Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Фабриката „Винчини“ во пламен, ангажирани пожарникари од повеќе градови

Голем пожар ја зафати фабриката за слатки „Винчини“ во Виница, каде што огнените јазици уништија магацини и неколку производствени погони.
Инцидентот бил пријавен денеска околу 18:40 часот во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112. Огнот избувнал во магацинскиот простор и брзо се проширил во производствените хали со редни броеви 6, 7 и 8, каде што биле складирани суровини и дел од опремата.
На местото веднаш интервенирале екипите на Територијалната противпожарна единица од Виница со неколку возила и пожарникари, но поради обемот на пожарот била побарана помош од соседните општини.
„Во гаснењето се вклучени и противпожарните сили од Кочани со сите свои капацитети, а дополнителна поддршка е побарана од Македонска Каменица и Штип,“ соопштија од ЦУК.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, изјави дека станува збор за специфичен урбан пожар, што бара исклучиво интервенција на професионални пожарникари и координација на повеќе општини.
Македонија
Познати победниците на трката „Голак Трејлс“ посветена на херојот Иле Гоцевски

Во чест на херојот Иле Гоцевски, возачот кој за време на несреќата во Кочани остана запаметен по својата храброст и пожртвуваност, денеска во Делчево се одржа првата планинска трка „Голак Трејлс“. Настанот беше организиран постхумно, како симбол на благодарност и почит кон неговото дело, но и како потсетник на човечките вредности што тој ги претставуваше.
На патеката долга 13 километри трчаа околу 200 учесници од повеќе македонски градови и гости од соседството. Атмосферата беше исполнета со спортски дух, силни емоции и порака дека спортот може да биде начин да се зачува споменот на оние кои оставиле трага.
Во машка конкуренција најбрз беше Ибрахим Мамудов од Штип, а во женска категорија победи Марија Пеликон од Скопје. Победниците истакнаа дека трката имала посебна тежина, бидејќи била посветена на човек чиј лик е симбол на храброст и пожртвуваност.
За првото место кај младите се истакна Калин Стефановски, ученик во осмо одделение, кој ја совлада патеката за два часа и ги повика своите врсници активно да се занимаваат со спорт.
Организаторите нагласија дека „Голак Трејлс“ не е само спортски предизвик, туку и почеток на нова традиција во Делчево.
„Со оваа трка ја оддаваме почит на Иле, но и испраќаме порака дека Делчево станува центар на планинскиот туризам и рекреација во источниот регион“, истакнаа тие.
Скопје
Пет лица повредени, една жена во критична состојба во сообраќајка во Скопје

Пет лица се повредени во сериозна сообраќајна несреќа што се случи вчера околу 19:30 часот на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти СВР Скопје.
Според полицијата, несреќата се случила помеѓу патничкото возило „голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од З.С. (41), и „поло“ управувано од А.Ш. (30). Најтешко повредена е сопатничката од „поло“ возилото, Х.С.Ш., додека возачот А.Ш. и другата сопатничка Ш.Ш. (57) се здобиле со телесни повреди.
Повреди добиле и возачот на „голф“ З.С. и неговиот сопатник Ѓ.Х. (42), кои се згрижени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот, а причините за сообраќајката се во тек на истрага.