Македонија
„Предупредувањата на Демократската унија за интеграција денес во 14 часот ќе добијат облик“, велат од ДУИ
„На јавна сцена денес ќе ни биде демонстрирана моноетничката коалиција чија основна цел е да го преобликува политичкиот модел на државата од мултиетничка, во моноетничка демократија“, велат од ДУИ.
„Иако на јавноста ќе ѝ бидат презентирани поинакви точки, дозволете да ви го презентираме дневниот ред на денешната средба кој нема да го видите во јавноста:
Точка 1: Неказнивоста. Како да не одговарамат. Каков правосуден систем им треба за да можат да продолжат да се напаѓаат во јавноста, но суштински меѓусебно да се заштитат дури и кога во прашање ќе дојдат трагедии како онаа во Кочани
Точка 2: Како да се отстранат Албанците од сите нивоа на власт во државата, и потоа да се држат на периферијата на општествените текови
Овој план не е нов, туку е скорен пред три години преку ноторниот договор Мицкоски-Заев пред сѐ како заштитен чадор за транзициската олигархија во земјава.
Планот веќе се реализира преку укинувањето на Балансерот, моноетничкото одлучување на Уставниот суд, но и отстранувањето на Албанците од голем број високи позиции во државната управа.
Треба да се напомене дека реализацијата на овој план е невозможна без да се пронајдат „чесните Албанци“ кои треба да обезбедат лажна легитимација за мултиетнички консензус на ова политичко преструктуирање.
Го повикуваме целит политички и неполитички спектар на албанците во државава, вклучително и лидерите на коалицијата ВРЕДИ, заедно или секој посебно, да изразат јасен и гласен револт против овој обид за реструктуирање на државата и да не дозволат да бидат вовлечени во планот за целосна дисквалификација на Албанците од општествените текови“, соопштуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

