Спорт
Иван Јуриќ повеќе не е тренер на Саутемптон

Иван Јуриќ повеќе не е тренер на Саутемптон, пренесува Фабрицио Романо. Фудбалскиот инсајдер на својот профил на социјалната мрежа „Х“, објави дека Јуриќ го напушта клубот кој не успеа да го задржи во Премиер лигата. Неговиот мандат во Саутемптон траеше од крајот на декември минатата година, односно 108 дена.
Јуриќ потпиша 18-месечен договор со англискиот премиерлигаш откако го раскина договорот со Рома. Хрватскиот тренер го наследи Расел Мартин, го презеде тимот со цел да го зачува статусот во Премиер лигата. На седум кола пред крајот на Премиер лигата, јасно е дека Саутемптон следната сезона ќе игра во Чемпионшип.
„Ова е голем предизвик, но јас сум оптимист бидејќи гледам тим кој може да биде подобар. Важно е веднаш да се поврзам со навивачите. Сакам агресивен тим и верувам дека тоа ќе им се допадне на навивачите на Саутемптон. Сакам да бидеме поагресивни, да притискаме повеќе. Ќе мора брзо да го промениме нашиот менталитет бидејќи тоа е мојата фудбалска идеја“, рече Јуриќ во декември по потпишувањето на договорот.
Јуриќ не успеа да го постигне тоа што го сакаше. На 14 натпревари на клупата на Саутемптон во Премиер лигата оствари една победа (Ипсвич 2:1), едно реми (Кристал Палас 1:1) и 12 порази.
Прелесно испаднавме од лигата и тоа е проблем на неколку нивоа. Сега е важно да ги разбереме сите грешки и да се обидеме да создадеме нешто добро“, изјави Јуриќ по испаѓањето.
Веста за заминувањето на Јуриќ се уште не е објавена на официјалните профили и страници на клубот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Торино сака да го задржи Елмас

Првиот човек на Торино, Урбано Каиро, сериозно размислува да го откуши договорот на Елиф Елмас од Лајпциг.
Македонскиот репрезентативец во Торино пристигна од Лајпциг во јануари на поозајмица, со можност да го откупи неговиот договор по завршувањето на сезоната.
Елмас досега одигра седум натпревари, постигна четири гола. Вчера беше стрелец во ремито 1:1 против Верона.
„Елмас? Ремек-дело е голот против Верона. Среќни сме што е тука, ќе се обидеме да го задржиме. Во овој момент не сме размислувале, ова прашање ќе го решаваме по крајот на сезоната“, изјави Каиро.
Кога потпиша за Торино, клубот доби опција по завршувањето на сезоната да го откупи од Лајпциг за 17 милиони евра.
Спорт
Сити нуди 275 милиони евра за Јамал

Манчестер сити планира да испрати понуда за Ламин Јамал со која би го соборил светскиот рекорд, пишува шпански „Фихаес“. Понудата би требало да изнесува 275 милиони евра, со што овој трансфер би бил најголем во историјата на фудбалот доколку Барселона била заинтересирана да го продаде најголемиот талент.
Иако има само 17 години, Јамал плени сите со своите вештини, визија и способност да направи разлика на теренот. Неговиот талент го привлече вниманието на најголемите светски клубови, а сега Манчестер сити изгледа подготвен да инвестира рекордна сума за да го обезбеди неговиот потпис.
Иако е тешко да се поверува дека Барселона би го пуштила токму така, финансиската понуда ги става Каталонците во тешка ситуација. Клубот веќе работи на продолжување на неговиот договор, бидејќи истиот трае до јуни 2026 година.
„Моментално се потпираат на неговата откупна клаузула од една милијарда евра. Преговорите би можеле да бидат долги, но вистината е дека неговата иднина останува неизвесна, а интересот на големите клубови како Манчестер сити може да го забрза целиот процес“, вели „Фихаес“.
Спорт
Напредуваат преговорите помеѓу Ливерпул и Ван Дајк

Ливерпул е на прагот да ја освои титулата во Премиер лигата, но паралелно со тоа се водат преговори околу нови договори со клучните играчи, Мохамед Салах и капитенот Вирџил ван Дајк.
Холанѓанецот, по вчерашниот меч со Фулам, кој Ливерпул го загуби со 3:2, откри дека има напредок во преговорите со клубот.
„Напредок има, но не знам дали ќе останам, ќе видиме. Тоа не го менува фактот дека го сакам клубот, ги сакам навивачите и едвај ја чекам неделата кога Вест Хем ќе дојде кај нас и сакам да ги израдувам навивачите“, изјави Ван Дијк.
На седум кола до крајот, Ливерпул има 11 бода повеќе од второпласираниот Арсенал.