Македонија
Охрид СОС алармира за изградба на хотел во Горица
Во извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО која престојуваше во Охрид минатиот март стои: „Додека мисијата се приближуваше кон Охрид, на пошумениот рид Горица забележа уште едно градилиште. Се работи за изградба на уште еден хотел во област која порано беше пошумена, но во која прогресивно се градеа туристички капацитети. Центарот за светско наследство не беше известен за изградбата на овој нов комплекс пред да се донесе одлука за негова изградба, како што налага став 172 од Оперативните насоки.” Експертите констатираат дека по усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, градежните активности во Охрид продолжуваат уште поенергично, дури и во области каде што урбанизацијата не смееше да продолжи, како на пример на ридот Горица.
Мисијата побарала информации и постоечката проектна документација, вклучително и извршената проценка на влијанието, да бидат доставени до Центарот за светско наследство со цел да бидат анализирани од страна на советодавните тела.
Во април 2024 во извештајот до Центарот за светско наследство и советодавните тела, Охрид ЅОЅ достави подетални информации за хотелскиот комплекс.
По РММ, во јули 2024 следеше годишната седница на Комитетот за светско наследство од што произлезе Одлуката 46 COM 7B.44. Оние седнатите во државните и општински столчиња не ги информираа граѓаните дека во точка 10 Комитетот „ја повикува државата членка Македонија да ја запре изградбата во близина на Студенчишко Блато, комплексот Горица Север и Горица 3 сè додека не се направи стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз наследството за секој од проектите.” Не го информираа ни УНЕСКО кога во Извештајот за напредокот (условно кажано) од 31.1 2025 година не напишаа НИТУ ЕДЕН ЗБОР за било какво постапување во однос на Горица.
Или во превод: Државата постапува спротивно на преземената и законски обврзувачка Конвенција на светското наследство. Но, што е законот за шака моќници?!
Така, ароганцијата на задолжените во владата на оваа „на ти го – дај ми го” држава си го допуштила комодитетот да покажат среден прст на Центарот за светско наследство, експертските тела на ИУЦН и ИКОМОС и Комитетот за светско наследство. Бидејќи во оваа небиднина, поважно е да се наполни својот и џебот на Мијалков, Илоски, Усеини… (дополнете согласно наоѓање), одошто да се зачува 1,5 милиони години старо езеро.
А вие, продолжете мирно да молчите“, велат од Охрид ЅОЅ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

