Македонија
Mуцунски: Трагедијата во Кочани уште еднаш покажа колку е важна соработката со соседите
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за грчкиот дневен весник „Та Неа“ зборуваше за билатералните односи меѓу двете земји, поддршката по трагедијата во Кочани, како и за регионалната стабилност и безбедност и заедничките предизвици и приоритети во рамките на НАТО Алијансата.
Муцунски истакна дека трагедијата во Кочани е една од најтешките со кои се соочила државата во поновата историја, нагласувајќи дека европското единство повторно излезе на површина, а Механизмот за цивилна заштита на ЕУ се покажал како клучен инструмент за справување со последиците од оваа катастрофа. Тој во интервјуто ја повтори благодарноста до грчката влада и до грчкиот народ.
„Грчките болници ги примија првите пациенти евакуирани од нашата земја и продолжуваат да им обезбедуваат врвна нега. Поддршката во вакви моменти претставува силен одраз на вистинско пријателство меѓу нашите две земји – однос што мора да продолжиме да го негуваме и градиме“, истакна Муцунски.
Осврнувајќи се на билатералните односи, министерот ја истакна средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис на маргините на Генералното собрание на ОН во септември 2024 година, како значаен чекор во зајакнувањето на дипломатскиот ангажман.
„Постои голем потенцијал за проширување на соработката – во трговијата, инфраструктурата и енергетското поврзување. Но, мора да ги продлабочиме и врските во областа на економијата и културата, каде што меѓусебното разбирање и заедничкиот развој можат да создадат долгорочна доверба и просперитет.
Поттикнување на деловни партнерства, туризам, студентски размени и културни програми може уште повеќе да ги приближи нашите народи. Како НАТО-сојузници и непосредни соседи, имаме заеднички интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет – особено преку целосна регионална интеграција во Европската Унија“, вели Муцунски.
Говорејќи за односите помеѓу двете држави, Муцунски во интервјуто оценува дека македонската влада е цврсто посветена на одржување одлични односи со сите наши соседи, а трагедијата во Кочани уште еднаш покажала колку е важна оваа соработка.
Во делот посветен на актуелната геополитичка состојба и партнерството во рамките на НАТО, министерот го нагласува значењето на единството меѓу сојузниците во услови на зголемени безбедносни предизвици.
„Единството останува темел на нашата заедничка стабилност и безбедност. Како членки на НАТО, сите носиме индивидуална и колективна одговорност за одржување на кохезијата и одбрана на вредностите што нѐ издвојуваат од авторитарните режими. НАТО и понатаму игра централна улога во обезбедувањето на безбедноста – не само за нашите две земји, туку и за поширокиот евроатлантски простор. Убеден сум дека оваа улога ќе остане клучна и во годините што доаѓаат. Соочени со сè покомплексни безбедносни предизвици, мора да пристапиме со единство. Колективната одбрана, отпорноста и одвраќањето се клучни за заштита на сите земји-членки. САД остануваат наш клучен сојузник и стратешки партнер. Ова партнерство се покажало многупати уште од нашата независност. НАТО обезбедува платформа за справување со суштински безбедносни прашања и за сите членки – вклучително и САД – да водат значајни консултации“, истакнува министерот во интервјуто.
Муцунски зборува и за претстојниот НАТО самит во Хаг, нагласувајќи дека земјите-членки ќе имаат можност да ја оценат моменталната состојба и да донесат одлуки по клучни прашања – инвестиции во одбраната, поддршка за Украина, регионални партнерства и стратешки предизвици.
„Убеден сум дека НАТО ќе биде подготвен да одговори на моментот и ќе продолжи да биде столб на нашата заедничка безбедност – посилен и пообединет во времето што доаѓа“, заклучува Муцунски во интервјуто за „Та Неа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

