Македонија
Театарот на апсурдот продолжува, нема да молчиме, порачуваат од ДУИ
Сѐ повеќе медиуми, и аналитичари, експерти и граѓани се во неверување — како е можно следново:
Министерот за внатрешни работи – 13 месеци на функција. Директорот на Јавната безбедност – 9 месеци. Министерот за економија – 9 месеци. Директорот на Државниот пазарен инспекторат – 9 месеци. Управата за јавни приходи – 9 месеци. Овие лица се директно надлежни, институционално и правно, да вршат контрола, надзор и да спречат трагедии од ваков тип. Овие се луѓето кои денес имаат моќ да влијаат врз доказите и да вршат притисок врз сведоците. Но, ниеден од нив не одговара’, велат од ДУи.
Наместо тоа, според партијата на Ахмети, има извртување на правдата и како што велат, во притвор се оние кои не се на функција, немаат институционално влијание, и не можат да го попречат процесот.
Како што нагласуваат во оваа партија, дури и студент на прва година од Правен факултет знае дека не постои причински последична врска низ годините, кога сите дозволи и лиценци се обновуваат секоја година.
„Значи, ова не е правда. Ова е трансакција. Политички договор во кој премиерот добива можност да ја води судската фарса — емотивна манипулација, медиумски спектакл, пренасочување на вниманието, стопирање на вистинската истрага и заштита на луѓето од власта. Но оваа игра е опасна“, потенцираат од ДУИ.
Оваа неправда, оваа селективна правда, оваа контролирана бура од емоции и закани, како што ја нарекуваат, според нив ќе предизвикаат снежна лавина што ќе го разори правниот поредок и ќе ја
уништи довербата во судството.
„Ќе создаде жестока политичка поларизација, во која секој ќе фати секого за уши и ќе владее хаос наместо вистина. Ние нема да молчиме. Ние нема да престанеме да ја бараме вистината.
И нема да дозволиме дежурни виновници да се вадат од партискиот тефтер на премиерот, од заробено судство и политичка корупција“, порачуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

