Македонија
Вчера, 841 сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, 214 за брзо возење

Во текот на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа констатирани 841 сообраќаен прекршок. Согласно актуелните статистички трендови по однос на сторените прекршоци и натаму најбројни се прекршоците на непрописно паркирање 270, потоа санкционирани се 214 возачи за возење со брзина поголема од дозволената, како и 82 мерки за возење без возачка дозвола, извести МВР.
„Вчера, покрај ова, изречени се пет мерки за возење под дејство на алкохол, шест санкции за минување на затворен сигнал, а прекршочни пријави заработиле и шестмина пешаци. Исто така по основ на неносење сигурносен појас изречени се 65 санкции, 28 мерки по основ на недозволено користење на мобилен телефон при возење, а санкционирани се и шестмина мотоциклисти заради неносење заштитна кацига. Согласно, пак, Законот за возила од сообраќај се исклучени 17 нерегистрирани возила како и осум технички неисправни возила“, соопшти МВР и додаде дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Евакуирани македонски државјани од Израел, мајка и три деца слетаа во Атина

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека вчера беше реализирана евакуација на четири македонски државјани, односно едно семејство (мајка и три деца), со лет од Тел Авив до Атина.
Заклучно со денес, вкупниот број на евакуирани македонски државјани изнесува 12 лица – осум преку Египет со владин авион и четири преку Атина. Најголемиот дел од евакуираните се деца – седум од вкупно 12 лица.
Согласно информациите од дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, и имајќи го предвид прекинот на огнот во сила од 24 јуни и стабилизирањето на безбедносната состојба, државјаните кои првично беа подготвени за итна евакуација во моментов го одложуваат своето заминување. Рестрикциите поврзани со конфликтот со Иран се укинати, а училиштата, институциите и продавниците повторно функционираат.
Министерството, преку Амбасадата во Тел Авив, останува во редовна комуникација со сите граѓани кои изразиле интерес да го напуштат Израел, доколку повторно се јави потреба, и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста.
И понатаму останува во сила препораката да се избегнуваат патувања во земјите од Блискиот Исток.
Македонија
Заштитете се од труење на високите температури: водете сметка за рокот и начинот на чување на храната

Порастот на температурите, кој неделава според најавите на синоптичарите во одредени региони ќе го надмине четириесеттиот степен ги зголемува и потенцијалните ризици од појава на труење со храна и претставува потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се обезбедат доволни количини храна и вода за пиење.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство препорачуваат дека за да се спречи евентуална појава на труење со храна кај граѓаните, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има соодветни услови за чување и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
Во услови на високи температури, да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна да не се чува долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува.
Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
И за животните порастот на температурите претставува голем стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време.
Македонија
Земјотрес во Охрид и околината

Земјотрес со јачина од 2,4 степени е регистриран утрово во 3,59 часот на територијата на Охрид и околината.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава во 3 часот и 59 минути регистрира земјотрес чии епицентар потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга, 115 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.4“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.