Македонија
Пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објекти наменети за прослави и големи собири, контролите продолжуваат, најави Митева
За разлика од минатото, кога институциите беа бавни, неефикасни или селективно го спроведуваа законот, денес ние демонстрираме поинаков пристап – кој се заснова на брза акција, јасни правила и нулта толеранција за неправилности, истакна на прес-кон ференција Марија Митева, портпаролка во Владата.
„Ако до сега зборувавме за направени и завршени контроли и детално ги презентиравме бројките, денеска сакам да потенцирам дека и формално правно и административно, целата потребна документација којашто е поврзана со сите неодамнешни инспекции е целосно обработена. Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите“, информира таа.
Според неа, од денеска пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објектите коишто се наменети за прослави и големи собири, како што веќе и најавивме. Овие инспекции, како што појасни, се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови коишто ги бара законот.
„Во наредните денови очекуваме нов извештај од оваа контрола, кој ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат.
Нашата влада не е тука да врши аналитички пристап без конкретни чекори. Тука сме да дејствуваме. Нема да дозволиме беззаконие или двојни стандарди и ќе продолжиме да ја зајакнуваме институционалната ефикасност сѐ со цел да обезбедиме правилата да важат за сите подеднакво. Јавноста заслужува безбедност, правичност и институции кои ѝ служат, а не обратно“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

