Македонија
МТСП го осудува секој чин на насилство врз вработени во центрите за социјална работа и презема мерки за обезбедување нивна заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади ја известува јавноста дека го осудува секој чин на насилно однесување или било која друга форма на однесување со која физичката и психичката состојба на вработените во центрите за социјална работа е ставена во ризик.
Земајќи ја предвид сензитивноста на работните задачи на вработените во центрите за социјална работа кои се секојдневно изложени на ризик по сопственото здравје и живот, а во насока на нивна заштита министерството и пред да се случи немилиот настан во Центарот за социјални работи Прилеп, ја започна постапката за физичко обезбедување на сите центри и јавни установи за социјална заштита на ниво на држава. Оваа постапка е во завршна фаза, што значи дека наскоро ќе биде објавен и јавниот оглас за јавна набавка.
„Како Министерство апелираме до сите институции навремено и ефикасно да се преземаат дејствијата кои се во рамки на нивните надлежности, а во насока на обезбедување на безбедност и сигурност на работните места на сите вработени. Министерството изразува жалење за немилиот настан во Центарот за социјални работи во Прилеп и на повредената вработена во истиот и посакува брзо закрепнување. Истовремено, изразува и убедување дека се што е во рамки на надлежностите на министерството се презема и така и ќе продолжи во иднина“, посочуваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Струмица – Дабиле
Од 04:20 часот сообраќајот на магистралниот пат Струмица – село Дабиле е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Министерката Јаневска ќе учествува на „Глобалниот конгрес за популација, здравје и човечки развој“ во Каиро
Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска од 12 до 15 ноември ќе учествува на „Глобален конгрес за популација, здравје и човечки развој“ што по трет пат се одржува во Каиро, под покровителство на Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел – Сиси.
Предвидено е учество на министерката Јаневска на повеќе панел дискусии посветени на човечкиот развој, развој и примена на иновации со фокус на вештачката интелигенција, а ќе биде и воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење.
За време на конгресот, Јаневска ќе оствари билатерална средба со египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур.
Македонија
Неколку улици во Скопје денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка, општина Шуто Оризари.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека денеска поради уличен дефект од ф 1” на улицата Прашка бр.50, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците од улицата Прашка од 09:00 часот до завршување на санацијата на дефектот.

