Свет
Европската комисија предлага нова безбедносна стратегија, меѓу мерките е и значително зајакнување на Европол
Европската комисија во вторник предложи нова стратегија за внатрешна безбедност наречена „Протект ЕУ“, која меѓу другото вклучува значително зајакнување на Европол, европската агенција за полициска соработка.
Целта на новата стратегија е да се олесни координираната акција, да се продлабочи соработката преку размена на информации и да се подобри отпорноста и колективната способност на ЕУ за спречување и откривање на безбедносни закани и ефективно реагирање на нив.
„Безбедноста е еден од клучните предуслови за отворени, динамични општества и успешна економија. Затоа денеска покренуваме важна иницијатива за подобра борба против безбедносните закани како што се тероризмот, организираниот криминал, растечкиот сајбер криминал и нападите врз нашата клучна инфраструктура“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Меѓу другото, стратегијата „Протект ЕУ“ предвидува нов, посилен мандат на Европол, кој треба да стане оперативна полициска агенција за зајакнување на поддршката за земјите-членки.
Европол има над 1.400 вработени кои имаат задача да им помагаат на земјите-членки во борбата против организираниот криминал, тероризмот и сајбер нападите.
Комисијата сака двојно да го зголеми бројот на вработени во Европол.
„Секојдневно слушаме дека криминалците се чекор пред нас. Ова може да се промени само ако ги зајакнеме нашите агенции за спроведување на законот, па затоа ќе предложиме Европол да стане движечка сила на европската безбедност со удвојување на неговиот персонал, зајакнување на неговиот мандат и подобрување на неговата ефикасност“, рече комесарот за внатрешни работи Магнус Брунер.
Сегашниот мандат на Европол не ја вклучува борбата против хибридните закани и саботажи, што треба да се промени. Следната година комисијата ќе предложи закон за промена на мандатот на Европол.
Со новиот мандат, Европол треба да има поголема улога во истрагата на прекуграничните, обемни и сложени случаи кои претставуваат сериозна закана за внатрешната безбедност на Унијата, би се обезбедила поблиска соработка со другите агенции на ЕУ, особено со Европравда и ЕЈПО.
Целта на зголемената поддршка на Европол треба да биде зајакнување на капацитетот на земјите-членки за спроведување на ефективни истраги со помош на дигитална форензика, декрипција, обработка на зголемени количини на податоци, оперативна употреба на нови и иновативни технологии, сузбивање на нелегалниот профит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски дипломат: На работ сме на договор за мир во Украина
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави во интервју за Еј-Би-Си дека верува оти страните во војната се „на работ“ на дипломатско решение што би го завршило руско-украинскиот конфликт.
„Подготвени сме да постигнеме договор“, рече Рјабков, додавајќи дека се надева оти спогодбата може да биде постигната „поскоро отколку подоцна“.
Неговите изјави доаѓаат откако претставници на американската администрација сигнализираа дека мировен договор можеби е поблизу од кога било, наведувајќи дека околу 90 проценти од спорните прашања веќе се решени.
И покрај оптимистичкиот тон, Рјабков повтори дека Русија не се откажува од контролата врз Крим, како и врз делови од украинските области Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, што Киев ги смета за неприфатливи услови.
Тој истакна дека Русија нема да прифати присуство на НАТО-сили во Украина, дури ни како безбедносна гаранција по завршувањето на војната.
Разговорите се водат со посредство на САД, како дел од мировната иницијатива на Белата куќа за ставање крај на руската инвазија започната во февруари 2022 година.
Свет
Мерц: САД се подготвени за обврзувачки безбедносни гаранции за Украина
САД се подготвени да преземат правни безбедносни гаранции слични на член 5 од Договорот за НАТО. Ова го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц, цитиран од „News.LIVE“. Повоениот мир за Украина мора да биде обезбеден со материјални и правни гаранции од САД и Европа, нагласи германскиот канцелар Мерц, додавајќи дека сојузниците повеќе нема да ги повторуваат „грешките од Минските договори“.
Овие гаранции треба да бидат сеопфатни, истакна Мерц, додавајќи дека нивната специфична содржина ќе биде разгледана подоцна: „Во случај на нов напад од страна на Руската Федерација, Украина би можела да се одбрани не само сама, туку и со поддршка на оние земји што ќе ги преземат обврските“.
Според канцеларот, Европејците ѝ ги предале на Русија своите предлози за обезбедување безбедносни гаранции и „топката сега е во дворот на Москва“. Мерц го повика Кремљ да покаже дека навистина сака мир и да се согласи на целосно прекин на огнот со Украина за време на божиќните празници.
Веќе има сигнали од украинската страна и од водечките земји од ЕУ дека е можно на крајот да има договор меѓу САД и Украина за тоа како треба да изгледа идниот мир. Но, Русија сепак ќе мора да биде убедена, дури и ако Украина и САД на крајот постигнат договор за Донбас. Американската страна, исто така, била задоволна од тоа како се одвивале преговорите, тврди Ројтерс, врз основа на свои извори.
„Разговорите не се лесни, но се продуктивни“, коментираше украинскиот претседател Володимир Зеленски и потврди дека Украина и САД имаат различни ставови за судбината на Донбас.
depositphotos
Свет
Зеленски: Не е постигнат компромис за територијалното прашање за време на преговорите во Берлин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека позициите на САД и Украина за поделбата на териториите сè уште се разликуваат. Тој го објави ова за време на заедничката прес-конференција со Фридрих Мерц на Германско-украинскиот економски форум, пренесува „Европејскаја правда“.
Тој нагласи дека САД дејствуваат како посредник во овие преговори.
„Секако, не сите прашања се едноставни. Постојат сложени работи, особено во врска со териториите. Секако, сите го покренуваат ова прашање. И тука е важно сите ние да работиме на тоа ваквите прашања да се решат апсолутно праведно. Дијалогот за териториите не беше доволен и ми се чини дека досега имаме различни позиции, да бидам искрен, но мислам дека колегите го слушнаа мојот личен став“, рече Зеленски.
Во исто време, тој истакна дека е постигнат напредок по многу прашања за време на неодамнешните преговори.
„Навистина имаше напредок по многу прашања. Искрено, не знам како Русија ќе го перцепира ова – во однос на релевантните резултати од нашите разговори“, нагласи украинскиот шеф на државата.
Во Берлин се одржа состанок на украинската делегација предводена од Володимир Зеленски со претставници на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Стив Виткоф денес објави значителен напредок во преговорите.
depositphotos

