Свет
(Видео) Торнада и бури ги погодија САД: затворени училишта, превртени автомобили…
Силни бури и торнада ги опустошија југот и средниот запад на САД, при што загинаа најмалку седум лица. Беа урнати далноводи и дрвја, уништени се домови и превртени се автомобили во неколку сојузни држави, пишува „Гардијан“.
Невремето, придружено со серија торнада, предизвика најмалку седум смртни случаи во Тенеси и во Мисури, а се очекува бројот на жртвите да расте. Една од идентификуваните жртви е 68-годишниот Гери Мур, началник на пожарникарите од округот Кејп Жирардо, Мисури. Заедно со загинатите, повредени се најмалку дванаесет лица.
Белата куќа го одобри барањето на Тенеси за прогласување вонредна состојба бидејќи зголемените поплави му се закануваат и на главниот град Нешвил. Индијана исто така прогласи вонредна состојба. Властите активираа 50 припадници на Националната гарда поради моќното невреме што погоди 41 округ во државата.
„Во вакви моменти јас сум им неверојатно благодарен на војниците што се на терен и ги чуваат граѓаните на Индијана безбедни“, рече гувернерот Мајк Браун. Бурата се движи кон исток откога остави повеќе од 213.000 дома без струја – од Тексас до Охајо.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за висок ризик од пороен дожд за делови од Арканзас, Тенеси и Кентаки, каде што се очекуваат големи поплави во следните два дена. Десетици предупредувања за торнадо и предупредувања за силни грмотевици беа издадени во Арканзас, Илиноис, Индијана, Мисури и во Мисисипи прексиноќа. „Ова е животозагрозувачка ситуација, веднаш побарајте засолниште“, се предупредени граѓаните.
Во Мисури, според полициските соопштенија, загинало најмалку едно лице, а извештаи за голема материјална штета доаѓаат од неколку држави. Во Лејк Сити, Арканзас, куќи се срамнети со земјата, откорнати се дрвја и превртени се автомобили.
Во делови на Тенеси на жителите им беше наредено да не ги користат патиштата поради големи количества отпад. Неколку училишни области ги затворија училиштата или најавија премин на онлајн-настава поради очекуваното невреме, јавува „Ведр ченл“.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, вчера ги обиколи погодените области и рече дека е премногу рано да се даде конечна бројка на загинати бидејќи потрагата сè уште е во тек. Ретко предупредување за торнадо беше издадено прексиноќа во областа околу Блитвил, Арканзас, кога беше откриено дека торнадото исфрлило остатоци до височина до 7.600 метри.
„Можам да кажам дека ситуацијата во тие области, особено наутро кога ќе се раздени, ќе биде навистина страшна“, рече метеорологот на Националната метеоролошка служба, Чели Амин, за „Асошиетед прес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пукање во Турција: убиени тројца полицајци и шест члена на ИСИС
Тројца турски полицајци беа убиени, а девет други ранети во размена на оган со членови на терористичката група Исламска држава за време на антитерористичка операција во покраината Јалова, соопштија властите.
Судирот се случил околу 3 часот наутро по локално време кога полицијата извршила рација во куќа во селото Елмалик, на девет километри од центарот на Јалова на северозападниот дел од земјата. Се претпоставувало дека членови на Исламската држава престојуваат во куќата.
Осомничените отвориле оган кога полицијата се приближила. Според достапните информации, шест члена на Исламската држава биле убиени во судирот. На ранетите полицајци им била укажана медицинска помош во Болницата за обука и истражување во Јалова.
Специјалните сили од соседната провинција Бурса исто така беа вклучени во операцијата, а безбедноста околу местото на настанот беше дополнително засилена. Наставата беше прекината во пет блиски училишта, а патиштата што водат до куќата беа затворени.
Турскиот регулатор за електронски медиуми воведе привремена забрана за известување за инцидентот, со упатства за објавување само официјални информации. Операцијата доаѓа во време кога турските власти ги засилија антитерористичките напори пред новогодишните прослави по предупредувањата од разузнавањето за можни напади од страна на Исламската држава.
На 25 декември полицијата во Истанбул приведе 115 осомничени членови на Исламската држава во рации на 124 локации по дојава дека групата планира напади за време на прославите на Божиќ и Нова година. Издадени се налози за апсење 137 лица, а полицијата заплени оружје и муниција. Потрагата по преостанатите 22 осомничени е во тек.
Фото: depositphotos.com
Свет
(Видео) Израелската армија доби ново моќно оружје – „Железниот зрак“
Израелското Министерство за одбрана објави дека првиот оперативен систем за пресретнување ракети со ласер со голема моќност, развиен од „Рафаел адвансд дифенс системс“, е испорачан на армијата вчера. Системот се нарекува „Железен зрак“.
Системот, кој успешно пресретна ракети, минофрлачки гранати и беспилотни летала за време на обемни тестирања, ќе биде преземен од воздухопловните сили и интегриран во повеќеслоен систем за воздушна одбрана, заедно со постојните системи Iron Dome, David’s Sling и Arrow.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, го нарече предавањето историски момент велејќи дека тоа е првпат во светот систем за пресретнување со ласер со голема моќност да достигне оперативна зрелост. Тој додаде дека системот ги менува правилата на играта и испраќа јасна порака до сите непријатели – не нè искушувајте.
Генералниот директор на Министерството за одбрана, Амир Барам, изјави дека испораката означува премин од фазата на развој кон сериско производство нарекувајќи го „Железниот зрак“ само почеток на технолошка револуција. Тој нагласи дека се очекува системот значително да ги подобри одбранбените способности на Израел, но и односот на трошоците помеѓу заканите и скапите пресретнувачи.
Свет
(Видео) Камерите ја уловија реакцијата на Зеленски на изјавата на Трамп дека Путин сака Украина да успее
Камерите ја снимија реакцијата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека рускиот претседател Владимир Путин сака Украина да успее.
По разговорот во одморалиштето Мар-а-Лаго, Трамп и Зеленски одржаа заедничка прес-конференција. Додека повеќето камери беа фокусирани на говорникот, официјалната камера на Белата куќа ги прикажа двајцата лидери во ист кадар, при што беше забележана реакцијата на Зеленски.
Trump:
Russia wants to see Ukraine succeed. It sounds a little strange.
Putin was very generous in his feeling toward Ukraine succeeding. pic.twitter.com/tiBk5lB0nz
— Clash Report (@clashreport) December 28, 2025
На прашањето дали Русија би можела како дел од евентуален мировен договор да помогне во обновата на Украина, Трамп одговори дека разговарал за тоа со Путин и дека Русија ќе помага. Тој додаде дека Путин бил многу великодушен и дека сака Украина да успее, вклучително и преку енергетска поддршка по ниски цени.
На оваа изјава Зеленски ги подигна веѓите, ја навали главата и се насмевна.
Трамп изјави и дека со Путин разговарал околу два и пол часа, при што била спомната и нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата во Европа, која Русија ја зазеде во 2022 година и која моментно не е во функција. Според Трамп, Путин соработува со Украина за повторно активирање на централата и не дозволил таа да биде цел на напади.

