Македонија
Членовите на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО во посета на касарната “Илинден”

Членовите на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО кои се во неколкудневна посета на нашата земја, денеска заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски ја посетија касарната „Илинден“ во Скопје.
Делегацијата беше пречекана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, како и високи претставници на Министерството за одбрана и Армијата.
За време на посетата, членовите на ПК на НАТО, имаа можност да проследат неколку показни вежби на Армијата со кои се прикажа обученоста на припадниците на Армијата при изведување на комплексни сценарија. Во Домот на Армијата беа брифирани за развојот на македонската Армија и одбраната „Оваа годишнина служи како потсетување дека нашето место во Алијансата е резултат на повеќе децениски труд, а нашата иднина е изградена на принципите на колективна одбрана, солидарност и соработка“ истакна генералот Лафчиски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Дебакл на надворешната политика, а Муцунски прави партизација на МНР како филијала на ВМРО-ДПМНЕ, вели Бејта

Од моментот кога Тимчо Муцунски стана министер, сведоци сме за целосен дебакл на надворешната политика и на целосна партизација, непрофесионалност и урнисување на Министерството за надворешни работи како институција, кажа на прес-конференција Фатон Бејта од СДСМ.
Според него, под раководство на Муцунски, резултатите на надворешен план се поразителни.
„Македонија нема ниту еден успех, само порази и чекор по чекор тоне во дипломатска изолација.
Наместо стратешка и државничка надворешна политика, имаме непочитување на основните принципи на професионалност, законитост и еднакви можности во кариерата.
Министерството за надворешни работи Муцунски го претвори во партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ.
Муцунски поставува кадри без елементарно познавање на дипломатијата, кои не ги исполнуваат основните критериуми“.
Пример, како што истакна Бејта е Веле Трепевски, кој според него, без соодветни квалификации Муцунски го поставил за директор за организациони работи, а сега е предложен и за амбасадор во соседна Албанија.
„Единствена негова работа е заедно со државната секретарка Елена Кузмановска, да врши масовни партиски унапредувања на кадри блиски до ВМРО-ДПМНЕ – по налог на Муцунски а на штета на искусни и стручни дипломати.
Без закон, без морал – само со партиска припадност.
Ќе набориме неколку флагрантни примери:
-Горан Трајков, сопруг на Викторија Трајков, е унапреден во министер-советник без да ги исполнува законските критериуми.
-Никола Гугоски, синдикален претставник што работи под партиски директиви на ВМРО-ДПМНЕ, е унапреден и испратен во Истанбул.
-Васко Дамчевски, поранешен градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и учесник во настаните од 27 април 2017, е унапреден двапати и сега оди во Конзултатот во Солун како ополномоштен министер – токму таму каде што му студира детето.
Партизацијата продолжува и преку злоупотреба на системот за испомош:
Дипломат кој пред два месеца се вратил од мандат, веќе е испратен во Париз. Исти практики гледаме и во Берлин и други дипломатски мисии“.
Бејта подвлекува дека над 20 лица се ангажирани со договор за дело, а дел од нив не се ни појавуваат на работа.
„Без никакво објаснување амбасадорот Весел Мемеди е вратен во Италија, иако законскиот рок за усогласување на ставовите за неговиот статус одамна е поминат.
Ова е уште еден доказ дека Муцунски ја води дипломатијата како приватна сопственост, а институциите ги третира како филијали на ВМРО-ДПМНЕ.
Во исто време, во самото Министерство владее хаос: Често нема вода во тоалетите, не работи системот за ладење, недостасуваат основни материјали за работа“.
СДСМ, како што нагласи, ќе се спротивстави на ваквата партизација, газење на дипломатијата и угледот на земјата.
Упати апел до претседателката Силјановска да регира согласно своите надлежности и да не дзоволи да стане соучесник во овој институционален распад.
Македонија, потенцира тој, заслужува достоинствена дипломатија, професионална, независна и стратешки ориентирана.
Македонија
(Видео) Лефков: Доколку Бугарија е искрена, нема зошто да ескивира од заедничка Резолуција пред ЕП за заштита на македонскиот идентитет и јазик

Се уште очекуваме став од Бугарија за предлогот на претседателот Мицкоски, за заедничка Резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик пред ЕП, мистакна на прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние го изнесовме овој предлог од две причини: Доколку Бугарија е искрена, и не го оспорува нашиот идентитет и јазик, тогаш ќе прифатат и заедно ќе ја поднесеме Резолуцијата.
Доколку Бугарија не е искрена, тогаш ќе ескивира по секоја цена“.
Во моментот сме сведоци, додава Лефков, дека Бугарија бега од идејата, а со тоа покажува став кон Македонија, кој не е демократски, не е добрососедски, ниту пак е човечки.
„Гласините кои ги слушаме од некои кругови во Бугарија, го отсликуваат наративот кој Русија го има кон Украина, со целосна негација на нашата самобитност.
Ние знаеме кои сме и целиот свет знае кои сме. Но, фактот што Бугарија го негира тоа, и сака во темел да ги поткопа основните човекови права, дава јасен знак дека сите треба да се запрашаме зошто е тоа така и ќе остави ли ЕУ да бидеме жртва на политики од 19 век, политики на негација на самобитноста исти по размер како тие Русија што ги применува врз Украина“.
Македонија, нагласува Лефков, е пред се добар сосед, држава членка на НАТО, држава која дала и дава свој придонес кон европската безбедност и единствено нешто кое го сакаме, како што рече, како народ, е да бидеме почитувани и да имаме третман како сите останати.
Македонија
(Видео) Државата се брани со сојузници и опрема, први во регионот потпишавме Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, вели Муцунски

Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во видео објавено на социјалните мрежи, укажува за важноста и придобивките од безбедносното партнерство со Европската Унија, при што ја потенцира важноста што нашата држава е прва од регионот што потпиша вакво партнерство со ЕУ.
„Државата не се брани со зборови. Се брани со сојузници, опрема и знаење. Заедничките вредности не се декларираат, се штитат и се живеат“, вели Муцунски.
Тој нагласува дека преку ова партнерство државата добива 15 милиони евра поддршка за Армијата, модерна опрема, обука, комуникациски системи и отпорност на нови закани, и дека ова е само почеток.
„Кон што целиме? Посилна армија. Вистинска безбедност и сигурност за граѓаните. Европска интеграција што не е само збор, туку реалност“, потенцира Муцунски.
„Ова не е симболика – ова е стратегија што ја живееме. Со дела“, порачува тој.
Минатата година државата потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ во Брисел го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.