Македонија
Не ја загадивме Крива Река: раководството на „Тораница“ контра градоначалникот на Крива Паланка
Компанијата “Булмак 2016“ денес одржа конференција за медиуми во чии рамки на присутните новинари им беа презентирани лабораториските наоди добиени од земените мостри вода веднаш по настанувањето на дефект на водоводна цевка (поставена на околу 2м под земја) на 14.03.2025 година кога истече јамска (подземна) вода во Тораничка Река. На конференцијата кон присутните се обратија г-дин Тони Тоневски, Директор на “Булмак 2016“, г-дин Антонио Антовски, Директорот на Рудник “Тораница“ – Крива Паланка, како и г-дин Љупчо Георгиевски Инженер за животна средина во “Булмак 2016“.
„Во согласност со добиената “А“ – Интегрирана еколошка дозвола, со бр. УП1-11/3-762/2016, добиена во Јуни 2019 година, а со важност до Јуни, 2026 година, утврдено е дека подземните природни јамски води од Рудникот “Тораница“ се зафаќаат со цевковод и се пренесуваат до Флотацијата на рудникот за употреба како техничка вода. Дополнително, со дозволата е уредена и процедурата за работа во случај на настанување на евентуални технички проблеми според која, по настанувањето на дефектот на цевководот – пукање на цевка која ја носи јамската вода кон Флотацијата на рудникот, веднаш се преземени сите мерки и запазени се сите протоколи и начини на работа. По писмен пат известен е Државниот Инспекторат за Животна Средина (ДИЖС), со образложение дека е настанат технички проблем. Согласно протоколите за работа, веднаш е сопрен протокот на јамската водата и преминато е кон санирање на дефектот. Целокупното времетраење на излевање на вода како резултат на дефектот се одвивало 30 минути, а истекувањето на вода е целосно сопрено во 7:00 часот. Истечени се околу 300 м3 јамска вода од цевката директно во Тораничка Река (вода од категорија III). Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии (ситни честички и зрна од карпести материјали) мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошки процес од Флотацијата на Рудник “Тораница“. Тоа значи дека краткорочното заматување на Крива Река е како резултат на поројот од надојдената вода која со себе влечела земја, песок и кал. Исто така, од една точка – пред вливот на Тораничка Река во Крива Река, согласно протоколите за работа и Законот за Животна Средина земен е примерок од 1,5 литри вода за анализа, кои се понатаму предадени за обработка во акредитираната лабораторија “Еуромак Контрол“.
Добиените наоди од лабораториската анализа укажуваат дека нивото на цијанид е пониско од граничните вредности за води од трета класа како што е Тораничка Река.
Односно, граничната вредност за цијаниди за води од трета класа (Службен Весник на Р.М бр. 18/1999), изнесува 100 микрограми на литар, а измерената концентрација е помалку од 10 микрограми на литар. За илустрација и за да јавноста и граѓаните бидат смирени, измерената концентрација е пониска од граничната вредност за присуство на цијанид во водата за пиење, која согласно Правилникот за барање за безбедност на квалитетот на водата за пиење, објавен во Службен Весник на Р.М. до број 183/2018 изнесува 50 микрограми на литар. Граничната вредност за арсен за води од трета класа изнесува 50 микрограми на литар, а измерената концентрација на арсен е 0,35 микрограми на литар, вредност која е безбедна и помала од граничната од 10 микрограми на литар утврдена со Правилникот за барање за безбедност на квалитетот на водата за пиење. Во моментот кога се земени примероци од Тораничка Река, на гранична вредност за олово од 30 микрограми на литар за води од трета класа согласно Службен Весник на Р.М. број 18/1999, измерена е вредност од 52,8 микрограми на литар. За појаснување – самата јамска вода содржи концентрација на различни минерали кои ги апсорбира од природата (Регион со исклучително многу минерали), параметар кој во вакви природни води (и во ваков Регион) варира од 5 до 100 микрограми на литар. Измерената вредност за присуство на цинк изнесува 514 микрограми на литар, наспроти граничната вредност од 3.000 микрограми на литар утврдена со Правилникот за барање за безбедност на квалитетот на водата за пиење. Граничната вредност за никел за води од трета класа изнесува 100 микрограми на литар, а измерената концентрација е помала, односно 2,5 микрограми на литар. Покрај ова, граничната вредност за манган за води од трета класа изнесува 1.000 микрограми на литар, а измерената концентрација е помала, односно 541 микрограми на литар. Граничната вредност за железо за води од трета класа изнесува 200 микрограми на литар, а измерената концентрација е во рамки на граничната вредност, односно 124 микрограми на литар. Граничната вредност за присуство на жива во води од трета класа изнесува 1 микрограм на литар, додека измерената концентрација е помала од 0,2 микрограми на литар.
Дополнително, како дел од редовните активности, “Булмак 2016“ спроведува анализи на водата. Во оваа насока, на 26.03.2025 година земени се мостри вода од две точки – од отпадните јамски води (таложникот на Рудникот), класифицирани како води од трета класа (Категорија III), како и од Крива Река, која е класифицирана во втора класа (Категорија II). Согласно добиените параметри од анализата, СИТЕ измерени вредности од земениот примерок од отпадните јамски води се во НОРМАЛАТА за трета класа вода. Исто така, СИТЕ измерени вредности од земениот примерок од Крива Река се во НОРМАЛАТА за втора класа вода, со исклучок на евидентирано мало зголемување на кадмиум кој не е резултат, не се експлоатира и не се користи во работењето и технолошките процеси на Флотацијата во Рудникот.
Добиените наоди укажуваат на тоа дека со тековната работа, “Булмак 2016“ НЕ ПРИДОНЕЛ за загадување на Крива Река ниту пак предизвикал еколошка катастрофа, како што тоа беше прикажано во изминатите денови. Резултатите и од двете спроведени мерења (на денот на техничкиот проблем – 14.03.2025 година и на ден 26.03.2025 година), недвосмислено покажуваат дека доколку навистина имало загадување или еколошка катастрофа на Крива Река, причинител за тоа не е рудникот “Тораница“ и “Булмак 2016“. Дополнително, изричито ПОТВРДУВАМЕ ДЕКА НИТУ ЕДЕН РАБОТНИК во вршењето на работните задачи не придонел кон настанување на техничкиот проблем – пукање на цевката која врши пренос на исклучиво јамска вода што никако не содржи елементи од суровини кои се користат во преработката на рудите во Флотацијата на рудникот. Како дополнување, согласно потврдените информации од риболовното друштво “Мрена“ од Крива Паланка, ниту на 14.03.2025 ниту потоа, не е констатиран помор на риби во Крива Река.
Оттука, порачуваме на сите граѓани кои живеат и работат во еко системите на Тораничка Река и Крива Река дека од тековното работење на рудникот “Тораница“ НЕ ПОСТОИ никаква опасност по нивното здравје.
Повторно апелираме и бараме сите надлежни органи и институции да постапат во правец на изнаоѓање на вистинските причинители на еколошка катастрофа, доколку се утврди дека таа навистина постои“, посочуваат од компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.

