Македонија
(Видео) Тренчевска: Животниот стандард на граѓаните е на дното, сите пратеници да го поддржат законот на СДСМ за покачување на платите до 15.000 денари
Животниот стандард на граѓаните е на дното. Цените растат, а платите тапкаат во место. Власта одбива да ги покачи платите и работниците ги држи со најниски плати во регионот, истакна на прес-конференција Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
Потсети дека потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, и за 100 евра е зголемена во споредба со лани.
Според неа, две минимални плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство.
„И наместо покачување на платите, покачување на минималната плата и грижа за стандардот на народот, власта ги турка погрешните политики на ДПМНЕ“.
За прв пат, вели пратеничката на СДСМ, минималната плата е договорена без социјален дијалог, без учество на синдикатите.
„Резултатот? Покачување од срамни 1.800 денари, далеку од потребното и далеку од она што го заслужуваат работниците. Истовремено, власта не го почитува ниту општиот Колективен договор – не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5%. Додека народот се дави во сметки и трошоци, ДПМНЕ троши за папаја, манго, рејтинзи и медиумски мониторинг. За само девет месеци, оваа влада покажа што ѝ е важно – неработниците, туку бизнис интересите и личниот Пи-Ар.
СДСМ не отстапува, нагласи Тренчевска.
„Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати за работниците. На денешната собраниска седница е Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ.
Со оваа мерка платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари,
Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел,
400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања.
Ова е ударна економска мерка за поголеми плати – за работниците, за стопанството, за економијата“.
Ги повика сите пратеници кои се на страната на граѓаните, на страната на работниците, да гласаат и да го поддржат ова законско решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ако авионот бил користен согласно прописите, Владата да објави кој патувал заедно со Мицкоски, бара СДСМ
Владата на Мицкоски, во обид да го оправда неговото луксузирање со владиниот авион на Јадранско море соопшти јавно дека наводно „авионот бил користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење“, и дека „секое користење е евидентирано, документирано“, истакнуваат од СДСМ.
„Ако навистина авионот бил користен согласно процедурите, бараме Владата да го докаже тоа.
Бараме Владата да го објави списокот на патници, кој бил заедно со Мицкоски во владинот авион“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Со 40 амандмани го заштитивме зголемувањето на платите, зошто Трендафилов молчи за фактите од 2024 година?
„Кога СДС зборува за недостаток на социјален дијалог треба да се наврати на 2024 година. СДС и ДУИ во 2024 година предложија пакет законски измени со кои суштински ќе се менуваше методологијата за пресметка на платите. Со тие измени се предвидуваше минималната плата да се изземе од формулата за пресметка на платите на административните службеници иако таа беше дел од колективниот договор потпишан меѓу ССМ и тогашната влада“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа ќе значеше дека идните покачувања на минималната плата нема автоматски да влијаат врз останатите плати во јавниот сектор. На тој начин ќе се прекинеше линеарниот раст и ќе се ослабеше заштитниот механизам за работниците.
Друг факт е дека финалната верзија на измените не беше објавена на ЕНЕР, а синдикатите информираа дека со предлог-законот се запознале преку веб-страницата на Собранието. Немаше суштинска јавна расправа, ниту вистински дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет.
Во тој момент реагираше тогашното раководство на ССМ. ВМРО-ДПМНЕ како тогашна опозиција поднесе бројни амандмани со цел да се спречи донесувањето на ваквото решение.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе повеќе од 40 амандмани, меѓу кои и клучниот предлог минималната плата да остане составен дел од формулата за пресметка. Со тоа се обезбеди и понатаму платите да растат линеарно со растот на минималната плата.
Токму затоа денес, кога расте минималната плата, растат и другите плати.
Зошто се премолчуваат случувањата од 2024 година? Зошто Трендафилов не го кажува тоа?
Зошто не се говори дека со заедничка акција беше зачуван принципот минималната плата да остане основа за пресметка?
ВМРО ДПМНЕ тогаш не дозволи, со скратена постапка и европско знаменце, да се донесе решение што ќе беше на штета на работниците.
ВМРО ДПМНЕ е на страната на работниците.
Токму затоа за 10% се зголемија платите на полициските службеници, социјалните работници добија 20% повисоки плати, додека преку посебни колективни договори, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување.
Околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира системско покачување на платите за 40% до 2028 година.
Работниците заслужуваат сигурност а не дневнополитички конструкции од страна на СДС“, соопштува ВМРО-ДПМНЕ.

