлози за кои таа нема поддршка, до преземање преголема слобода во изјавите за надворешна политика.
Неколку дипломати, исто така, изразија незадоволство од нејзиниот стил на лидерство, жалејќи се на, како што го опишаа, недостигот на консултации за чувствителните прашања.
Во првите месеци од нејзиниот мандат, овие грижи се зголемија, меѓу другото, и поради нејзиниот цврст однос со Русија, што ја оддалечи од ставовите на членки како Шпанија и Италија, кои не ја делат нејзината оценка дека Москва е непосредна закана за ЕУ, наведува „Политико“.
„Додека ја слушате, се чини дека сме во војна со Русија, што не е линијата на ЕУ“, рече еден претставник на ЕУ.
Друг приговор се однесува на нејзиниот предлог, по Минхенската безбедносна конференција во февруари, земјите од ЕУ да обезбедат итна воена помош во милијарди евра за Украина, откако САД го демантираа тоа, пишува бриселскиот портал.
Во документ од две страници во неделата вечерта, естонската политичарка побара од 27-те земји-членки на унијата, меѓу другите барања, да најдат најмалку 1,5 милиони парчиња артилериска муниција.
Двајцата дипломати, од источна и северна Европа, истакнаа дека Калас не успеала да добие поддршка од големите земји како Франција пред да го претстави својот предлог.
Уште една работа за која дипломатите ја обвинуваат Калас е откажувањето во последен момент на средбата на шефот на европската дипломатија на Европската унија и американскиот државен секретар Марк Рубио во Вашингтон на крајот на февруари, поради, како што наведоа, лошата подготовка на средбата со американската страна.
Во изјава за „Политико“, официјален претставник на Европската служба за надворешни работи донекаде го минимизира значењето на овие критики и рече дека земјите-членки ја избрале Калас затоа што сакаат воен водач кој ќе ги „турне работите напред“.
„Европските лидери постојано повикуваат на поголема помош за Украина, време е за акција, а не само за зборови“, нагласи овој претставник на ЕЕАС, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.

