Свет
Поранешен шеф на КГБ: Русија и САД, конечно, имаат ист непријател
„Русија, Кина и САД се пред создавање нов геополитички поредок, кој доколку Европа не реагира навреме, може да го исфрли континентот од игра“, предупредува поранешниот висок функционер на руските тајни служби, Евгениј Савостјанов. Поранешниот шеф на московскиот разгранок на КГБ тврди дека Европа мора итно да се разбуди и да ги препознае амбициите на Владимир Путин, во спротивно може да падне во политичка и безбедносна ирелевантност.
Тој исто така предупредува дека сегашните разговори меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин може да резултираат со договори што целосно ќе ја заобиколат Европа и ќе ја остават без влијание врз клучните меѓународни прашања. „Европа мора да преземе одговорност за својата судбина – да ги зајакне одбранбените капацитети и да почне силни информативни кампањи, кои ќе ги доближат вистинските закани до граѓаните“, вели Савостјанов.
Говорејќи за италијанскиот „Кориере дела сера“, тој јасно ги предупреди европските лидери: „Денес сте под притисок од две сили – Русија и новата верзија на САД, кои длабоко ги презираат вашите фундаментални вредности“.
„Она што ги обединува е тоа што ве сметаат за заеднички непријател. На некој начин сте опкружени. Се плашам дека кај вас нема вистинска свест за опасноста на која сте изложени, пред сѐ, опасноста да станете ирелевантни, а со тоа и да ги изгубите сопствените демократски вредности.
Според него, нов глобален поредок е неизбежен, особено поради одлуката на САД да се повлечат од активна улога во меѓународните односи. „Европа мора да го врати статусот на глобален политички актер ако сака самостојно да ја гарантира сопствената безбедност“, рече тој.
За да може Европа да се спротивстави на овој тренд, Савостјанов смета дека мора силно да застане зад Украина и да почне паневропска кампања, која ќе им ја објасни на граѓаните новата глобална реалност.
Европските претставници веќе изразија загриженост дека континентот е на маргините додека САД и Русија одржуваат клучни разговори – вклучително и оние за прекин на огнот. Не гледајќи начин да се постигне мир без американска поддршка, Европејците се принудени да ја следат агендата на Трамп на секој чекор од патот.
Ова е причината зошто многу европски влади почнаа да ги зголемуваат своите буџети за одбрана во последните недели. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека „Европа мора итно да се превооружи“.
Савостјанов тврди дека долгорочната амбиција на Путин е да ја врати Русија на глобално влијание, кое го немало од распадот на Советскиот Сојуз. „Путин сака да влезе во историјата како голем колекционер на руски земји, оној што го смени падот на империјата, кој почна во 1867 година со продажбата на Алјаска на САД.
Таа цел, тврди тој, вклучува територијални амбиции кон Одеса, Приднестровје и Кишињев, како и забрана за каква било европска мировна мисија на украинска територија. Според достапните информации, Русија ќе бара целосна контрола врз четирите украински региони, кои во моментот делумно ги окупира во преговорите за прекин на огнот.
Савостјанов посочува дека доколку Европа продолжи по својот сегашен политички пат, Кина ќе преземе доминантна улога во новиот светски поредок. „Во тој случај Русија ќе стане примерен заменик на Пекинг“, вели тој. „И Европа, свесно или не, ќе се помири со фактот дека е подредена на сојузот меѓу Кина, Русија и нивните сојузници.
Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи вчера ја отфрли можноста за учество во европската мировна мисија за Украина. Кина сè уште тврди дека останува неутрална во однос на руската инвазија иако одржува блиски политички, економски и воени односи со Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Финска објави дека ќе бара нова единица на НАТО
Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен изјави дека земјата има намера да побара Единицата за команден и контролен систем на НАТО да биде сместена во Финска.
Во писмена изјава, која ја пренесе финското Министерство за одбрана, Хаканен рече дека единицата, која би имала 50 членови, доколку се имплементира, ќе биде дел од командната структура на НАТО, а нејзиното одржување, како и изградбата на потребните сместувачки капацитети, ќе бидат кофинансирани од НАТО, пренесува Yle.
„Единицата за команден и контролен систем би понудила можност за развој на компатибилноста на финските национални и службите за команден и контролен систем на НАТО“, рече Хаканен.
Планирано е одлуките за ова прашање да се донесат на состанок на министрите за одбрана на НАТО во февруари 2026 година, пренесува Танјуг.
Фото: принтскрин
Свет
„Економист“: Венс и Рубио во жесток судир околу планот за Украина
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и американскиот државен секретар Марко Рубио се најдоа на спротивставени страни на врвот на администрацијата, остро разидувајќи се околу мировниот план за Украина, пишува „Економист“, повикувајќи се на високи извори во Вашингтон.
Според сознанијата на ова издание, Венс првично се залагал за построг пристап кон Киев. Тој дури и го поканил украинскиот претседател Володимир Зеленски лично да му ги објасни условите што ги поставува Вашингтон. Во исто време, секретарот на армијата Ден Дрискол – универзитетски пријател на Венс – отпатувал во Киев, каде што му ги пренел ставовите на американската страна на Зеленски.
Од друга страна, државниот секретар Марко Рубио се обидел да ја „врати ситуацијата на вистинскиот пат“ барајќи компромис со украинското раководство, иако во исто време тврдел дека е „целосно надвор од линија“ во комуникацијата со Белата куќа.
Како што објавува „Економист“, Рубио нагласил дека клучните елементи на мировниот план ги изготвиле специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стивен Виткоф, и неговиот руски соговорник, Кирил Дмитриев. Самиот Виткоф подоцна потврди на Фејсбук дека планот е целосно резултат на работата на Соединетите Американски Држави.
ЗМедиумите потсетуваат дека изворите на Блумберг претходно изјавија дека администрацијата на Трамп сè повеќе врши притисок врз Киев што поскоро да склучи мировен договор со Москва, со цел да се стави крај на војната под услови што Вашингтон ги смета за прифатливи.
Овој раскол во самиот врв на американската администрација, според написите, јасно покажува дека САД сè уште бараат обединета позиција за тоа како да се стави крај на украинскиот конфликт – и под кои услови.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Нешто добро се случува
Американскиот претседател, Доналд Трамп, проговори за разговорите меѓу САД и Украина, кои се дел од мировниот план на САД за ставање крај на војната и руската агресија.
„Дали е навистина можно да се постигне голем напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина??? Не верувајте додека не го видите, но нешто добро можеби се случува токму сега. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА!“, објави Трамп на социјалните мрежи.
Коментарот на Трамп доаѓа по интензивните разговори меѓу американските и украинските делегации во Женева, како дел од план од 28 точки чија прва верзија предизвика критики во Киев и европските престолнини за одредби што беа исклучително поволни за Русија.
САД тврдат дека сегашниот нацрт се менува и „сè повеќе ги одразува украинските национални интереси“.

