Македонија
Во касарната во Петровец одбележан денот на првата пешадиска бригада
Денес во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, најголемата борбена единица во Армијата, Првата пешадиска бригада (1.пбр) од составот на Kомандата за операции (КО), го одбележа Денот на единицата.
На одбележувањето присуствуваа министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, пратеници од Собранието, поранешни команданти на единицата, воените аташеи, претставници на локалната самоуправа и институциите со кои соработува единицата и други гости.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, честитајќи им го Денот на единицата на припадниците на бригадата, истакна дека оваа единица е колевка на слободарските традиции од народноослободителната борба, но и единица чии високи критериуми и стандарди во обуката се посветено и напорно градени низ повеќе трансформации. „Затоа со гордост ќе истакнам дека годинава, кога навршуваме пет години од нашето полноправно членство во НАТО, токму оваа единица беше поле каде се создаваа стандарди, се градеа критериуми за интероперабилност и каде оперативната способност најчесто беше презентирана пред партнерите од Алијансата“, истакна генералот Ѓоргоски.
Командантот на бригадата, бригаден генерал Дејан Чиплаковски потенцираше дека Првата пешадиска бригада е примарниот капацитет при исполнувањето на обврските произлезени од членството во НАТО, дефинирани преку целите на способности. „Нашата посветеност кон НАТО останува непоколеблива и не затоа што тоа е единствениот пат, туку затоа што тоа е вистинскиот пат. Оваа година го одбележуваме јубилејот – пет години од полноправното членство во НАТО. Пет години во кои многу пати досега покажавме дека заедно сме посилни, без разлика дали учествуваме во меѓународни мисии, обуки, вежби или помагаме во справување со последиците од елементарни непогоди“, наведе генералот Чиплаковски.
На одбележувањето беа доделени и НАТО медали на припадниците од составот на 1.пбр, кои беа распоредени во мировни мисии во изминатиот период, стимулативни мерки за припадници на бригадата, а беше прогласена и најдобрата единица во бригадата, признание кое оваа година го доби втората чета од 2. пешадиски баталјон.
Командантот на 1.пбр, генералот Чиплаковски, во знак на одличната соработка и придонесот во градењето на борбената готовност и обученоста на единицата, на министерот за одбрана и на началникот на Генералштабот на Армијата им врачи плакета со лого на единицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манасиевски: Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст
Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економска конкурентност и нов модел на раст, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање на модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции. Нашата економија мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност. Вториот стожер кој денес го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурна трансформација, односно од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар“, рече тој.
Манасиевски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ има конкретни чекори и план како да стигнат до оваа реализација.
„Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринг да бидат нашите двигатели на новата економија. Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот. Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска“, рече Манасиевски.
Додаде дека последен чекор во овој стожер, но и многу важен е зелена транзиција и енергетска независност.
„Работиме на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии“, рече Манасиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски и францускиот амбасадор разговараа за развојот на Скопје и партнерството со Дижон
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна средба со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер. На состанокот беше претставена визијата за долгорочен развој на Скопје, заснована на одржливи политики, европски стандарди и продлабочена меѓународна соработка.
Разговорот опфати и унапредување на партнерството со збратимениот град Дижон, како и можности за нови заеднички проекти и иницијативи од интерес за граѓаните на главниот град.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во својата изјава го нагласи стремежот Скопје целосно да ги интегрира европските стандарди во економскиот развој, културата и зелените политики. Амбасадорот Ле Риголер ја изрази подготвеноста на Франција да сподели искуства и иницијативи кои можат да придонесат за подобрување на инфраструктурата и квалитетот на живот во Скопје.
Двете страни ја истакнаа важноста од континуирана институционална комуникација и координација, со цел отворање нови можности за партнерства и долгорочни проекти.
Ѓорѓиевски оцени дека соработката ќе придонесе Скопје да продолжи да се развива како современ европски град, ориентиран кон иновативни решенија и меѓународна отвореност.
Македонија
Повторно блокиран граничниот премин „Богородица“
Од 11 часот сообраќајот на ГП Евзони (Богородица) е блокиран за влез и излез, информира АМСМ. Преминот беше блокиран и вчера поради штрајк на земјоделците.
Од 09 до 13 часот на ГП Ники (Меџитлија) сообраќајот е блокиран само за товарни возила и автобуси.
На ГП Дојран сообраќајот се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

